Достапни линкови

„Неми филмови“ на Димоски - наративна мапа на животот во малите градови


„Неми филмови“ е насловена дебитанската книга раскази на младиот охриѓанец Димитар Димоски, што како 176 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ се појави деновиве.

„Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со малите урбани херои - ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено не`води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот“.

Ова ќе го напише во поговорот на дебитантската збирка раскази „Неми филмови“ на младиот охриѓанец Димитар Димоски, писателот Ненад Јолдески. Згора на тоа тој за ова дело публикувано како 176 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, појаснува дека „низ расказите провејува една топографска нестабилност, удвоени и исплетени нарации, а стилски книгата понекогаш продира отаде границите на магичниот реализам и надреализмот, па така авторот, доживувајќи го расказот како еден „краток миг“, мала мини експлозија, умешно го полни неговото јадро до самиот крај, до точка на потребен притисок кој завршува во малечок микрокосмос“.

Но кој е Димитар Димоски?

Роден 1992 година во Охрид, Димоски е член е на тамошниот литературен клуб „Григор Прличев“ и на два пати добитник на наградата на „Нова Македонија“ за расказите „Создавач на светови“ во 2014 и „Неми филмови“ две години подоцна. Тој едновремено е и авторот кому помеѓу овие две значајни признанија му припадна и награда „Живко Чинго“ за „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ во 2015 година.

Инаку, станува збор за дипломиран економист по интерен маркетинг на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје кој, пак, магистрирал Креативна продукција на Филмскиот институт во Охрид.

За својата прва објава, авторот Димоски вели: „Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина.

„Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Оттука, делото започнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го наговестува она што понатаму следи, а тоа е дека расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и надополнуваат во темите кои ги обработуваат. Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме“, вели авторот.

Димоски и со појаснување зошто се одлучил збирката раскази да ја наслови токму „Неми филмови“.

„Книгата е насловена според истоимениот расказ, кој освои втора награда на конкурсот за краток расказ на Нова Македонија во 2016 година. Впрочем, се одлучив токму така да ја именувам затоа што идејата, додека пишував, ми беше низ расказите да провејува некоја заедничка нишка, односно сите да се одвиваат во еден ист свет. Во голем дел од нив се споменуваат филмови и контрадикторно на тоа, ниту еден не е нем филм каков што е насловот на збирката, па тоа ми беше некаква игра на зборови, на ситуации, на време...филмско време, реално време... Од друга страна, морам да признам дека имам тешкотии да изберам наслов за расказ или име на лик. Додека работев на драматургијата на збирката, одлучив воведот во неа да биде со расказот “Неми филмови”, па оттука почувствував дека тоа е и насловот на збирката и дека нема да го менувам“, вели тој.

Прашан, пак за тоа, што понатаму, по првата објава Димитар знае да каже дека во последниов период ги средувал ракописите и дека тоа му одземало поголем дел од времето. Тој и со појаснување дека за расказите има некое чувство дека никогаш не се готови и дека нивното препишување и коригирање е процес кој што може да трае бесконечно. Конечно верува дека е така и со секоја друга книжевна форма.

„Сакам да продолжам со пишување, но откако ќе ми легне чувството дека сум дебитант автор и дека Или-Или ја издадоа мојата книга. Мене се ова ми е ново, се втурнувам во еден нов свет па сакам да го уживам тој момент. Имам ракопис кој го пишував пред две лета и тогаш не го довршив. Го оставив така за да му се навратам како поискусен и помалку претенциозен раскажувач и се надевам дека во иднина целосно ќе му се посветам на него“, истакнува авторот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG