Достапни линкови

Андоновски: Без авторски права© беше како талкање во пустина


Без авторски права© е насловена театарската претстава каде колективни автори се режисерот Милош Б. Андоновски, драматургот Ева Камчевска и актерите Ангела Стојановска, Јеткин Сезаир и Јанка Лефкова, а чија премиерна изведба е закажана за в недела, на 15 декември во Кино Култура.

Идејата тргна уште од минатата година кога се аплицираше проектот преку Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура во Министерството за култура. Сакав да работам адаптација на филмот „Песјак“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос. Идеја која веќе подолго време ја имам и Кино Култура е некако простор за тоа, затоа што самиот филм и адаптирањето на филмот би бил посебен процес и претставата се надевав дека би била поинаква и дека е соодветна за независна продукција повеќе отколку за институционална.

Вака режисерот Милош Б. Андоновски ќе ја започне приказната за новиот театарски проект, претставата Без авторски права©, чија премиерна изведба е закажана за в недела, на 15 декември во Кино Култура. Станува збор за колективен зафат во кој се и драматургот Ева Камчевска, актерите Ангела Стојановска, Јеткин Сезаир и Јанка Лефкова, Раде Василев кој бил задолжен за костимите и дизајнерот Немања Трајковиќ.

Режисерот Милош Б. Андоновски, фото: Кристијан Караџовски

Во продолжение Андоновски истакнува дека го нашле агентот на Јоргос Лантимос. Му пишале електронска порака и тој им одговорил дека се многу заинтересирани, дека им е драго и дека би сакале тоа да се случи ...и побарале детали за просторот, бројот на изведби, број на седишта и слично. Не добил одговор, но вели дека за аплицирање во Министерство за култура доволно е да се отпочне процедурата за регулирање на авторски права. По неколку месеци проектот бил одобрен и годинава во август тој му пишал повторно на агентот на грчкиот автор со информација дека имаат добиено буџет и дека по добивањето на авторските права би ги започнале пробите за претставата.

„Одговорот беше дека авторските права тие веќе ги дале на некоја продукција во Англија и да се обидеме да ги контактираме повторно за шест до девет месеци. Потоа имаше една преписка меѓу него и мене, но се одлучив за нешто друго. Велам добро ако немаме право да го одиграме филмот, ние можеме да го прераскажеме „Песјак“. И некако да ги добиевме авторските права ние ќе имавме сосема поинаква претстава. Мислам дека всушност и услуга ни направија затоа што целиот процес на подготвување на претставата се претвори во еден несекојдневен истражувачки процес. И за мене и за актерите и за драматургот, и затоа решивме претставата да ја именуваме „Без авторски права“. Во претставата се прераскажува филмот за да се запознае публиката и одлучивме само да ја земеме главната тема за изолација и затвореност и да поразговараме околу тоа ние како земја сме изолирани. Да ја препознаеме таа состојба во секојдневното опкружување за потоа да стигнеме до конечната дестинација и да ја базираме претставата на темата на заминувањето и на враќањето од оваа држава“, вели Андоновски.

Режисерот појаснува дека пред да започнат со пробите тој и драматургот Ева Камчевска имале одделен процес којшто траел интензивно цел еден месец и во кој тие разговарале како да започнат со работа кога и актерите ќе им се придружат.

„Обично секогаш сум подготвен и знам што правам кога работам во театар, но првата реченица која ја изговорив кога се сретнавме со актерите беше дека не знам што ќе правиме. Дури и „Не знам“ беше еден од предлозите за наслов на претставата затоа што и актерите велеа „не знам“, „не знаеме што ќе правиме“...„не знаеме што ќе играме“, „не знаеме кој е одговорот на прашањето дали треба да се замине или да се врати назад откако ќе се замине веќе еднаш... Направивме и едно структурирано интервју од 11 прашања во коешто учествуваа 47 испитаници на возраст од 21 година до 42. Беа замолени да одговорат на прашањата од типот на „Дали некогаш се почувствувале изолирани во оваа земја и во нивниот живот?“, „Дали некогаш помислиле да ја напуштат земјата?“...93 отсто одговориле со „Да“. Да го опишат чувството на изолација. Дали се чувствуваат помалку привилегирани како граѓани на оваа земја во споредба со останатите земји членки на ЕУ – 90 проценти одговориле со „Да“. „Што имаме ние што нема ЕУ?“. „Што немаме ние – што нема земјите членки на ЕУ?“... И, на база на тие одговори, вклучително и на наши лични искуства и приказни направивме една структура од 19 парчиња и одлучивме да не го фиксираме текстот на хартија. Да не се запишува.“

Сцена од претставата - фото Кристијан Караџовски

Андоновски дополнува дека нивниот текст за Без авторски права© има само осум страни или 19 парчиња и дека секој од актерите знае кога едно почнува и кога завршува и дека во моментот на изведба на претставата тие се креатори на самата претстава.

„Мислев дека на тој начин ќе се добие природност и разговорливост. Дека тоа е еден од начините на кој би се пласирале репликите што на крајот се испостави дека е токму тоа. Значи, да не се испишува текстот затоа што сакаме да предизвикаме едно чувство кај публиката на припадност, на сплотеност и нешто што е спротивно од чувството на изолираност. На отуѓеност, на затвореност, на осаменост, на самотија...Долг временски период беше неизвесно и се така до пред две недели. И по толку време проби со актерите ние почнавме да ја играме претставата. И на секое играње секој од нив си создава своја сопствена структура како ќе течат приказните од тие 19 парчиња, во која насока и како ќе се развиваат а драматургот и јас, особено Ева да даде им дадена сите тие парчиња тематско поврзување, да направи еден емотивен тобоган, начинот на којшто ќе тече целата атмосфера на претставата, ќе се крши...за да не биде премногу тажно или монотоно...има и хумор прилично ...така што навистина беше еден несекојдневен процес и беше голема школа за мене како режисер.“

Во Без авторски права© играат Јеткин Сезаир, единствениот вработен актер и од пред месец дена член на Турскиот театар, Ангела Стојановска и Јанка Лефкова. Милош вели тоа е така затоа што во „Песјак“ на Лантимос има три деца, брат и две сестри, и дека од филмот всушност ја задржале само сценографијата и костимите. Тој и со појаснување дека на почетокот Ангела многу убаво ја подготвува публиката што е она што таа ќе го гледа и воедно ги опушта велејќи дека нема да има интеракција од типот присутните да ги качат на сцена и да им поставуваат прашања и да чекаат одговори.

„Не е интерактивна претставата од тој тип, но се темели на контактот со публиката и времетраењето варира од зависност на тоа колку публиката и дава на актерската екипа. И токму поради тоа што нема фиксиран текст и поради што секоја изведба ќе биде импровизација, се менува времетраењето и публиката воедно е партнер на актерите на сцена. Од нивните реакции, од тоа колку слушаат, дали слушаат, дали емотивно реагираат, дали им е здодевно или не...актерите всушност црпат и инспирација и енергија и емоција за да ја продолжат претставата. Досега сме имале шест или седум проби на коишто сме имале по шест – седум луѓе...различна била секоја изведба и различно се чувствувале актерите затоа што добивале различен фидбек од тогаш присутните.“

Авторската екипа на претставата Без авторски права© - фото Кристијан Караџовски

Прашан, пак, за различните искуства од поставувањето на романот „Физика на тагата“ од бугарскиот писател Георги Господинов во Кумановски театар и сега оваа драма која го „допира“ филмот „Песјак“ на Лантимос и премиерно ќе биде претставена во Кино Култура, режисерот Андоновски ќе рече дека самиот често мисли оти „проектите и претставите повеќе го наоѓаат него отколку тој нив и дека станува збор за два сосема различни процеса за работа“.

„Адаптирање на роман, особено на роман како „Физика на тагата“ беше талкање низ еден лавиринт како процес. Овој процес Без авторски права© беше како талкање во пустина. Талкање низ отворен простор. Комплетно. Затоа што и во лавиринтот има еден куп опции, но и во отворениот простор исто така. Затоа и претставите се различни. Јас верувам дека тие имаат некаков мој печат. Тоа ќе видиме на премиерата...ќе чуеме какви ќе бидат коментарите. Најверојатно и мојот сензибилитет е таков. Се обидувам да останам доследен на себе, но да – различни искуства се и после секоја претстава секако дека носам научени лекции, повеќе искуство...Пристапот ми се менува во наредниот проект, со тоа што оваа претстава мислам дека ми се случи во вистинското време затоа што долго сакав да експериментирам во театар. Да пробам нешто поинакво. И се надевам дека тоа ќе ме држи и ќе ми трае“, смета Милош.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG