Достапни линкови

„Македонска работа“ со Охридскиот пливачки маратон


Архивска фотографија: Охридски пливачки маратон
Архивска фотографија: Охридски пливачки маратон

Пливачката федерација го извести претседателот Стево Пендаровски дека го откажува Охридскиот пливачки маратон зашто нема пари. По бурните реакции во јавноста, Општина Охрид соопшти дека ќе ја преземе организацијата. Сега е проблем како во 5 до 12 да се поканат пливачите да учествуваат.

Општина Охрид ќе направи сè што може за Охридскиот маратон годинава да се одржи, а од догодина сака да ја преземе организацијата за да се спречат идни проблеми, изјави денеска охридскиот градоначалник Кирил Пецаков по координативниот состанок во општината, откако едно од најстарите спортски натпреварувања во Македонија беше откажано во 5 до 12 поради немање пари.

Најголем предизвик сега е дали воопшто ќе дојдат пливачи, затоа што тие вообичаено се канат најмалку еден месец пред натпреварувањето за да имаат време да потврдат. Општината почнала да ги испраќа поканите од вчера.
„Без пливачи нема настан“, категоричен е Пецаков.

Тој рече дека за организацијата се потребни околу 50 илјади евра што ќе ги обезбеди општината.

Две или три години имало неисплатен награден фонд за пливачите.

Општината ќе ги замоли познатите македонски пливачки ѕвезди да помогнат да се поканат пливачите.

Претходно, охриѓани почнаа да се организираат на социјалните мрежи да соберат пари и да помогнат да се организира Маратонот.

Маратонот, кој вообичаено се одржува во последната недела од август, вчера беше ненадејно откажан во 5 до 12.

Претседателот на Македонската пливачка федерација Горан Стојановски го известил претседателот на државата Стево Пендаровски дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон, кој традиционално се одржува под покровителство на претседателот.

Нејасно е за колку пари се работи. Наградниот фонд на маратонот во изминатите години се движел од 10 до 25 илјади долари.

Откажување на едно од најзначајните традиционални спортски натпреварување, на само една недела пред одржувањето, предизвика гневни реакции од охриѓани, од спортската, но и од целокупната политичка јавност. Оваа година се навршуваат 60 години од првиот Охридски маратон одржан во 1962 година.

Охриѓани веќе се нудат сами да соберат пари за организација на маратонот.

Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека државата има 100 илјади евра за прослава на Рамковниот договор, но нема пари за Охридскиот пливачки маратон.

Други, пак, иронизираат со предлози каде би можел да се одржи маратонот.

Други се шегуваат што ќе ни се такви работи.

Охридскиот пливачки маратон за првпат се одржува во 1962 година на патеката Пештани – Струга долга 36 километри. Победува Египќанецот Абдел Латиф Абу Хеиф во машка и македонската пливачка легенда Атина Бојаџи во женска конкуренција. Наредната 1963 година, маратонот не се одржува поради скопскиот земјотрес, па продолжува од 1964 до 1966 година. Охридскиот пливачки маратон се возобновува во 1992 година и се одржува на 30 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Охридското пристаниште. Први победници се Павел Рамдисек од Словачка и Македонката Теодора Раптис. Оттогаш се одржува 30 години без прекин. Маратонот беше дел од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), но оваа година не е во календарот.

Бугарскиот пливач Петар Стојчев има 11 победи на маратонот, а Холанѓанката Едит Ван Дајк има четири победи во женска конкуренција.

Маратонот има проблеми со пари цела деценија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG