Достапни линкови

Томи Стефановски победува и во петтата деценија од животот


Томи Стефановски стана убедливо најстариот вицепрвак во Гран при натпреварувањето на ФИНА за маратони на отворени води. Тој се уште не размислува за пензионирање и верува дека може да биде значаен играч на врвната сцена барем уште две сезони.

Томи Стефановски испиша нова историска страница во светското маратонско пливање, откако пред две недели стана убедливо најстариот вицепрвак во Гран при натпреварувањето на ФИНА за маратони на отворени води.

Оваа година немав толку многу проблеми со повредите, бидејќи минатата година и претходно, секој месец требаше да одам „на ремонт“, што би се рекло. Оваа година тоа беше доста поретко и тренингот беше така и поквалитетен. Меѓутоа, во финишот од сезоната паднав во формата.
Томи Стефановски, пливач.

До планетарната вицешампионска титула, 43-годишниот Стефановски (роден е на 14 февруари 1971 година) дојде откако во вкупниот пласман (освои 51 бод, исто како и вториот наш маратонец Евгениј Поп Ацев), заостана само 7 бодови зад новиот првак Французинот Жоан Едел, при што беше единствен кој сезонава ги испливал, а со тоа и освоил бодови на сите 7 трки (вкупно 282 километри). Покрај тоа, Томи мина прв низ целта во канадското езеро Сен Жан, со што повторно ја помести возрасната граница за триумф на еден маратон (претходниот рекорд го постави лани на истата трка), а за одбележување е и третото место во Аргентина. На две трки пред крајот на Гран при серијата, Томи беше и лидер во вкупниот пласман, позиција која не успеа да ја задржи поради заморот од напорната сезона и болките во оперираните раменици. И тоа говори за големината на постигнатиот успех, кој, според Стефановски, е резултат на одличната физичка подготвеност.

„Оваа година немав толку многу проблеми со повредите, бидејќи минатата година и претходно, секој месец требаше да одам „на ремонт“, што би се рекло. Оваа година тоа беше доста поретко и тренингот беше така и поквалитетен. Меѓутоа, во финишот од сезоната паднав во формата. Мислам дека доколку имав уште една добра трка, без проблем ќе го освоев првото место во вкупниот пласман. Сепак, јас сум доста задоволен бидејќи оваа година со победа на една трка, имам плус еден пиедестал и второ место севкупно. Така да, таа работа мислам дека во следните 20 години барем, тешко некој да ја постигне после 40-тата година од животот“, рече Стефановски.

Иако и пред оваа, најуспешна сезона во речиси тридецениската кариера (претходниот најдобар пласман во ГП серијата му беше ланското четврто место, а пред пет години го преплива и каналот Ла Манш), многумина очекуваа да се повлече од професионалните води, Томи се уште не размислува за пензионирање. И не само тоа, тој верува дека може да биде значаен играч на врвната сцена барем уште две сезони, во кои, покрај за самиот врв на маратонската ГП серија на ФИНА, сега најавува и борба за олимписката норма на трката на 10 километри.

„Само да немам проблеми со повредите, крајот е дефинитивно во 2016-та година, на 30-тиот јубилеен Охридски маратон, а истата година се и квалификациите за Олимпијадата во Рио. И повторно истото како и оваа година, Гран прито си останува, би отишол уште на плус 2-3 трки на 10 километри... Така што, 2016-тата би бил сигурно крајот. Е, сега дали со Олимпијада? Тоа е доста тешко, меѓутоа треба да се проба, за прв пат Македонија да има претставник и во маратонското пливање на ОИ“, истакна светскиот вицешампион во маратонската ГП серија на ФИНА, Томи Стефановски.

XS
SM
MD
LG