Достапни линкови

Македонската берза „заздравува“ од коронавирусот


Илустрација на берза

Македонската берза почна да се опоравува по првичниот пад предизвикан од коронавирусот. Според упатените македонскиот пазар има голема поврзаност со случувањата во странство, а берзите и таму почнаа да заздравуваат.

Во изминативе две недели македонските компании кои котираат на берзата бележат раст на цените на нивните акции. Македонската берза како да почна да заздравува по падот од 30 отсто до кој дојде поради пандемијата со Ковид 19. Тоа најмногу се гледа од растот на МБИ10 берзанскиот индекс, како и значителниот пораст на акциите на најголемите македонски компании. Дел од акциите ја зголемија својата вредност поради објавата на вкупно осум компании дека ќе исплатат дивиденда на своите акционери.

Главниот извршен директор на КБ Публикум инвест, Горан Марковски вели дека претходно генерално имало тренд на пад предизвикан од неизвесноста и стравот кој предизвика паника што донесе во даден момент до пад на цената од 30 отсто. Сега, откако се стабилизираа работите, додава Марковски, станува јасно дека во следните месец до месец и половина ќе дојде до нормализирање на економските активности.

„Имаме тренд на постепено подигнување на цените кои беа забележани во изминативе две-три недели, а нашиот пазар е во линија на случувањата на странските пазари. Има тренд на раст кој што го доведе до ниво кое што е 20 отсто пониско од она кај што тргна. Може да се каже дека македонскиот пазар голема поврзаност со случувањата во странство“, вели Марковски.

Инаку, во прегледот на тргувањето на првиот квартал од годинава се наведува дека „доколку се анализира по месеци, после одличната перфоманса на индексот во јануари ( +5,8 %) негативните перцепции за последиците од состојбите поврзани со Ковид 19 и движењата на меѓународните пазари во текот на февруари го поништија претходниот раст на МБИ10 ( -5%), а само во месец март индексот забележа пад од 22,47 што претставува втор најголем месечен пад на вредноста МБИ 10 од неговото воведување во Јануари 2005тата година (поголем месечен пад е регистриран само во октомври 2008мата година)“.

Штетата што ја предизвика стравот од коронавирусот врз вредноста на компаниите е голема. Вкупната пазарна капитализација на котираните акционерски друштва на крајот на март 2020 година изнесуваше околу 2,5 милијарди евра и во однос на крајот на 2019 година бележи пад од околу 16 отсто покажува анализата на македонската берза.

Претходно со денови акциите на најголемите македонски компании кои котираат на Македонска берза ја губеа својата вредност најмногу поради кризата која ја предизвикува вирусот Ковид-19 познат како коронавирус. Светските берзи бележеа огромни загуби, а тоа се преслика и на македонската берза. Првиот поголем пад македонската берза го забележува на 24 февруари, на само два дена пред во земјава да биде евидентиран првиот случај, односно кога беа забележани неколку случаи во регионот. Нешто подоцна на краток рок, берзата забележа стагнација и подобрување сè до 11 март, кога Светската здравствена организација прогласи пандемија на Ковид 19, по што тргувањето со акции беше во константна надолна линија. Денот кога лидерите на ЕУ и формално го усвоија заклучокот со кој на Северна Македонија и Албанија им се дозволува отпочнување на пристапните преговори со ЕУ е последниот ден на кој се бележи најниско ниво на безранскиот индекс за веднаш потоав понеделник кога Македонија и формално стана 30 та членка на НАТО почна да растевредноста на акциите на македонската берза.


Големи ценовни бранувања и пад на вредноста на берзанскиот индекс МБИ 10 за 22 отсто, но и значајно поголем промет, дури за 133 отсто во однос на лани, го одбележаа тргувањето на Македонската берза во првите три месеци годинава. Поради големите турбуленции неколку пати беа променети дневните ценовни ограничувања и беше воведен нов механизам за автоматско стабилизирање на ценовните движења. Како што покажува прегледот на Берзата за првиот квартал оваа година, вкупниот промет по сите основи изнесуваше околу 68 милиони евра, за 133 отсто повеќе од истиот период лани кога беа истргувани хартии од вредност за 29 милиони евра. Во однос на последните три месеци лани, пак, порастот изнесуваше 97 отсто (34 милиони евра).

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG