Достапни линкови

Зголемена акциза - алтернативна мерка за полнење на буџетот?


илустрација

Во очекување на владината одука за тоа дали ќе се зголемат акцизите на нафтените деривати и за колку, експертите велат дека мерката е едно од решенијата за полнење на државната каса во ситуација кога целото стопанство е погодено од кризата поради пандемијата на коронавирусот

Евентуалното зголемување на акцизите за нафтените деривати нема да предизвика инфлација или каква било ценовна спирала, смета првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Билимовски. Во неделното интервју за радио Слободна Европа тој објаснува дека Комисијата ја поддржала иницијативата акцизата за екстра лесно гориво да се изедначи со акцизата за дизелот, бидејќи се реални злоупотребите во однос на екстра лесното гориво или популарно наречената црвена нафта, што пак создава дупки во буџетот поради разликата од 9 денари во самата акциза.

Во последните два три месеца цената за сите нафтени деривати ја намаливме за 20 денари и многу веројатно е дека и поради тоа се намалуваат приходите по основ на ддв кои биле планирани од државата, вели Бислимовски. Тој сепак, уверува дека зголемувањето на акцизите не би требало да предизвикало ценовен удар врз џебот на граѓаните.

„Конкретно во ноември, декември, јануари 2019 година сме имале цена на нафтени деривати повисока за 20 денари од сегашната. Тогаш инфлација немавме ниту пак имавме ценовна спирала. Напротив сега цената за нафтени деривати е намалена за дваесетина денари и доколку има зголемување на акцизата тоа нема да претставува никаков трошок кој би влијаел на зголемување на трошоците на компаниите бидејќи споредбено со јануари цената им е намалена за повеќе од 20 денари. А јас во изминатиот период не видов кај компаниите кај кој трошокот за гориво има големо влијание, дека намалија која било услуга“, вели Бислимовски во неделното интервју.

Зголемување на акцизите на нафтените деривати побара Стопанската комора на Македонија, според која иако мерката е непопуларна, во овие моменти на криза, таа е потребна за да се наполни приходната страна на буџетот. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески деновиве изјави дека со покачувањето на акцизата директно ќе се влеат пари во буџетот, а не во фирмите и дека не може да не се размислува како истиот да се полни.

Предлогот на Стопанската комора пак жестоко го критикуваа од Сојузот на стопански комори, Комората на Северозападна Македонија, Федерацијата на фармери, транспортното здружение „Макамтранс“. Од здружението велат дека се категорично против поскапувањето на акцизата.

„Сега не е време за вакви мерки. Камионскиот транспорт е редуциран на 30 проценти, некои компании воопшто не работат. Ова би било уште еден удар за нив. Наш став е дека за вакво нешто би можело да се разговара дури три месеци откога ќе заврши кризата, кога компаниите ќе се стабилизираат. Но, ние имаме и услов, ако се зголеми акцизата да се почитува и директивата според која транспортерите можат да добијат назад дел од средствата од акцизата за горивото користено за комерцијални цели“, реагираат од „Макамтранс.

Критикува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата ризикува инфлација и поскап живот на граѓаните. Цената на нафтата допрва ќе расте на светската берза и ако на ова се придодаде и зголемување на акцизата, што ќе ја направи Владата на Заев, тогаш ќе имаме европски цени на нафта во услови на неевропски стандард“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

Дел од економските аналитичари велат дека оваа мерка во услови на корона-криза нема да се одрази во реалниот сектор и дека нема да ги погоди граѓаните.

„И да се зголеми акцизата на нафтените деривати, тоа нема да има влијание врз кумулативниот раст на цените ниту пак да предизвика инфлациона спирала. Ако сметаме дека во класичното производство нафтените деривати се основен импут во производството, тука можеби би имало мали импликации но недоволно за да се поремети ценовната политика“, вели професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет.

Во меѓувреме, никој со сигурност не може да каже колкав ќе биде ефектот врз домашното стопанство од корона-кризата зашто сè уште не се знае колку време ќе трае борбата со пандемијата и кога ќе почне да заживува стопанската активност. Светската банка проценува пад од 0,4 отсто, додека ММФ оди со попесимистичко сценарио и очекува македонската економија да се намали за 4 отсто. Министерството за финансии најави дека наскоро ќе излезе со своја проценка. Пред да почне пандемијата со коронавирусот, македонските власти очекуваа раст од 3,8 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG