Достапни линкови

Вести

Вархеј утре пристигнува во Скопје

Меѓувладината конференција со Македонија ќе се договара по рамката за преговори

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, по објавувањето на извештаите за реформскиот напредок на земјите од западен Балкан, изјави дека Северна Македонија одржала стабилен напредок во делот на реформите, посебно владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

"Дискусиите се во тек во Советот за предлог преговарачката рамка и се надевам дека меѓувладините конференции ќе се одржат под сегашното претседателство, доколку бидат усвоени", изјави Вархеји.

Европската Комисија ги поднесе предлог преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија до земјите членки на почетокот на летото. Земјите членки треба, според календарот на германското претседателство, во ноември да ги усвојат, со евентуални измени.

Еврокомесарот Вархеји порача дека Тирана остварила значаен напредок во реформите за ЕУ во последните месеци. Тој смета дека одвојувањето на Скопје и Тирана би било грешка.

Вархеји утре ќе отпатува во регионот, посетата ќе ја започне во Северна Македонија.

види ги сите денешни вести

Сараево во викенд карантин поради ширењето на коронавирусот

Баш чаршија, Сарево

Поради влошената епидемиолошка состојба, Кантонот Сараево воведува мерка затворање од петок во 20 часот до понеделник во 6 часот наутро.

Ова го потврди премиерот на Кантонот Сараево Един Форто. Според информациите граѓаните ќе можат да се движат во тој период, но трговските центри и угостителските објекти нема да работат.

Во тој период ќе работат аптеки, продавници за храна и бензински пумпи

И лицата над 65 години во Грција ќе се вакцинираат со АстраЗенека

Вакцината на АстраЗенека

Комисијата за имунизација во Министерството за здравство на Грција даде зелено светло, вакцината на АстраЗенека да се користи за целото население, односно и за лицата над 65-годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателката на комисијата Мариа Теодориду, на денешната редовна прес конференција за процесот на имунизацијата во Грција рече дека оваа одлука доаѓа по новите три истражувања за ефикасноста на вакцината на АстраЗенека на возрасни лица.

Во Грција, минатиот месец започна вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека, но за лицата на возраст од 60 до 64 години, нешто што сега ќе се промени.
Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус рече дека досега во земјата е постигната 7.12 отсто имунизациска покриеност.

Досега се попишале над 40 000 македонски иселеници

Државен завод за статистика

Преку апликацијата за самопопишување заклучно до денеска се евидентирале вкупно 40397 лица кои се во странство, информираат од Државниот завод за статистика. Евидентирањето на иселениците преку апликацијата почна на 1 март и ќе трае до 21 април.

Од Државниот завод за статистика наведуват и дека проблемот со ненавременото добивање повратна порака за влез во апликацијата е надминат.

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот. Пописот на останатото население, со физичка посета на домовите на граѓаните, ќе почне на први април.

Меџити се повлекува од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ, останува лојален на Ахмети

Пратеникот од ДУИ Изет Меџити

Пратеникот од ДУИ Изет Меџити на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека го известува претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери дека се повлекува од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.

Тој во обраќањето наведе дека Џафери придонел за дополнителни демократски вредности во домот на демократијата, а демократијата, наведе пратеникот, не само што дозволува, туку и ја промовира и иницира дебатата, а со тоа и различното мислење, „не само во општеството и во храмот на демократијата, републичкиот Парламент, туку дури и во рамките на еден политички субјект“.

„Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие принципи, останувајќи силно зад личните ставови, досега често изразени во јавноста, дека во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не можат да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ и што е уште поважно, ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот г. Али Ахмети, но и заради не создавање на забуна ниту кај еден мој колега во Собранието, а од друга страна, со намера да дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ“, наведе Меџити.

Тој нагласува дека ќе продолжи да биде, како што вели, гардиан на политиките и идеалите на претседателот Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ.
Инаку, поранешниот чаирски градоначалник, сега пратеник во Собранието, одамна има забелешки за некои претставници на ДУИ во владата, особено за првиот вицепремиер Артан Груби. Меџити отворено зборува за несогласувањата во партијата за кадровската политика, а најавуваше дека е можно да поднесе интерпелација во Собранието за работата на Груби и на министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Врховниот суд ја отфрли последната жалба на Трамп за изборите

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Американскиот врховен суд денеска ја отфрли последната претставка поднесена од поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи за изборите што се одржаа лани во ноември. Судот ја отфрли жалбата без да даде коментар.

Во последниот случај Трамп оспори илјадници гласачки ливчиња во Висконсин, каде што изгуби од неговиот ривал Џо Бајден, кој беше инаугуриран за претседател на САД на 20 јануари. Минатиот месец беа одбиени две жалби на Трамп, една исто така за Висконсин и една за Пенсилванија. Понискиот суд претходно одлучи против републиканскиот кандидат во трите случаи.

Трамп тврдеше и продолжува да тврди дека изборите на трети ноември биле фалсификувани. Неговата кампања и поддржувачите поднесоа и изгубија повеќе од 63 жалби за изборниот процес. Повеќето од жалбите беа одбиени поради недостиг на докази.

Заев- сакаме да партиципираме во гасниот терминал Александрополис

Премиерот Зоран Заев

Преку договорот од Преспа остваривме соработка со Грција во енергетиката со што стануваме земја којашто предничи во регионот по инвестиции во зелена енергија, напиша на неговиот ФБ профил премиерот Зоран Заев.

„Нашата намера е да партиципираме со 10 проценти во гасниот терминал Александрополис којшто е вреден околу 400 милиони евра, со 25 проценти во гасната централа којашто е веднаш до гасниот терминал со капацитет од 630 до 830 MW, вредна преку 400 милиони евра, објави Заев на фејсбук.

Посочува дека се отворени можности за унапредување на економските односи со Грција и во други области. Тоа се, подвлекува, перспективи за нови работни места, високи плати и секако раст на трговијата меѓу Северна Македонија и Грција.

Марш за женски права- држава што не постапува е држава што силува

Скопје- Марш за женски права во Скопје под слоганот - Државата што не постапува е држава што силува, 08.03.2021

Неколку стотини луѓе денеска излегоа на протестниот Марш за женски права кој годинава се одржа под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“. Маршот почна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши во паркот Жена борец спроти Собранието.

Активистите носеа црни маски со аплицирана црвена рака која изгледаше како да ги замолчува, а носеа пароли на кој пишуваше „непостапувањето е соучество“, “насилството мора да се казни„ и други.

Тие побараа од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство неодложно да постапат по сите конкретни барања, односно кривичен прогон за сторителите од ’Јавна соба‘, кривични пријави и обвинителни акти против сторителите за делата злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобични материјал по пат на компјутерски систем.

Случајот „Јавна соба“ ја вознемири јавноста неодамна откако групата на комуникациската мрежа Телеграм, првично откриена лани, се покажа дека се уште е активна. Во неа се објавуваа експлицитни фотографии и контакти од девојки и жени. Маршот беше во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

Нападнат системот за електронска пошта на Европскиот банкарски регулатор

Седиштето на Мајкрософт

Европскиот банкарски регулатор денеска соопшти дека нивните сервери за електронска пошта се погодени од глобалниот напад врз Мајкрософт, за кој американската компанија обвини кинеска група. Европскиот банкарски регулатор, кој се смета за клучно тело на Европската унија за финансиска регулација, соопшти дека презема дополнителни мерки за да ја врати функционалноста на системот за електронска пошта.

Големите бизнис компании и владите често ги користат услугите за електронска пошта на Мајкрософт. Компанијата мината недела соопшти дека била цел на сајбер напад. Американската фирма смета дека зад нападот стоеле кинески хакери спонзорирани од државата, а Пекинг ги негираше обвинувањата.

Израел, Кипар и Грција потпишаа договор за електрично поврзување

Израелскиот министер за енергетика Јувал Штајниц

Кипар, Грција и Израел потпишаа прелиминарен договор за изградба на најдолгиот и најдлабокиот подводен далновод, кој ќе биде поставен на дното на Средоземното Море. Кабелот ќе ги поврзе електричните мрежи на трите земји. Проектот е вреден 900 милиони долари.

Проектот, наречен Евроазиски интерконектор, ќе обезбеди резервен извор на енергија во случај на катастрофа, информираше израелскиот министер за енергетика Јувал Штајниц, кој престојува во Никозија заради потпишување меморандум за разбирање со неговите колеги од Грција и Кипар. Според кипарските власти, проектот е клучен чекор што ќе стави крај на енергетската изолација на островот.

Европската унија го признава кабелот како проект од заеднички интерес, што значи дека е подготвена да обезбеди финансирање.

Нови 316 заразени со Ковид19, 11 починати

Ковид-19 центар во Скопје

Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени 1562 тестови, а од нив 316 се позитивни на коронавирусот. Најмногу од нив во Скопје, 164, а потоа следуваат Прилеп со 34, Куманово со 16 новозаразени, Кавадарци и Неготино по 13, Тетово 12 и Гостивар- 10 новозаразени. Во неколку други градови има по едноцифрена бројка нови случаи.

Во последните 24 часа починаа 11 луѓе, а како оздравени се водат 681. Со ова вкупната бројка на инфицирани со Ковид19 од почетокот на епидемијата досега е 107 479, на починати 3206, а на оздравени 95 410. Активни се 8863 случаи.

Филипче: Полицискиот час ќе трае две недели

Министерот за здравство, Венко Филипче

По објавата на предлогот од Комисијата за заразни болести за воведување полициски час поради зголемениот борј нови случаи на ковид-19, министерот за здравство Венко Филипче, изјави дека тоа е потребен чекор, бидејќи последните десетина дена има зголемување на инциденцата, собири на јавни места по 22 часот, како и за да се намали притисокот врз болниците.

Според предлогот на Комисијата, полицискиот час би траел од 22 часот до 5 часот наутро, а Филипче дополни дека тој би траел две недели, а нови мерки вон полицискиот час засега не се предвидени.

„Евидентно беше во последните неколку недели зголемување на случаите. Ударот не е таков каков што беше на почетокот на ноември, но без разлика, сакаме да бидеме подготвени. Се покажа дека има собири после 22 часот, угостителски објекти кои не почитуваат мерки, собири на јавни места и затоа е оваа мерка“, рече Филипче и додаде дека полицискиот час ќе важи и во викендите.

Комисијата за заразни болести дополнително ќе се произнесе кој ден да почне полицискиот час. Владата на утрешната седница треба да го разгледа ова барање. Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека спроведувањето на пописот не е доведен во прашање засега.

Пендаровски го поддржа и чека резултати од „Акција 21“

Претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерот Љупчо Николовски на средба за планот за борба против корупцијата „Акција 21“

Претседателот Стево Пендаровски, на денешната средба со вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, дал поддршка за планот, системот и мерките за борба против корупцијата и нагласил дека тие ќе дадат резултати, соопштија од Кабинетот на Претседателот.

„Борбата против криминалот и корупцијата е од исклучително значење во процесот на евроинтеграцијата, во градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите. За да постигнеме резултати во овој процес неопходна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија и санкции, и придонес од сите институции“, рекол на средбата претседателот Пендаровски.

Вицепремиерот Николовски на средбата истакнал дека за планот очекува поддршка од сите граѓани и институции.

„Планот за борба против корупција денеска го претставив пред претседатело и го информирав детално за секоја точка, за секоја мерка. Очекувам поддршка во интерес на граѓаните и придонес од сите институции. Имаме План, имаме политичка волја, влеговме во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот“, рече вицепремиерот Николовски по средбата.

Паралелно со темелни институционални промени, според претседателот Пендаровски, важен сегмент во борбата со корупцијата е подигнување на јавната свест и охрабрување на граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Вицепремиерот Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев пред шест дена го претставија „Акција 21“, односно планот за борба против корупцијата, и истакнаа дека првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата и „расчистување со остатоци од режимот“.

Османи - Ди Мајо: Партнери и билатерално и во ЕУ и НАТО

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Италија, Бујар Османи и Луиџи ди Мајо, (Рим, 8 март 2021)

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Италија, имал средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Луиџи ди Мајо, на која биле разгледани можностите за продлабочување на политичките и економските односи, вкупната билатерална соработка во сите сегменти од заеднички интерес, како и регионалните актуелни состојби и соработка, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

„Италија во континуитет е меѓу топдесетте земји според големината на трговската соработка со Северна Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година достигнува дури 720 милиони евра. Овој претставуваа значаен придонес во нашата економија, но со оглед на политичката поддршка, географската близина и традиционалната соработка, сметам дека постои потенцијал за уште поголема економска активност, особено за италијанските инвестиции кои се повеќе од добредојдени во Северна Македонија”, рекол Османи на средбата

Според МНР, фокусот на разговорите бил и на европскиот кредибилитет во регионот, тесно поврзан и со кредибилитетот на самиот процес на проширување, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија и силната и активна поддршка на Италија за почеток на преговорите за нашата земја.

Серија експлозии во Екваторијална Гвинеја - 15 мртви, 500 повредени

Фотографија од местото на експлозиите објавена од локалната ТВГЕ, пренесена од Ројтерс

Најмалку 15 лица загинаа, а околу 500 беа повредени во серијата експлозии во Екваторијална Гвинеја што се случија во неделата во близина на воената касарна во главниот град Бата. Експлозиите биле предизвикани од „небрежност“ при складирање на динамит во касарната, изјави претседателот Теодоро Обианг Нгуема, пренесува Би-Би-Си.

Државната телевизија емитуваше снимки од луѓе кои трагаа по преживеани во урнатините, а сликите на социјалните мрежи покажаа огромни издувања на чад и направена штета. Претседателот Теодоро Обианг Нгуема рече дека експлозијата „ги оштети скоро сите куќи и згради во Бата“ и повика на меѓународна помош. Тој додаде дека инцидентот може да се случи откако нивите околу бараките беа запалени од земјоделците.

Во серија твитови, Министерството за здравство побара здравствените работници доброволно да одат во регионалната болница Бата. Беше побарано и дарување крв заради големиот број жртви. Некои локални болници се преполни со примени пациенти, објави ТВГЕ, која емитуваше и слики на ранети како лежат на подот во преполна болница.

Судење за апсењето на Љубе Бошкоски: „Рекоа дека најверојатно ќе апсиме дилер“

Архивска фотографија од едно од претходните рочишта од судењето за случајот Тортура, за апсењето на Љубе Бошкоски

Во Кривичниот суд во Скопје, со сослушување на обвинетите Ивица Анчевски И Петар Милошевски, денеска продолжи судењето за случајот „Тортура“, кое се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.

Според кажаното пред Судот, обвинетиот Анчески за акцијата за приведување на Бошкоски „разбрал на 6 јули 2011 година, односно наредба добил од тогашниот началник на СВР Скопје. Обвинетиот Петар Милошевски, пред Судот изјави дека на 6 јуни 2011 година добил наредба од негов претпоставен во најбрз можен рок се појави позади Министерството за економија. Тој во судницата рече дека : раководителот им објаснувал дека ќе се одвива акција каде ќе биде уапсено лице кое има обезбедување и дека најверојатно се работи за дилер на дрога“.

„Тој ја предизвика нашата интервенција, иако јасно и гласно дадов наредба 'стој, застани, полиција'. Додека трчаше до колата ни се обрати со вулгарни зборови 'не ме местете педери, знам кој ме мести'. Преку возилото фрли една кеса. Пробувавме да го смириме, но Љубе Бошкоски, беше во некоја афектна состојба“, изјави денеска во судницата обвинетиот Милошески, кој наведе и тоа дека „при лишувањето од слобода за цело време негов колега држел пиштол во рацете, но во ниту еден момент не го вперил во главата или лицето“.

Судењето за случајот „Тортура“, почна во март 2018 година против поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шестмина припадници на единицата „Алфа“ во МВР, а се однесува на начинот на апсење на Љубе Бошкоски. Во овој случај обвинетите поранешниот командант на полициските Алфи, Ивица Анчески, петмина други припадници на единицата, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кој во притвор го чека издржувањето на затворската казна за преметот Таргет-Тврдина.

УНИЦЕФ: Стотина милиони деца ќе бидат принудени на брак до 2030

Илустрација

Во услови на ковид пандемија, десет милиони деца може да стапат во брак до 2030 година, предупреди денеска УНИЦЕФ, од каде додаваат дека уште стотина милиони девојчиња може да бидат принудени на брак до крајот на деценијата. Браковите на девојчиња на возраст под 18 години се резултат на повеќе фактори поврзани со кризата поради Ковид 19, пред сè затворање на училишта, влошување на економските услови, нарушувања во јавните услуги и смрт на родителите, предупредува Фондот за деца на ОН, објави УНИЦЕФ на својата интернет страница.

„Ковид-19 ја влоши веќе тешката состојба за милиони девојчиња … Но, можеме и мора да ставиме крај на малолетничките бракови“, истакна извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе, во изјава објавена денеска.

Пандемијата на тој начин се заканува да го запре напредокот постигнат во изминатата деценија во која стапката на бракови на малолетни девојчиња се намали од 25 на 20 проценти, што значи дека 25 милиони вакви бракови не биле склучени.

„Мораме да преземеме итни чекори за да ги намалиме последиците (од пандемијата) врз девојчињата и нивните семејства. Со повторно отворање на училиштата, обезбедување пристап до социјална заштита и услуги и спроведување на законите и соодветните политики, можеме да помогнеме да се спречи уништувањето на нивното детство“, вели Форе.

Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека 650 милиони девојчиња во светот се венчале пред да наполнат 18 години. Половина од ваквите бракови се случиле во Бангладеш, Бразил, Етиопија, Индија и Нигерија. Стапката на брак на малолетни момчиња е шест пати помала од онаа на девојчињата.

Од 1 јули без роаминг во Западен Балкан

Илустрација

Од 1 јули ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, што значи дека трошоците за роаминг услугите меѓу земјите ќе бидат по цени како да сме дома. За не цели четири месеци од сега, Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ, ќе започнат со имплементација на договорот од Вториот дигитален самит од 2019 – та година, со кој граѓаните добија поефтин роаминг за телефонските разговори, СМС пораки и користењето интернет.

Првата фаза од спроведувањето на договорот започна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена за 80 проценти, додека втората фаза, односно целосно укинување на роамингот е најавенo за 1 јули 2021 година. Европската унија побара укинување на роамингот во телекомуникациските тарифи за земјите од Западен Балкан, како форма на олеснување на комуникацијата на граѓаните.

ССМ: Мора да се направи многу повеќе за правата на жената

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, минатата година, жените работнички биле изложени на работа во специфични услови, на незаконско намалување на платите, отпуштања и притисоци и вознемирување на работното место, соопшти денеска од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Од Синдикатот апелираат до Владата да ја ратификува Конвенцијата C-190 на Меѓународната организација на трудот за спречување насилство и вознемирување во светот на работата која ги заштитува работниците и другите лица во светот на работата.

„Работодавачите и Владата треба да прават повеќе за да го спречат насилството и вознемирувањето на жените на работа, дома или било каде“, велат од ССМ.

Синдикатот потсетува дека мал е и бројот на жени на раководни позиции, дека помалку се платени жените и оти јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени. Затоа, сметаат дека е потребно е да се обезбеди рамноправно учество на жените во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот.

Предложен полициски час од 22 до 5 часот поради пандемијата

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

По предлог на Комисијата за заразни болести, министeрот за здравство, Венко Филипче, денеска на Главниот координативен кризен штаб предложи воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава. Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае истиот, соопшти денеска Министерството за здравство.

Министерот образложи дека овој предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање.

Според соопштението од Министерството, анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени, но и зголемен број хоспитализирани. Од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект. Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, стои во соопштението.

Папата ја заврши историската посета на Ирак

Папата Франциск ги благословува луѓето додека пристигнува со возилото на стадионот Франсо Харири во Ербил, 7 март 2021 година

Папата Франциск ја заврши својата историска посета на Ирак. Поглаварот на Римокатоличката црква вчера одржа миса пред илјадници верници во градот Ербил, под силно обезбедување. 84 годишниот Франциск беше донесен на мисата со специјално возило, „папамобил“, додека верниците беа на тревникот и на трибините на стадионот. За време на тридневната посета, папата Франциско разговараше со еден од највисоките ирачки шиитски функционери, ајатолахот Али ал-Систани.

Папата ги посети деловите од Ирак што беа под контрола на Исламската држава

Пред посетата, папата рече дека оди на аџилак на мирот, по повеќе години војна и тероризам. Тој инсистираше на ова патување и покрај зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот во Ирак и грижите за неговата безбедност.

Словенија ги отвора средните училишта

Словенечката влада одлучи да ги релаксира ограничувањата во наставниот процес

Средношколците во Словенија денеска се враќаат на училиште, а ќе започне и масовна вакцинација на вработените во училиштата и градинките, одлучи словенечката влада, наведувајќи дека средношколците, ќе учат една недела во училиште, а една од дома. Учениците од основните училишта ќе продолжат да работат со часови во живо, при што учениците од шесто до деветто одделение ќе мора да носат маски цело време додека се на училиште, изјави министерката за образование Симона Кустец. Масовната вакцинација на педагошките работници и воспитувачи со АстраЗенека исто така ќе започне денеска, соопшти словенечката влада, наведувајќи дека нивната вакцинација е важна за безбедно функционирање на училиштата и градинките. Прво, оние наставници постари од 50 години ќе бидат вакцинирани, но по вакцинирањето, тие, како и другите, ќе треба да се тестираат за коронавирус секоја недела.

Поради мутациите на вирусот во Словенија може да се очекува и трет бран на епидемијата

Владата одлучи дополнително да ги релаксира ограничувањата во наставниот процес поради големиот притисок во јавноста и предупредувањата на педагозите за негативните последици за помладата генерација, во психолошка и педагошка смисла.

Принцот Хари и Меган за спорот со Бакингемската палата

британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган

Во интервју за Опра Винфри, што се емитуваше синоќа на американската телевизија, британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган, војвотката од Сасекс, ги опишаа болните разговори во Бакингемската палата за бојата на кожата на нивниот син, губењето на кралската безбедност и силниот притисок што ја натера Меган во еден момент да размислува за самоубиство. Разговорот со Опра Винфри беше првото интервју што го дадоа откако ги напуштија кралските должности и содржи голем број откритија што веројатно ќе одекнаат од двете страни на Атлантикот. Хари му рече на Винфри дека се чувствувал „заробен“ додека го водел кралскиот живот и дека се изненадил кога минатата година дозна дека неговото семејство ги прекинало неговите финансиски средства, како и безбедноста.

Илјадници луѓе во Виндзор за Кралската свадба

Меган, нејзината мајка е Афроамериканка, а нејзиниот татко е бел) изјави дека додека била бремена и го очекувала својот син Арчи, палатата изразила „загриженост и разговори за тоа колку ќе му биде темна кожата кога ќе се роди“. Редок позитивен момент во интервјуто беше кога Хари и Меган и открија на јавноста дека нивното второ дете ќе биде девојче. Како одговор на прашањето на Опра Винфри, Хари изјави дека немаше да го напушти животот во кралското семејство да не беше неговата сопруга, актерка. Тој изјави дека нивната врска ги открива ограничувањата на животот во кралското семејство.

Пленарна седница на Европскиот парламент

Европскиот парламент во Стразбур

Денеска почнува редовна пленарна седница на Европскиот парламент на која ќе се расправа и гласа за она што е сработено во Комитетите на парламентот и во политичките групи. За ова сесија се предвидени голем број закони и резолуции што треба да бидат усвоени.

Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП

Европратениците се состануваат еднаш месечно во Стразбур на четиридневна сесија од понеделник до четврток. Покрај овие 12 годишни сесии во Стразбур, Парламентот може да се состане и на дополнителни дводневни пленарни сесии во Брисел до шест пати годишно.

Швајцарците гласаа за забрана за носење превез што го покрива лицето

Швајцарците изгласаа забрана за носење бурка

Швајцарците вчера со тесно мнозинство изгласаа забрана за носење бурка, односно покривање на лицето, што некои го сметаат за сигнал против радикалниот ислам, додека други ја оценуваат иницијативата како ксенофобична. За текстот, предложен од популистичката партија УДЦ, гласаа 51,21 процент од граѓаните, објави владата за резултатите од вчерашниот референдум.

Холандија забрани носење на бурка и хиџаб во државни институции


Во текстот експлицитно не се споменува бурка, туку носење превез што го покрива лицето. Така Швајцарија им се придружи на Франција, Австрија, Бугарија, Белгија и Данска, кои воведоа слични мерки. Отсега натаму, ќе биде забрането целосно покривање на лицето во јавноста во Швајцарија, а тоа важи и за демонстрантите кои носат капи што го покриваат лицето, освен очите. Исклучок ќе бидат местата за богослужба.

ЕМА е против прерано одобрување на Спутник V во ЕУ

руската вакцина Спутник V

Висок официјален претставник на Европската агенција за лекови (ЕМА) ги предупреди членките на Европската унија да се воздржат од давање на национално одобрување за руската вакцина Спутник V против ковид-19 сè додека Агенцијата не заврши со прегледот на нејзината безбедност. „Потребни ни се документи што можеме да ги разгледаме. Исто така, во моментов немаме податоци ... за вакцинирани лица“, изјави шефицата на управниот одбор на ЕМА, Криста Виртумер-Хоче, додавајќи: „затоа итно би советувала да не се дава национално овластување за итни случаи. Можеме да го имаме Спутник V на пазарот овде во иднина кога ќе бидат разгледани соодветните податоци“.

Пристигна првата пратка од руските вакцини

Регулаторот на лековите во Европа на 4 март соопшти дека започнал преглед на вакцината Спутник V, клучен чекор кон одобрување за употреба во 27 земји на Европската унија. Рецензирани резултати од испитувањата во доцната фаза објавени минатиот месец во медицинското списание „Лансет“ покажаа дека режимот со две дози на Спутник V е 91,6 проценти ефикасен против симптоматскиот ковид-19, приближно исто како и водечки вакцини развиени од запад.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG