Достапни линкови

Започна вакцинацијата без закажан термин


Вакцинација во Поликлиника Чаир

Од денеска се вакцинираат и граѓаните кои немале закажан термин, а ќе се оди и на терен во поодалечените населени места. Граѓаните велат дека се вакцинират за да се побезбедни, а некои се жалат на големи гужви. За вакцинација може да се пријавуваат и деца.

Теренската вакцинација против Ковид-19 и без закажување на термин започна низ земјата. Процесот е организиран од здравствените домови од секој град, а ќе се одвива без прекин со веќе направен распоред. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека нема да се оди само еднаш во некое оддалечено населено место, со што на овој начин, според него, значајно се олеснува пристапот на граѓаните до вакцина на целата територија на државата.

„Буквално во сите рурални и оддалечени места кои што гравитираат кон еден здравствен дом. Распоредите ги правеа директорите на здравствените домови. Ниту едно место не е пропуштено. Значи буквално во секое место ќе оди екипата и ќе се вакцинираат сите на местото кое што е одредено за вакцинација а кои што ќе покажат интерес во текот на денот. Тоа ќе се повтори тогаш кога ќе заврши циклусот и кога ќе се поминат сите места одредени од здравствените домови“, рече Филипче на отворање на новиот вакцинален пункт во Шуто Оризари.

Филипче додаде дека нема нови случаи на Делта сој, а вакцинацијата е единствен механизам за да се зголеми колективниот имунитет и да се спречи нов бран. Тој порача дека веројатно ќе има нови соеви на вирусот и нови мутации, но, со рестрикции, според него, не може да се живее, а со вакцинацијата ќе се врати нормалниот начин на живот.

На вакциналниот пункт во Поликлиниката Чаир имаше и млади луѓе кои досега не се пријавиле за вакцинација, но донеле одлука да ја искористат можноста без закажан термин да се вакцинираат за да бидат побезбедни.

„Затоа што е добро за нашето здравје. Да се заштитиме.“, вели 24 годишната Велика, која работи и студира.

„Да побезбедно е вака. Да не се разболам. Сега барам работа па вака да се осигурам ако најдам работа да не се разболам од некој друг ако има корона“, вели Мартин Ангеловски.

Во меѓувреме некои од граѓаните се жалат на гужви во вакциналните пунктови. Ивица Николиќ изутрината го однел неговиот 86 годишен дедо на ревакцинација во Поликлиниката Јане Сандански. Иако пристигнале еден час порано, бидејќи Николиќ имал работни обврски на крајот после два часа успеале да влезат во поликлиниката, со како што вели кавги, бидејќи да чекале ред немало воопшто да влезат.

„Во самата чекална што е за влез во Јане Сандански гужва ненормална. Сите се буткаат. Сите нервозни. Кој бил за една вакцинација. Кој за ревакцинација. Нула организираност. Напред имаше двајца полицајци кои наводно одржуваат ред. Имаат поставено маса, но ги буткаат граѓаните како да влегуваат во стадион на некој натпревар без милост“, вели Николиќ.

Филипче потврди дека во неколку пунктови е регистрирана гужва во утрински часови, бидејќи, како што рече, најверојатно граѓаните сакаат да се вакцнираат додека е поладно.

„Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот и пристапот за граѓаните во било кој дел од денот кога можат да дојдат и да не бидат вратени да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите од сите здравствени домови да видам како да се организира редот“, рече Филипче.

Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина. Во Скопје вакцинарање без закажан тремин, има во Поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, како и во новоотворениот вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари.

Пријавувањето за вакцинација на деца ќе може да се врши на официјалниот сајт до четврток, а потоа ќе се закажуваат термини. Децата ќе се вакцинираат со „Фајзер“. Комитетот за имунизација донел одлука да го скрати рокот за ревакцина со „АстраЗенека“ од 12 на 6 недели. И натаму со „АстраЗенека“ ќе се вакцинираат само постари од 60 години.

Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани. На вакциналните пунктови во државата, според последните податоци од Минситерството за здравство, вакцинирани се вкупно 417.141 граѓани.

Со последните бројки 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 39 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.802, бројката на оздравени пациенти е 150.132, на починати е 5.487, а бројот на активни случаи изнесува 183.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG