Достапни линкови

Повеќе вакцини од заинтересирани граѓани


Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Од Министерството за здравство велат дека во следните 20- тина дена по пристигнувањето на 600 илјади вакцини ќе се вакцинираат сите граѓани кои изразиле интерес за вакцинација, околу 180.000 граѓани, а потоа вакцинацијата ќе се одвива масовно без закажување термин.

Со околу 600.000 вакцини за Ковид-19 ќе продолжи имунизацијата низ државата. Преку Ковакс механизмот денеска пристигнаа 100 илјади вакцини „Фајзер“, а в недела треба да бидат испорачани уште 500 илјади кинески вакцини „Синовак“. Ова е најголемата пратка на вакцини досега во земјава. На официјалната веб страна за заинтересираност за вакцинација околу 150 илјади граѓани се уште чекаат да добијат термин.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека списокот на пријавени лица на официјалната веб страна за вакцинација е ревидиран и термин најпрвин ќе добијат постарите граѓани, а сите останати во наредните две недели.

„Сега е направен систем за закажување на термини кој е ревидиран, што значи нема временска рамка. сите луѓе кои што се пријавиле. Тоа се некаде 150 илјади. Изминатиов период од приближно една недела околу триесетина илјади се веќе вакцинирани. Планот е до 15 јули сите пријавени да бидат вакцинирани. Нема да има разлика во индикацијата во однос на вакцините Фајзер и Синовак. Сите ќе бидат дистрибуирани“, вели Филипче.

Тој најави дека ќе започнат и кампања, а го подготвуваат системот и за теренска вакцинација. Филипче верува дека ќе се пријават уште граѓани за вакцинација, а доколку тоа не е случај ќе може по 15 јули да отидат во пунктовите и слободно да се вакцинираат.

За овие шестотини илјади вакцини нема пријавено доволен број на граѓани, иако пристигнувањето на вакцините беше најавено пред неколку месеци, вели доктор Никола Пановски.

„Колективниот имунитет пред се мислам дека е создаден природно и дека главни што се вакцинираат се тие што прележаа. Тие се најзаинтересирани. Мислам вакцини нема месец дена, а немаше ни претходно. Ќе треба некоја кампања пак. Меѓутоа тие 180 илјади што чекаат да се вакцинираат за две недели, до 15 јули па после да се види ќе останат за уште 120 илјади. Толку ќе биде јас мислам. Да се најдат уште 120 илјади да се вакцинираат за овие 600 илјади вакцини“, вели Пановски.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека до крајот на летото во земјава може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет, оти дотогаш би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што, како што истакна, е 50 проценти од популацијата планирана за вакцинација.

Филипче најави дека меѓу најприоритетните групи ќе бидат наставниците кои од септември ќе се вратат да држат настава во училиштата со физичко присуство. Нивната вакцинација започнува следната недела. Тој очекува и да се зголеми свеста за вакцинација.

„Јас верувам дека ќе се зголеми свеста, не само кај наставниците, кај сите што изразуваат некаков скептицизам. Еве и кампањите кои ги почнуваме со дебатите кои што сакаме да ги организираме со експертите. Не само наставниците и вработените во училиштата како група. Буквално во сите институции важи истото дека во што поголем број треба да се вакцинираат“, рече Филипче.

Што ќе се случува од септември и дали има опасност од ширење на индиската варијанта на коронавирусот Делта која зема замав низ светот, според Пановски зависи од опфатот на вакцинацијата и не се знае колку точно граѓаните стекнале природен имунитет.

„Очигледно е дека не се шири вирусот. Една од причините покрај топлото време , веројатно е имунитетот. Меѓутоа тоа треба некој да го испита. Не можеме да тврдиме ништо. Очекуваме дека ќе има бран, меѓутоа нема да биде силен. Далеку од претходните и нема да има толку смртност, бидејќи вакцинираните и тие што прележале полесно поминуваат“, додава тој.

Од Министерството за здравство велат и дека досега нема заразени со Ковид-19 по стекнат имунитет со примени две дози на вакцина.

Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 459.213 граѓани. На вакциналните пунктови во државатаа вакцинирани се вкупно 285.957 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 494.909 дози вакцини, а ревакцинирани се 208.592 граѓани.

Со последните бројки 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 проценти од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG