Достапни линкови

Коронавирусот ја зголеми довербата во лидерите, но нема да потрае


Графит во Германија „ Коронавирусот е повик за будење и шанса да изградиме ново и подобро општество“

Лидерите на повеќе земји од Европа, и оние кои добро се справуваат со вирусот но и оние кои доживеаа колапс, добиваат висока поддршка од граѓаните. Аналитичарите предвидуваат дека поддршката нема да трае и дека граѓаните наскоро ќе почнат да ги поставуваат тешките прашања.

Кризата со коронавирусот влијае поволно на рејтингот на повеќе политичари во Европа кои добиваат исклучително висока поддршка за време на пандемијата.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој инаку не ужива широка поддршка од граѓаните, со својот последен говор звучел уверливо за 62% Французи, додека 37 отсто одговориле дека не бил баш уверлив или воопшто не бил уверлив. Обраќањето на Макрон го следеле рекордни 36,7 милиони луѓе или повеќе од половина од населението на Франција.

Емануел Макрон во телевизиското обраќање до Французите за пандемијата на коронавирусот во земјата
Емануел Макрон во телевизиското обраќање до Французите за пандемијата на коронавирусот во земјата

Макрон во обраќањето, во кое најави продолжување на мерките до 11 мај, призна дека корона кризата открила грешки и недостатоци во подготвеноста на државата, пренесува Ројтерс.

И рејтингот на премиерот на Италија, Џузепе Конте „скокнал“ за 27 процентни поени и сега изнесува 72%.

Дури и владата на премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, кој беше критикуван поради задоцнетите мерки а потоа и самиот беше во потешка состојба заболен од Ковид-19, сега ужива висока поддршка.

И германската влада предводена од Ангела Меркел бележи зголемена поддршка. Нејзината популарност порасна на 79% поддршка од граѓаните, а се погласни се пофалбите и однадвор за начинот на кој Германија се справува со коронавирусот.

Прашање е дали оваа популарност ќе се задржи и по завршетокот на кризата кога ќе продолжи нормалното спроведување на политиките во земјите. Вообичаено, оваа популарност не трае долго. Ќе следат истраги за евентуалните недостатоци и грешки и гласачите, доколку имаат можност, ќе ја искористат за да ги казнат дури и лидерите кои се најефикасни.

„Првичната реакција во вакви случаи е сите да се обединат бидејќи е непатриотски и не помага доколку не го направите тоа“, вели за Њујорк Тајмс Марк Леонард, директор на Европскиот совет за надворешни односи.

„Но граѓаните не можат да се мобилизираат постојано. Неизбежно е да дојде до замор и луѓето ќе почнат да поставуваат тешки прашања“, додава тој.

Висока поддршка заради добро справување со коронавирусот

Засега, повеќето лидери добиваат поддршка поради напорите за справување со коронавирусот дури и кога прават погрешни проценки. Сепак, може да се очекува дека некои од челниците ќе имаат и корист од ситуацијата.

Дел од земјите во Европа кои први воведоа строги мерки веќе попуштаат. Австрија полека го враќа животот во нормала, а нејзиниот премиер Себастијан Курц си ја врати и довербата кај граѓаните.

Австрија започна со олеснување на мерките и отворање на одредени продавници, април 2020
Австрија започна со олеснување на мерките и отворање на одредени продавници, април 2020

Поради начинот на кој ја водел земјата за време на коронавирусот тој има поддршка од 77% од граѓаните.

Висок рејтинг има и премиерот на Холандија Марк Рут, 75%.

Додека во Данска учениците полека се враќаат на училиште, а владата се подготвува за постепено враќање на состојбата во државата во нормала, што може да трае и со месеци, премиерката Мате Фредериксен има поддршка од 79% што е раст за 40 процентни поени.

Висока поддршка и заради не толку добро справување со коронавирусот

Но дури и во земјите кои се најтешко погодени од вирусот, лидерите добиваат голема поддршка.

И во Италија, која има најголем број на смртни случаи од Ковид-19 по САД, и чија влада беше постојано чекор зад вирусот, премиерот Конте доби висока поддршка.

Маска за лице закачена на скулптура, Италија, април 2020
Маска за лице закачена на скулптура, Италија, април 2020

„Во ситуација која наликува на војна, сакате да им верувате на оние кои ја водат државата и тоа се однесува и на лошите и на компетентните лидери“, вели Натали Тоци, директор на италијанскиот Институт за меѓународни работи.

„Но моја претпоставка е дека вистината на крај ќе излезе на виделина“, додава таа.

Една позитивна работа од коронавирусот е дека ќе ги дискредитира популистите и ќе ја врати довербата во експертите и во порационалните влади, смета Тоци.

„Целиот националистички популистички наплив беше поврзан со историски момент каде можете да си дозволите да си играте со оган. Но, сега ситуацијата е навистина лоша и луѓето не ги прифаќаат лесно глупостите од популистите“, вели Тоци.

Макрон нема уште долго да ја ужива поддршката откако и јавно призна дека не баш успешно се справил со корона кризата.

„Макрон никогаш немал поддршка над 25% подолго време“, вели професорот Кристијан Лексен.

„Французите сега се фокусираат на прашања како недостатокот на маски и подготвеноста на државата за пандемијата. Сигурен сум дека кога ќе заврши карантинот овие прашања ќе бидат веднаш дел од јавната дебата и од интерес на опозицијата за да ја обвини владата како се справила со ситуацијата“, додава Лексен.

Лидерите ќе се соочаат со многу прашања на есен

Реакциите на јавноста сепак најмногу ќе зависат од колку долго ќе трае кризата поради големите непознаници поврзани со вирусот. Самото олеснување на мерките исто така може да носи и опасност за политичарите.

„Иако гледаме дека политичарите носат одлуки, сепак тие не го прават тоа од позиција на моќ, туку поради неизвесност и слабост“, вели Николас Данган од Атланскиот совет.

Владите ќе мора да одлучат како ќе се врати релативната нормалност и како ќе се справат со предизвиците како нееднаквоста на граѓаните, невработеноста и долговите кои ќе го достигнат врвот на политичката дебата.

„Кога ќе излеземе од оваа ситуација ќе започнат и пресметките“, вели Робин Ниблет, директор на Чатман Хаус, Институт за истражувања во надворешната политика од Велика Британија.

Многу работи остануваат нејасни во целиот свет и „лидерите ќе имаат многу работа на есен кога сметките ќе почнат да пристигнуваат“, додава Ниблет.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG