Достапни линкови

Владиниот врв во самоизолација за време на најдолгиот полициски час


Архивска фотографија: Прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче, доктор Жарко Караџовски и премиерот Оливер Спасовски

Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче се во домашна самоизолација по средбата со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој е заразен со коронавирусот, пишуваат сите медиуми во пресрет на 85-часовниот полициски час во обид да се спречи ширењето на вирусот.

Пред нас е најдолгиот полициски час од над 80 часа – објавуваат сите електронски изданија на печатените медиуми и многубројните портали. Како што впрочем доминираат вестите за пандемијата на корона вирусот кај нас и во светот и последиците по економиите и кај нас и на светско ниво.

Медиумите ја објавуваат и изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче дадена на онлајн прес-конференцијата од неговиот дом бидејќи е на 14-дневна самоизолација поради средбата во Куманово со градоначалникот Максим Димитриевски, кој бил позитивен на КОВИД-19 и кој веќе е во самоизолација: „Останувам на ставот дека не смее да има никакво групирање на граѓаните за Велигденските празници. Влегуваме во најкритичната фаза на епидемијата, кога бројот на новозаболени очекувано расте“ – објави Нова Македонија. Порталот СДК.МК со друга поента од изјавата на Филипче: „Се надевам дека верските лидери ќе испратат јасна порака празниците да се слават дома“ – вели министерот откако Владата не ги затвори црквите и џамиите – пишува порталот.

„Европската комисија ја потсетува МПЦ дека сите имаат обврска да го почитуваат јавното здравје“ – наслови Република.мк појаснувајќи дека пораката од ЕУ доаѓа откако МПЦ одби да ги затвори храмовите за време на велигденските празници.

„Во самоизолација e премиерот Спасовски и сите владини функционери кои го посетија Куманово и присуствуваа на состанокот на Кризниот штаб на градот, информираат Нова Македонија и другите електронски медиуми. Вечер пренесува делови од интервјуто на кумановскиот градоначалник за Алфа ТВ: „Тестовите доцнат, а Филипче мора да знае за тестирањата“. Вечер пишува дека ова е уште една критика до министерот за здравство од страна на градоначалникот, Максим Димитриевски. Порталот Република со наслов: „Димитриевски ѝ одговори на Шекеринска: Човечкиот живот нема цена“, па додава дека тоа е реакција на градоначалникот на Куманово на нејзината изјава дека затворањето на градот ќе значи трошење многу ресурси, а немало да го реши проблемот.

Медиумите ја објавија и веста за седницата на Советот за безбедност кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, на која е донесена одлука за продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена. Во изјавата за медиумите претседателот Пендаровски сугерира и дека Куманово треба да се изолира како што беше направено со Дебар.

Порталот Курир го објавува постот на членот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, Бране Петрушевски: „Неспособноста на државата и на локалната власт е најголемиот виновник за ситуацијата со корона вирусот во Куманово“.

Сите медиуми ги објавија постовите на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски дека тестирањата покажале дека не се заразени со ковид-вирусот.

Медиумите се фокусираат и на економските последици од пандемијата на коронавирусот, како дома така и во светот. Главната тема на неделникот Капитал е посветена токму на домашната економија: „Буџетот сѐ попразен, а очекувањата за државна помош сѐ поголеми“, при што се потсетува дека неколкуте владини сет економски мерки чинат околу 200 милиони евра, но дека сите компании во Македонија ќе претрпат одредена штета од кризата, и дека намалената уплата на даноци, но најмногу заради намалената потрошувачка ја доведува државата во невозможна ситуација истовремено да гаси пожар со црево коешто сѐ повеќе протекува.

Слободен печат пишува дека „Светската економија се соочува со пад од над пет илјади милијарди долари“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG