Достапни линкови

Летната жетва ќе биде добра, но за есенската сеидба ќе требаат повеќе пари


илустрација

Иако очекувањата за годинешниот род на жито се позитивни, сепак од Асоцијацијата на земјоделци бараат забрана за извоз на житни култури за најмалку три месеци. Надлежните власти пак продолжуваат со јавните повици за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп

Годинашниот род на житни култури ќе биде добар, но недоволен за да се обезбедат доволни резерви на храна за подолг период, велат од Асоцијацијата на земјоделци и апелираат до Владата да го забрани извозот на сите житни култури во следните три месеци додека не се направат залихи. Првиот човек на Асоцијацијата Петар Стојкоски вели дека интервентниот план на владата за доделување на земјиште за производство на стратешки култури со цел да се зголеми домашното производство на храна е добра мерка, но дека за есенската сеидба на жито ќе бидат потребни повисоки субвенции.

„Ние се надеваме дека ќе имаме добар род, но треба да се донесе итно забрана за сите зрнести производи барем за три месеци. Ако ситуацијата е поволна, ќе видиме дали да се продолжи со мерката. Доколку се појави вишок, а владата донесе одлука за забрана за извоз, апелирам до фармерите и трговците, да не мислат дека може да не уценуваат со откупната цена. Многу е важно производите да ни останат дома, отколку се да продадеме за некој денар повеќе на друга држава и утре да се најдеме во ситуација друга држава да не ни даде јачмен или пченица поради светската криза“, вели Стојкоски во неделното интервју за радио Слободна Европа.

По руско-украинската криза и недостигот на жито и вештачки ѓубрива, Владата донесе интервентен план со кој сета слободна површина им се даде за обработка на земјоделците. Владата пред неколку дена донесе одлука со која се распишуваат уште два нови јавни огласи за доделување на државно земјоделско земјиште над 3 хектари. Вкупно, на двата јавни огласи, на располагање се ставаат 3.769 хектари државно земјоделско земјиште. Намената на земјиштето кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години. Вториот јавен оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари е со предвидена намена за подигнување на долгогодишни насади(лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години.

Од Министерството за земјоделство информираат дека голем и досега рекорден интерес, со 235 апликации, кај земјоделците предизвикал и јавниот оглас кој беше распишан во март месец каде на располагање беа ставени дополнителни 5.722 хекатри земјоделско земјиште до 3 хектари за обработка на житни култури распоредени во 14 региони низ државата.

Земјоделците велат дека во земјата има доволно сончеви денови и поволни услови за одгледување на житни култури и дека доколку се произведува плански може да бидеме независни од увоз на стратешките култури.

„Сметам дека на нас земјоделците ни се потребни поголеми средства за производство поради зголемените цени на репроматеријалите. Добро е што во овој момент има вештачко ѓубриво, но тоа е со превисока цена. Ние немаме толкави средства за да можеме да ги набавиме потребните средства за да имаме нормален приход од посевите“, вели Стојкоски.

Од Националната федерација на фармери велат дека македонските земјоделци се соочуваат со многу проблеми.

„Проблеми колку сакате. Од неисплатени субвенции, па ненавремена исплата на истите, па кратење на некои од нив и ред други работи. Но, ние во Македонија имаме и многу стара механизација, иако постојано се зборува за некаква модернизација. Со стара механизација не можеме да одиме напред. Од друга страна, ние имаме вредни земјоделци, но проблемот е пласманот и цената. Еве дојде време и за жетва на пченица. И оваа година не верувам дека млинарите ќе ни понудат солидна цена на пченицата за да си ги покриеме трошоците. Затоа ако Владата или Министерството за земјоделство не се вклучат во определувањето на цената на пченицата, јас не верувам дека другата година ќе имаме доволно количество за пченица. Затоа државата мора да интервенира, бараме да има интервентен откуп на државни стокови резерви, вели Мемет Синани од Националната федерација на фармери.

Инаку со ребалансот на буџетот се предвидени дополнителни 52 милиони евра во земјоделството. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека е зголемено нивото на субвенции за производство на жито, сончогледово семе, што исто така се стратешки култури и предвидена е авансна исплата во овоштарството, на субвенциите, со цел да им бидат достапни финансиските средства на земјоделците.

Тој додаде дека ИПАРД програмата е двојно зголемена, алудирајќи дека „ЕУ има доверба во перформансите во македонското земјоделие и перформансите на Министерството за земјоделство и сите средства како изминатата година ќе бидат 100 проценти искористени“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG