Достапни линкови

Обвинителството и одбраната се судрија за бројот на сведоци за „27 април“


Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на прво рочиште од судењето за 27 април

Обвинителката Русковска по рошитето за организаторите на „27 април“ истакна дека секој од четворицата обвинети има по 300 сведоци за случајот со цел да се одложува постапката. Одбраната негира и тврди дека обвинението е на стаклени нозе, при што вистинските сторители не се најдени.

Главната расправа за судењето за организаторите на настаните во Собранието на 27 април 2017 година се одложи бидејќи одбраната немала целосен увид во доказите за случајот, а обвинителството побара да му бидат доставени извештаите од сослушувањето на сведоците на одбраната. Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристоски, како и екс дирекеторот на УБК Владимир Атанасовски се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Обвинителката која го води случајот Вилма Русковска рече дека на одбраната и се доставени сите докази кои ги поседува обвинителството и целта на одбраната ,според неа, е одложување на постапката.

„Ова е во насока на еднаквоста на оружјето“ му порача Русковска на судот.

Според неа, секој од обвинетите има пријавено по 300 сведоци за случајот.

„Тоа сега зависи од судот, бидејќи секој од обвинетите со овие последниве поднесоци што ги доставија имаат побарано околу 300 сведоци секој од нив, така да сметам дека апсолутно судот не треба да ги прифати сите сведоци без да се наруши правото на одбрана“, рече Русковска.

Адвокатот на одбраната Јордан Апостолски ја негираше Русковска и истакна дека неговиот клиент Атанасовски има само десет сведоци и се работи за оперативни лица кои биле на должност во УБК за време на настаните.

„Ја темелиме одбраната дека нема никакви докази, особено за мојот клиент дека имаат било каква вмешаност во ова дело. Сметаме дека обвинението е на стаклени нозе, дека нема никаква поткрепа туку само сметаме дека на овој начин нашите клиенти се жртвени јагниња за да не се открие која е навистина вистината во овој случај. Мислиме дека обвинителството не направи напор да ги утврди вистинските сторители туку направи напор само за да скрие и да најде други лица за они во историјата да се впишат како нарачатели“, порача Апостолски.

За две лица, поранешниот премиер Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање. Груевски се наоѓа во Унгарија каде што доби азил, а Бошкоски е во Грција.

„Не може да има обвиненија бидејќи не се сослушани во истрага“, додаде Русковска.

Следното рочиште е закажано за 26 февруари. Постапката ја води судијата Илија Трпков, а дел од судечкиот совет е и судијката Дијана Груевска Илиевска, која дојде на местото на Владимир Туфегџиќ. Тој беше изземен од судечкиот совет, бидејќи неговата ќерка, пратеничката Ивана Туфегџиќ е дел од настаните на 27 април, односно е оштетена странка. Освен двајца судии, во судечкиот совет има и тројца поротници.

Кривичниот суд во јануари го прифати обвинението, кое беше поднесено во мај минатата година по повеќемесечна истражна постапка. Според обвинителството, наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои започнаа при крајот на февруари, а кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април 2017 година.

Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието. Критичниот ден, како што се наведува во обвинението, организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство.

Насилства во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Сè започна кога пратениците од парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што во законодавниот дом упаднаa демонстранти, но и група луѓе со фантомки кои почнаа да кршат и да тепаат. Меѓу повредените беше претседателот на СДСМ Зоран Заев, пратениците Радмила Шеќеринска и неколку други припадници на СДСМ, како и пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села.

Заев во крв, пратениците од СДСМ и други нападнати во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Јанакиески и Ристовски континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети. Во исто време, Бошковски со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје.

Во текот на немирите Атанасовски, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието да ги извадат хард дисковите од собраниските камери.

Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности, како што се наведува, обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди. Инаку, за насилствата во Собранието, на 15 март минатата година на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG