Достапни линкови

Нуредини - Постапно до систем за отпадни води во Охрид од 70 милиони евра


Нуредини - Ако на индустријата не ѝ воведеме даноци за јаглерод, тоа ќе го направи ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:13 0:00

Нуредини - Ако на индустријата не ѝ воведеме даноци за јаглерод, тоа ќе го направи ЕУ

Потребните инвестиции за третман на отпадните води во Охридскиот регион се меѓу 60 и 70 милиони евра. Тоа е многу голема сума и треба да одиме чекор по чекор, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Тој зборува и за енергетската криза, аерозагадувањето и изградба на пречистителна станица во Скопје.

Господине Нуредини, во услови на енергетска криза државата увезува јаглен и мазут за домашното производство на струја. Како во ваква ситуација ќе ја спроведувате Зелената агенда?

Прво треба да погледнеме во минатото, потоа каде сме денеска и што треба да направиме во иднина. Како прво, треба да бидеме многу транспарентни за фактот дека нашата држава во минатото нема направено многу инвестиции во енергетскиот сектор. Најголемиот дел од енергијата што ја произведуваме во земјата е од електраните на јаглен, што значи РЕК Битола, РЕК Осломеј кои произведуваат околу 65 проценти од енергијата. Згора на тоа, за жал во моментов увезуваме јаглен, како и мазут за ТЕЦ Неготино. Планот на почетокот беше, идејата на Зелената агенда за која сите зборуваме, да се оттргнеме од конвенционалната употреба на фосилни горива. Парискиот договор предвидува дека до 2030 година треба да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51 процент. Со тоа, нашата стратегија е да ги деактивираме постројките на јаглен до 2030 година. Како ќе стигнеме до таму? Секако, имаме Енергетска стратегија и прашањето е како ќе ја имплементираме таа стратегија. Сега имаме енергетска криза, која впрочем не е само во нашата земја и треба да бидеме отворени дека ова е европска енергетска криза. Цените не растат само во нашата земја, цените растат во цела Европа и тоа се случува бидејќи сме многу зависни од еден извор, кој во моментов е Русија. Истовремено, како земја, планираме и работиме, а некои проекти веќе се почнати, на инвестирање во обновлива енергија, а тоа значи соларна, ветерна итн. Сега, исто така, сме во финална фаза со тендерската процедура за Чебрен, што ќе биде темел на нашата енергетска стратегија во иднина.

Аерозагадувањето е долгогодишен проблем. Очекувате ли сега со растот на цените на струјата повеќе домаќинства да се вратат на затоплување со дрва и со тоа да има зголемено загадување?

Како прво, предлогот за зголемување на цените на струјата не е финализиран, но слушнав дека е можно тоа зголемување да биде чекор по чекор, но за мнозинството граѓаните цените да останат исти. Така што не очекуваме домаќинствата да употребуваат друг извор на затоплување. Секако, во земјава веќе имаме бројни субвенции: за инвертери, за употреба на пелети или други начини, како пумпи за затоплување. Сакаме граѓаните да ги употребуваат субвенциите. Државата дава субвенции од 20 проценти, исто така има и други механизми за употреба на кредити или банкарски заеми. Исто така има 15 или 20 проценти субвенции за енергетска ефикасност. Сакаме да ги поттикнеме граѓаните да ја заменат употребата на затоплување на домовите со дрва или други материјали кои загадуваат. Всушност, не мислам дека загадувањето оваа година ќе биде зголемено.

Долго време од јавни пари имаше субвенционирање на инвертери. Дали беше грешка стимулирањето на користење на струја, која ја немаме?

Не, не. Мислам дека не станува збор за таков случај, не воопшто. Во исто време прашањето е од каде доаѓа енергијата и за што ја употребуваме. Не треба да заборавиме дека инвертерите се многу енергетски ефикасни и се забележува дека во изминатите 4 до 5 години имаме намалување на аерозагадувањето. Тоа ни покажува дека се движиме во правилна насока, дека преземените мерки покажуваат резултати. За жал, не пости решение преку ноќ за аерозагадувањето. Бидејќи заедно со шведската Влада и Универзитетот во Штип изработивме извештај за тоа од каде доаѓа аерозагадувањето во градовите. Имаме научни податоци кои покажуваат дека аерозагадувањето во градовите, посебно во Скопје, над 40 проценти доаѓа од биомаса, што значи дека се употребува дрво, евентуално пелети или други елементи кои го загадуваат воздухот. Потоа, за жал, доѓаат горивата - транспортот, нашите автомобили, кои за жал се многу стари и потоа е индустријата. Треба да ја запреме употребата на дрва и други такви материјали во насока да го решиме проблемот со аерозагадувањето и затоа проектот за гас (енергетската постројка во Александрополис) е многу важен.

Охридскиот регион и Охридското Езеро се светско природно и културно наследство. Но, анализите на Хидробиолошкиот завод покажуваат присуство на фекалии во водите на Езерото. Зошто не се преземни доволно мерки за да се спречи ваквиот проблем?

Да, сметам дека сите треба да бидеме задоволни и радосни со фактот дека Охрид е заштитена локација на УНЕСКО. Тоа треба да го задржиме, тоа е нешто на што работиме и за тоа бев во Париз да дискутирам со Комитетот на УНЕСКО. Минатата година добивме дополнителни две години да ги прегледаме и да ги имплементираме препораките на УНЕСКО. Кога зборуваме за отпадните води, кои за жал влегуваат во нашето езеро, треба да бидеме свесни од каде доаѓа тој отпад. Прво, тоа може да биде од згради кои не се поврзани со колекторот и во истовреме, треба да бидеме свесни дека главната цевка на колекторот за отпадните води во Охрид е оштетена и протекува и исто така делумно оттаму отпадните води се влеваат во езерото. Треба да бидеме свесни и за реката Сатеска, која се влева во Охридското Езеро и треба да биде пренасочена, на што во моментов работиме со меѓународни донатори да пренасочат делови од неа. Треба да го истакнеме фактот дека студија изработена од Јапонците, на што сме им многу благодарни, покажува дека потребните инвестиции за третман на отпадните води во Охридскиот регион се меѓу 60 и 70 милиони евра. Тоа е многу голема сума и треба да одиме чекор по чекор.

Граѓаните кои живеат во Охридскиот регион со години плаќаат за колекторскиот систем, а Езерото не е заштитено. Зошто?

Како што претходно го наведов фактот дека некои од домаќинствата, за жал, не се приклучени во системот, не знам во колкав процент од нив плаќаат сметки за комунални услуги. Не сакам да влегувам во таа дебата бидејќи тоа е одговорност на општината. Сепак, треба да се инвестира во колекторски систем, се согласувам со вас. Во исто време, како држава, не зборувам за централно или локално ниво, исто така треба да работиме заедно и да разбереме дека ќе ни требаат повеќе средства да инвестираме за поправка на штетата која во моментов постои.

Исто така и Реката Вардар е претворена во депонија во која се слева целата скопска канализација. Слична е ситуацијата во Лепенец, Пчиња... Зошто во 21 век Скопје е главен град без пречистителна станица?

Се согласувам, меѓутоа сакам да информирам дека сме во финална фаза за потпишување на договор, со кој и да го добие тендерот, и се надеваме дека до крајот на годината ќе започнеме да ја градиме постројката за третман на отпадни води во Скопје, што е инвестиција од над 100 милиони евра, а ќе ја финансираме преку заеми од ИЕБ и ЕБРД. Исто така ќе добиеме фонд и од Инвестициската рамка за Западен Балкан, односно од Европската Унија, што значи дека конечно оваа година ќе започнеме со изградба на пречистителната станица во Скопје за да се справиме со отпадните води во Скопје. Тоа е процес на кој работиме изминатите три години и сега конечно сме во финалната фаза и се согласувам со вас дека главен град не треба да биде оставен без постројка за третман на отпадни води.

Колку временски би траела изградбата на таа пречистителна станица?

Сметам дека целиот процес на изградбата треба да трае меѓу три до максимум четири години.

Започнато е чистењето на линданот во малата депонија во ОХИС. Но, од друга страна има вкупно 16 индустриски жешки точки, меѓу нив и депонијата Југохром која е во близина на изворот Рашче. Постои ли ризик од загадување на водата која ја пие цело Скопје?

Како прво, многу сум среќен што по 50 години конечно започнавме да ја чистиме малата депонија во ОХИС, но исто така треба да започнеме и со чистење на големата депонија. Сакам да истакнам дека со измените на Законот за животна средина конечно ја обврзавме државата и приватните сопственици на одредено земјиште, да ги идентификуваат жешките точки. Досега тие не беа идентификувани, сите знаеме за нив, но официјално тие не постојат. Со измените на законот сега ја обврзуваме државата да ги идентификува и да започне да работи на планови за санација и чистење на локациите. Југохром во Јегуновце е историска жешка точка создадена од државна компанија пред околу 40-50 години. Дали постои ризик? Да, пости ризик. За жал доколку не ја менаџираме соодветно, може да се случи изворите да се загадат преку подземните води. Сепак, постојат бариери и не треба да заборавиме дека таму е и реката Вардар. Ги преземаме сите неопходни мерки за претпазливост, постојано ги испумпуваме контаминиранате води, ги третираме и потоа ги ослободуваме како индустриски води. Сепак, со новиот закон се обврзавме како држава да изработиме план за санација и конечно да започнеме да бараме начини и средства за чистење на таа локација која е можно да биде ризик за граѓаните на Скопје.

Во однос на Климатските промени, како ќе биде обезбедена праведна и инклузивна енергетска транзиција, со оглед дека Македонија е една од земјите зависни од јаглен?

Потребно е полека да ја направиме транзицијата. Треба да ja диверзифицираме нашата енергетика. Како што е познато, инвестираме во енергетската постројка во Александрополис и тоа го правиме за да обезбедиме наши количини на природен гас. Второ, ќе започнеме да дистрибуираме гас во градовите и во сите области, но примарно сакаме да ја поврземе индустријата, со цел компаниите помалку да користат електрична енергија произведена од јаглен. Исто така, правиме државната компанија ЕСМ да инвестира во обновлива енергија, како што е првиот проект кој започна пред неколку недели. Знаеме дека 10 мегавати се малку, но се некаков почеток. Следниот проект кој е одобрен од Парламентот, ќе биде 30 мегавати проект на ЕСМ. Со тоа, не само што инвестираме како држава, исто така го поддржуваме приватниот сектор да премине кон обновлива енергија. Истовремено сакаме да ги поттикнеме граѓаните да инвестираат во обновлива енергија, како што е сончевата енергија. Неодамна министерот за економија во Владата помина да биде променета регулативата и ние граѓаните да можеме да ставаме фотоволтаици од 6 киловати на нашите кровови и да можеме во мрежата да ја продаваме струја која не ни е потребна.

Дали ќе бидат воведени даноци на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) за компаниите?

Ова е многу добро прашање. Минатата недела бев во Брисел и ЕУ бара да воведе методологија за јаглерод диоксид и да започне на нашата економија да ѝ наплаќа за употреба на фосилни горива кои создаваат емисии на јаглерод диоксид. Пред тоа да почне, не можеме да дозволиме нашата држава да плаќа во ЕУ и за тоа треба да размислиме и во моментов размислуваме на тоа. Имаме финализиран Закон за климатските промени и во тој закон сакаме да воведеме цени на јаглерод. Тоа ќе бидат многу ниски цени кои постепено ќе се зголемуваат, од година во година. Идејата не е да му наплаќаме на приватниот сектор, туку да го поттикнеме да ја напушта употребата на фосилните горива, бидејќи ако не го направиме ние, тоа ќе го направи ЕУ за неколку години. Така што пред да започнеме да ѝ плаќаме на ЕУ, ќе започнеме да правиме приватниот сектор полека да и плаќа на државата, а државата да инвестира во обновлива енергија и да не употребува енергија од јаглен. Да, тоа не очекува, но пред тоа да го направиме, секако сакам да седнеме со приватниот сектор, тоа да го објасниме за да не биде шок. Сепак, ако тоа не го воведуваме и постепено, ќе биде шок бидејќи тоа на нас ќе ни го воведе ЕУ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG