Достапни линкови

Власта признава: ситната корупција - голем проблем


Илустрација, корупција
Илустрација, корупција

Половина милион граѓани најмалку еднаш подмитиле државен службеник, покажува проекцијата во истражувањето на МЦМС. Власта признава дека ситната корупција е очигледен проблем со кој најавува дека ќе се бори, односно допрва ќе осмислува систем за борба против ситната корупција.

Дојде времето кога бебето за прв пат ќе го види светот, но прво што влетува е во рацете на докторот кој неговиот татко го почестил со виски и стотина евра во плик за да добие достојна нега. Следниот чекор е јаслите, родителите ја бараат најдобрата негувателка или воспитувачка, па дури и директорка за малата принцеза или принц да добие вистинско внимание, кое редовно се потхранува со најмалку 200 грама кафе и бонбониера. „Малото внимание “ продолжува во основното, но и средното образование каде што родителите се жалат на премногу домашни задачи. Па убав подарок понекогаш вреди повеќе од навреме научена лекција. Таквото општо познато секојдневие, за кое разговаравме со социолози остава сериозни последици врз развојот на новите генерации, но и врз целото општетство затоа што ја покренува спиралата на корупција која нема крај.

Граѓаните се навикнати дека тие треба да им служат на институциите, а не обратно, односно институциите се тука за нив, а тоа е она што треба системски да се искорени вели социологот Али Пајазити.

„Феноменот на ситната корупција според анализите, покажува дека давањето на мито станало кодекс или начин на живеење затоа што граѓаните државата ја перцепираат како питон, како едно суштество кое не е во сервис на граѓаните, туку таа функционира кога ќе ги види банкнотиите, односно преставниците на државата, службениците,администрацијата која треба да биде сервис за граѓаните, тие граѓаните го гледаат како банкомат од кои може да добиваат бенефиции, “ објаснува Пајазити.

И власта признава дека проблемот е сериозен

„Тоа се јавни тајни кои и ние ги слушаме и не треба да бидеме глуви за тоа. На пример, шпедитори купуваат ручек или доручек на цариници, а шоферите и возачите на камиони чекаат на сонце да им биде завршена работата. Сите сме свесни во делот на урбаната мафија, за незаконитостите, во делот на предмети за легализација низ општини, па се збори за тарифници, Јас сум свесен за тоа, сакам секоја тема да биде отворена. Не може тоа да ни биде нормално во државата, не сакам да живеам во таква држава и не сакам да партиципирам без да ги промениме работите, мора од корен да ги промениме работите“, вели вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски.

Тој додава дека постои политичка волја за таква битка со ситната коруцпија, но потребно е време за формирање на ефикасни тела, но и избор на чесни кадри кои што нема, како што вели Николовски, да шетаат како инспектори низ фирми и да најавуваат контроли, да ги плашат луѓето или да се закануваат.

Според последното истражувањето на невладината МЦМС за процена на корупцијата, годинава перцепцијата за корупција како круцијален проблем рипнала за едно место погоре во однос на лани, односно на четврто место веднаш после невработеноста, политичката нестабилност и ниските приходи како клучни проблеми. Истражувањето покажува дека за околку 80 проценти од македонските граѓани сметаат оти водечките фактори за широко распостранета корупција се неефикасноста на судскиот систем во борбата против корупцијата, желбата за брзо и лично богатење на оние кои се на власт и недостаток на строга административна контрола врз корупцијата.

Слаѓана Тасева од Транспарентност Интернешнл вели дека треба да се настојува институциите и тие што работат во нив да ги исполнуваат обврските без при тоа да бараат дополнителна награда, затоа што тие добиваат плата од државата за тоа.

„ Но не постои соодветен систем на контрола, и наградување и казнување, едноставно не си ја вршат работата и граѓаните тоа го разбираат дека мора да потплатат за да си завршат работа. Немаме соодветен механизам каде граѓаните ќе се пожалат, ниту пак ќе го следи тоа или ќе го контролира како се однесуваат државните службеници. Треба да се бара поголема одговорност од вработените во институциите“ вели Тасева.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на осудени лица за давање на поткуп или примање на поткуп е многу мал. Најголем број на виновни лица за давање и примање поткуп е 24 во 2008 година а најмал во 2018 година каде бројот изнесува 2. Од друга страна, најголем број на прогласени за виновни за злоупотреба на службена должност во период од 2007 до 2018 година е 193 во 2014 година а најмалку во 2011 година кога за виновни во судот биле прогласени само 75 лица .

Институциите „ранливи“ на пандемијата

Според проекцијата во истражувањето на МЦМС на половина милион македонски жители им бил побаран поткуп барем еднаш во изминатава година, а околу четиристотини илјади граѓани поткупиле некого барем еднаш лани.

„Во однос на вклученоста во корупцијата, ако претпоставиме дека се работи за поединечни случаи, зборуваме за потенцијално минимум 388.363 сторени дела. Ако го споредиме тоа со збирот на обвинети лица во 2018 година за злоупотреба на службена должност и обвинетите лица за примање и давање поткуп (вкупно 95 лица), добиваме стапка на ефикасност на институциите од 0,024%, односно толкав е процентот на случаи кои се обработуваат наспроти оние кои претпоставуваме дека се случуваат“, пишува во последниот извештај на МЦМС.

Од друга страна, ако се прави споредба со претходните години, во анкетите се забележува намалување на граѓаните кои учествувале во коруптивен акт од 27 проценти во 2018 година до 21 процент во 2019 година.

Толеранцијата односно прифатливоста на корупцијата е поголема кај младите на возраст од 18 до 29 години споредено со другите возрасти. Така на пример за 32,1 процент од младите на оваа возраст е неприфатливо да дадат пари за да решат некој проблем, а 65 проценти од нив би дале пари доколку не постои друг начин да го решат проблемот, покажува анкетата.

Четири од пет граѓани сметаат дека судиите и јавните обвинители се најкорумпирани. Покрај нив големо мнозинство околу 77 проценти од анкетираните сметаат дека пратениците, министрите, лидерит на политичките партиии и локални лидери се најкорумпирани професии. Нешто повеќе од една третина во најкорумпираните професии ги вметнуваат и банкарите и наставниците.

Проблемот со ситната коруција го признаваше и претходната власт. ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ воведоа и систем со кој граѓаните ќе ги оценуваат службениците на шалтерите. Тоа беше во период кога се воведуваше едношалтерски систем. На телевизиите имаше кампањи во кои им се сугерираше на граѓаните ако не добијат одговор од институциите да ги третираат како позитивни одговори. Ситната корупција се нарекува и административна затоа што најчесто се однесува меѓу јавните службеници и граѓаните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG