Достапни линкови

Потврдени три нови случаи на коронавирус


Венко Филипче

Министерството за здравство пред малку информира дека од осумте тестирани пациенти на коронавирус попладнево, тројца членови на семејството на сопружниците од Дебарско се позитивни, а останатите петмина се негативни на коронавирусот.

На денешната попладневна прес-конференција, министерот Венко Филипче соопшти дека се испитуваат осум пациенти – еден пациент кој престојувал во Бугарија и неговата сопруга, патник од Сингапур, наш државјанин, кој се вратил дома, четири лица што биле во контакт со заразената двојка од Дебар и еден пациент од Гевгелија.

Како што информираат од ресорното министерство, трјцата позитивни пациенти, од петокот (6 март) се во домашна изолација, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Со ова вкупната бројка на заразени од коронавирусот во земјава достигна седум лица. Првата заразена е 50-годишна жена, повратник од Италија, потоа беше објавено за брачната двојка од Дебарско, а утрово беше потврдено дека позитивна на коронавирус е и директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска.

За двајцата сопружници (62 и 68 години) беше објавено дека во земјава пристигнале од Бреша, Северна Италија на 27 февруари, а докторката Билјановска заболила од коронавирус откако била на скијање во истата земја која важи за жариште на вирусот во Европа.

Попладнево Филипче наведе дека 193 лица кои биле во контакт со заразената докторка се во 14-дневна домашна изолација.

XS
SM
MD
LG