Достапни линкови

Дуќанџии бараат олеснувања за давачките во ГТЦ


Илустрација. затворена продавница во ГТЦ
Илустрација. затворена продавница во ГТЦ

По неколку месеци од пандемијата се забележува дека од скоро се затворени неколку дуќани во ГТЦ, а други со години стојат празни. Дел од продавачите не можат да ги платат давачките кон државата додека не тргне работата. Управата тврди дека на прсти се бројат затворени или дуќани со блокирани сметки.

Првиот трговски центар во Скопје и некогашен модерен симбол на главниот град, кој дневно е посетуван од стотици граѓани, во делови од објектот се носи потешко со пандемијата и се забележува дека има продавници кои стојат полупразни. Иако, поради централната позиција има доволно минувачи, низ ходниците се гледа и по некоја продавница на која од неодамна е ставен катанец.

Но, од здравствената криза која донесе ограничувања на движењата на луѓето и штети врз економијата најголем товар изгледа поднесува најгорниот кат каде голем дел од дуќаните се затворени. Поголем дел од нив не работат со години, а на последните затворања веројатно влијаело што некои од објектите овде се замислени како продавници за свечена облека.

Иако од управата на Градскиот Трговски Центар тврдат дека немаат проблеми и оти поради пандемијата се затворени два до три дуќани, а дека со години наназад едни продавниците за затвораат а други се отвораат, глетката од некои делови од објектот и укажувањата на дел од сопствениците се поинакви.

затворена продавница во ГТЦ
затворена продавница во ГТЦ

Дека некои се на работ на егзистенцијата може да се види од тоа што на најгорниот кат може да се сретне само по некој минувач, а впечатокот од глетката е пустош. Пасажите се празни, на повеќето излози од продавниците се истакнати натписи на кои пишува -се издава-, стаклата се облепени со картони, нема осветлување па се чини како да се наоѓате во некој лавиринт. Бизнисот на сопствениците на овие продавници зависи од дневниот пазар, а пради короната откажани се венчавките, матурските и другите прослави. Продавачка на овој спрат ја сретнавме не на вообичаеното место меѓу машината за шиење и фискалната каса, туку на влезната врата од нејзината продавница пред пасажот од каде загрижено гледа дека има се помалку дуќани кои работат.

Таа покажува на последната опомена пред неа во која се известува дека има долг за одржување од над 150 илјади денари и дека ако не го подмири ќе и биде испратен извршител.

"Од март два месеца не работевме, а потоа со многу мал обем и оттогаш досега ништо не ми е платено од давачките за одржување, замислете која сума е тоа. Ако сметате дека е опстојување што не плаќаме, да опстојуваме, но до кога, тие заостанати сметки треба да се платат. Еве стигнуваат опомени што значи ќе не дадат на извршител. Со короната е страшно. Како за сите така и за нас, но ние сме многу погодени зашто работиме со свечена облека, а се знае нема прослави, матурски, свадби. А нема и народ, нема движење и за поправки ретко некој да дојде. Во моето опкружување има доста што затворија, пасажите се празни" вели нашата соговорничка која не ни го кажа своето име.

затворена продавница во ГТЦ
затворена продавница во ГТЦ

Таа се надева дека државата е свесна дека има трговци кои потклекнаа на кризата и ги затворија дуќаните во изминатите неколку месеци во ГТЦ за кој пред неколку години стотици граѓани правеа обрач за да кажат "не" за барокна фасада. Таа како и повеќе нејзини колеги алармира дека управaта на ГТЦ треба да овозможи поповолни услови за исплата на наталожените сметки. Додава дека во професијата со текстил е над 30 години, а за тоа што ќе биде понатаму одговора неoпределено надевајќи се дека треба да се почека да се сталожат работите.

Давачаките за одржување во кои се вклучени и греење, осветлување и вода кои сопствениците треба да ги подмируваат секој месец кон управата, за сопствениците се високи и наведуваат дека во зависност од квадратурата на продавницата се движат од над 10 илјади денари месечно па се до 60 илјади денари.

Прашањата за плаќањето на заостанатите сметки за одржување се поставуваат како крути и неумоливи и за продавачката од уште еден дуќан од погорните катови.

Вели дека очекувала да преговара со управата за одложување на рокот за наплата, по примерот со одложувањето на ратите за кредити, но била пресретната со блокирање на сметката и поради тоа не може да си ја подигне платата а со тоа да и тече и здравственото осигурување.

Тоа што ние го продаваме не се основни производи како храна или секојдневна обека која секој мора да ја има, вели таа.

"Фактурите се огромни, не може да ги платиме, а каде се кириите? Со короната спратот целосно се запусти, нема работа, нема пари, сметките за плата ни ги блокираа поради неплатени сметки, управата ни се заканува дека ќе не тужи за сметките, година дена не сме платиле. Плати не земаме, нема помош од државата. Јас треба вените да отидам да ги оперирам, не одам- немам осигурување. Треба да го одјавам дуќанот и да отидам на биро за вработуавње за да се осигурам. Но сакам да почекам, битката е да не затвораме. До сега некако гуравме, како ќе биде ќе видиме" вели таа.

Управа на ГТЦ- поради пандемијата затворени два до три дуќани

Радио Слободна Европа побара одговори од управата на ГТЦ за тоа во колкава мера пандемијата се одрази врз овој центар.

Од таму ни рекоа дека во овој период на пандемија има намалување на прометот како и секаде во трговијата но оти во ГТЦ се затворени два до три дуќани, демантирајќи ги информациите кои беа објавени во јавноста дека 80 проценти од продавниците се затворени.

Од управата исто така тврдат дека едвај на прсти може да се избројат дуќаните на кои им се блокирани сметките во ова време на пандемија.

Од таму објаснуваат дека има и други продавници кои се гледа дека се затворени но оти тоа е глетка од пред пандемијата и тоа се должи на судски процеси кои се во тек, дополнувајќи дека исто така овде едни продавници се затвораат а други се отвораат постојано.

Директорот, Трајчевски Ѓоко ни изјави дека донеле повеќе одлуки за да им помогнат на кафулињата и рестораните како и за ослободување со намалување од 10 отсто на тековното одржување како и за закупот. Укажува дека од друга страна и Владата донесе пакет на мерки за спас на економијата и бизнисите.

Во врска со заостанатите сметки на дел од сопствениците на продавниците во ГТЦ Трајчевски ни одговори дека управата има разбирање и за овој проблем и оти ги толерира оние кои не успеваат редовно да ги подмират, но оти прават се во рамките на можностите.

"Нас ни пристигнуваат фактури за искористената електрична енергија од локалите. Снабдувачите не не чекаат да им платиме,"вели директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски.

Прометот е намален

Како и да е на почетокот на есента беше секогаш раздвижено во овој трговски центар кој се простира во центарот на Скопје и се наоѓа на само неколку метри од кејот на Вардар каде има многу кафулиња кои се белег на стилот на забава и живот на Скопје.

Но, октомври, иако почна и учебната година не ја донесе вообичаената атмосфера ниту во кафулињата спроти ГТЦ нити на подолните катови од објектот.

затворена продавница во ГТЦ
затворена продавница во ГТЦ

Иако во ноќните часови ситацијата со посетеност е многу подобра поради низа маркетиншки кампањи како настани на зелениот кров и тематски случувања преку ден во текот на работните денови впечатокот за атмосферата е поинаков.

Сопственичка на продавница за детска облека вели дека во овој период таа има вообичаено најмногу работа зошто прометот расте кога доаѓа почетокот на школската година, но поради пандемијата кај неа купувањето на детска облека драстично е опаднато. Иако се обидува да ги привлече клиентите со разни акции како што е истакнатиот натпис за пупуст, тоа многу не помага.

"Мојата фирма е стара 18 години, а на ова место сум неколку години. Ова сега што ни се случува последната година е нешто страшно. Нема промет, децата повеќето од нив не одат на училиште и ситуацијата е многу тешка. Еден до двајца купувачи ако влезат во текот на денот и затоа ние е скратено работното време од 10 до 17 часот. А сметките се високи и нереални. Пример сметката за јуни од 2019 ми е пониска од таа за јуни 2020 иако работиме скратено. Еве гледате што се случува околу- продавницата "Васидора" затвори, "Мој сан" затвори, друг дуќан со детска гардероба и тој затвори..."вели таа.

Фирмите бараат одложување на кредитите, синдикатите помош директно за работниците

Како што е познато трендот на затворање на дуќани во ГТЦ започна пред пандемијата и трае во континуитет со години наназад а тоа според економистите се должеше и поради конкуренцијата од ново отворените молови во градот, но и намалената куповна моќ на граѓаните. Намалувањето на атрактивноста на ГТЦ се поврзуваше и со долги години неинвестирање во обнова на објектот иако имаше и идеи да биде прогласен за културно наследство.

Проблеми поврзани со приватизацијата на ГТЦ

На прашање на Радио Слободна Европа колку вкупно дуќани не работат од Управата на ГТЦ наведуваат дека објектот брои 450 локали, но укажуваат оти сите не се во нивна сопственост -60 проценти се продадени на газади а 40 се во сопственост на управата.

Многу од дуќаните кои се гледа дека не работат се затворени од газдите кои си водат други бизниси, вели директорот Трајчевски наведувајќи дека не може да им наметнат на сопствениците да ги отворат или затворат дуќаните.

Намалената куповна моќ ги празни дуќаните во ГТЦ

Директорот Трајчевски посочува дека трендот на затворање и отворање дуќани се случува во континуитет и поради промена на бизниси на сопствениците.

затворена продавница во ГТЦ
затворена продавница во ГТЦ

Тој посочува дека во изминатите три години колку што тој е директор се издадени над 30 деловни единици од кои некои не биле отворени и над 20 години, како што е случајот со поранешната ќилимара од приземјето чиј објект е издаден на аптеката Реплек и тоа во време на корона кризата.

Директорот Трајчевски се согласува дека пандемијата кај продавници остави последици врз прометот наведувајки дека кога нема свадби и прослави логично е дека граѓаните штедат па помалку купуваат чевли и облека и тоа создава нездоволство и загриженост кај продавачите. Но, на сметка на тоа, од ГТЦ наведуваат дека прават низа кампањи за да привлечат посетители и со гордост зборуваат за зелениот покрив и активностите кои се организираат таму како и за чекори направени за рестораните и кафулињата.

Во врска со продавници со брендирана облека кои од година во година се повеќе недостасуваат во овој најомилен центар за најголемиот дел од граѓаните тој вели дека тоа тешко оди зашто дуќаните со приватизацијата се поделени на единици со помала квадратура и дека популарните компании бараат објекти со поголеми квадратури.

Објектот на ГТЦ датира од 1973-та година и има површина од 120 илјади квадрати.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG