Достапни линкови

Младите мислат дека се непобедливи, а се големи пренесувачи на коронавириусот


илустрација

Пред вонредната состојба да го зафати светот за да не се шири коронавирусот, специјалистката за комуникации во јавното здравство, Дивија Сонти побара од нејзините милениумски врсници да не одат на забави – но, како што вели, „пријателите помислија дека претерувам”.

Возрасната група на 30 годишната Сонти се смета за ниско-ризична, но денес властите предупредуваат дека помладите генерации се веројатно носители на асимптоматски случаи и можат лесно да заразуваат постари или недоволно имуни луѓе.

Дебора Биркс, задолжена за коронавирусот во Белата куќа, вели дека „милениумската генерација“ може да претставува поголем носител на новиот коронавирус отколку што се сметаше.

Таа ,исто така, вели дека КОВИД-19 - кој инфицира над 240.000 луѓе, оставајќи скоро 10.000 мртви низ целиот свет - може да ги погоди помладите луѓе потешко отколку што се веруваше, посочувајќи извештаи од Франција и Италија за сериозни случаи дури и меѓу 20 или 30-годишниците.

„Ни треба тие да бидат здрави“, вели Биркс.

Непобедливи

Претседателот Доналд Трамп во врска со младите изјави: „не сакаме да се собираат. Јас гледам дека тие се собираат, вклучително и на плажи и во ресторани. Младите луѓе - тие не сфаќаат, се чувствуваат непобедливо“.

Поимот „милениумци“ често се користи како термин за сите млади, иако Пју Центарот за истражување ги дефинира како оние родени меѓу 1981 и 1996 година. Оние околу 24 години и помлади се сметаат за членови на Генерацијата Z.

Привилегирани

"Голем индивидуализам се протега низ современото општество, а посебно тоа е најистакнато кај младите", вели Џин Твинџ, професор по психологија и автор на книгата „Генерација јас“.

Индивидуализмот доведе до поголема еднаквост и помалку предрасуди, додава таа, наведувајќи дека тоа е проследено со необичен став кон правилата и помала доверба во институциите, вклучително и науката.

„Сите ние треба да сфатиме дека ќе мора да го промениме размислувањето“, вели таа за АФП.

„Ова е предизвик за една генерација која досега не доживеала култура која треба да биде поколективистичка од некои навистина добри причини“.

Познати личности, како 18-годишната Били Ајлиш и 26 годишната Аријана Гранде ги повикаа луѓето да ги следат предупредувањата на КОВИД-19.

„Ќе бидеме добро затоа што сме млади“ – овој начин на размислување ги става луѓето кои не се млади или здрави во многу опасност “, објави неодамна Гранде, додавајќи: „Звучите глупаво и привилегирано и треба да се грижите повеќе за другите“.

Грозничав сон

Нејт Кристенсен, студент по медицина лежи дома откако во Њујорк беа затворени училиштата и забранети собирите.

„Мислам дека на луѓето им е тешко да сфатат дека нешто сериозно се случува во нивниот двор. На крајот на краиштата, јас не ги обвинувам луѓето што сакаат да продолжат да живеат нормален живот“, вели тој, наведуваќи дека силата на неговата генерација е и во користењето на социјалните медиуми за ширење на свеста за ризикот од коронавирусот.

„Секој што виде што се случува во Италија, а мисли дека оваа земја ќе се справи со вирусот, како и секој сезонски грип, секако дека живее во трескавичен сон на „американската исклучивост“, оценува Кристенсен.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG