Достапни линкови

Филипче: нема причина за паника за коронавирусот


Архивска фотографија- Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во овој момент не гледа ниту една причина за некаков ризик или паника за коронавирусот во земјата. Уверува дека работата целосно е под контрола. Досега нема регистрирано сомнителни случаи туку, како што рече, има вообичаен број заболени од грип.

„Поминуваат сите патници кои доаѓаат со летовите кои имаат врска со поширокиот регион на Вухан, со оглед на тоа што сега тој град е целосно затворен. Кај нас стигнуваат авиони од Истанбул и од Дубаи. Мојата информација е дека утрово летот од Истанбул бил откажан, односно одложен за неколку часа. Системот е веќе воспоставен. Камерата беше поставена во текот на вчерашниот ден, целосно избаждарена. Направен е распоред на лекари епидемиолози од Центарот за јавно здравје, како согласно редот на летање ќе бидат присутни за време на скенирањето“, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за коронавирусот.

Министерот рече дека секој кој нема директен контакт и не доаѓа од Кина, доколку почувствува некои симптоми ќе оди по нормалниот тек на матичен лекар. Филипче изјави дека единствена група на македонски граѓани кои биле во Кина, но на 2.000 километри оддалеченост од градот Вухан е една актерска група од МНТ. Појасни дека искомуницирале со нив, тие се скенирани излезно кога го напуштале аеродромот во Пекинг и скенирани со термална камера во Истанбул. Филипче вели дека за време на разговорот, во текот на вчерашниот ден, односно во неделата, тие изјавиле дека немаат никакви симптоми.

XS
SM
MD
LG