Достапни линкови

Половина население имало контакт со коронавирусот, нови пикови се малку веројатни


Илустрација: Ресторан во Скопје
Илустрација: Ресторан во Скопје

Околу половина од жителите на Македонија веќе имале контакт со вирусот, вели епидемиологот, доктор Драган Даниловски, и затоа бројот на нови случаи се намалува. Продолжувањето на работното време на кафеаните можеби е прерано, но нема да донесе драстично зголемување на бројот на заразени, вели тој.

Продолжувањето на работното време на угостителските објекти е можеби прерано, затоа што епидемијата сè уште не е поразена, но веројатно нема да предизвика големо зголемување на бројот на заболени од коронавирус, затоа што околу половина од населението веќе имало некаков контакт со вирусот и бројот на луѓе со имунитет е голем, вели епидемиологот, доктор Драган Даниловски во разговор за Радио Слободна Европа.

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена соопшти дека било одлучено од 21 јануари работното време на угостителските објекти да се продолжи до 21 часот, наместо до 18 како што е сега, а ако ситуацијата се подобри може да се размислува за барањето на угостителите за продолжување на работното време до 23 часот.

Дали најлошото помина во Ковид центрите во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:19 0:00

Професор Даниловски вели дека бројот на заболени паѓа цел декември, имаше стагнација од 3 до 11 јануари, а сега повторно паѓа. Се намалува и бројот на луѓе во болниците, иако бројот на починати стагнира, вели тој. Ситуацијата сега е поволна и тоа провоцира опуштање, но имаме веќе едно негативно искуство со прерано олабавување на мерките, вели Даниловски и посочува дека е потребно уште малку трпение.

„Можеби не требаше да се олабават мерките, но тоа е тоа, ќе видиме што ќе се случи. Не верувам дека ќе се случат некакви спектакуларни зголемувања на бројките, но и малку да порасне бројот на нови случаи, со тоа некако пропорционално оди и зголемување на бројот на починатите, така што штета за тие што ќе заминат. Треба малку повеќе трпение да покажеме. Ете полека ќе дојде и до пристигнување на вакцината. Кај нас веќе околу половина од населението практично имало контакт со вирусот. Ние всушност на природен начин се справуваме со епидемијата. Вирусот веќе многу тешко доаѓа до нови жртви, уште малку само треба да издржиме“, вели Даниловски, посочувајќи дека ова е под услов во Македонија да не се појави некоја поопасна мутација на вирусот.

Ковид 19: Мутиран вирус, продолжени рестрикции и вакцинирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

За време на пикот во средината на ноември во Македонија имаше во просек по над 1100 нови случаи дневно, а сега има три пати помалку. Во неколку западноевропски земји, божиќните и новогодишните празници донесоа ново зголемување на бројот на случаи, но влијание има и новата мутација на коронавирусот, откриена во Велика Британија, според која, вирусот многу побрзо се шири. Првичните информации велат дека вакцината делува и на таа мутација. Но, додека да пристигнат вакцините, Македонија е на пат на постигне колективен имунитет, посочува Даниловски.

„Ќе се доведеме во ситуација аналогно како со сезонскиот грип. Ќе останат и понатаму незаштитени и ризични оние со хронични заболувања, постарите од 65 години, ќе останат изложени и под ризик одредени специфични професии како што се здравствените работници, така што кога ќе дојдат вакцините овде ќе биде аналогна ситуација како со грипот, пак ќе речам, да треба да се вакцинираат само тие“, вели Даниловски.

Филипче рече дека граѓаните за новогодишните празници главно ги почитувале мерките и затоа празниците не предизвикаа зголемување на бројот на заразени. Сега е намален и бројот на хоспитализирани, па тој најави дека клиниките за уво, грло и нос и за офтамологија од следната недела нема да примаат пациенти со ковид-19, туку ќе се вратат на редовна работа.

Владата го ограничи работното време на кафеаните на 18 декември за да ограничи групирање околу новогодишните празници. Од четврток, угостителските објекти повторно ќе може да работат до 21 часот, но кафеанџиите бараат да им се дозволи работа до 23 часот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG