Достапни линкови

Контрадикторни стотици нови вработувања во јавната администрација


Шалтер за лични документи (Архива)
Шалтер за лични документи (Архива)

На само два месеца до формирањето на техничка Влада, власта распишува стотици огласи за вработување, кое опозицијата го третира како предизборен поткуп. Забележлива е контрадикторноста во најавите дека вишокот административци ќе им се нудат на приватниците, ама вработувањата нема да престанат.

Армијата вработува 125 професионални војници, Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој распиша оглас за 22 нови работни места, Град Скопје вработува 21 државен службеник, Општина Струга пак, имала потреба од 30 службеници. Министерство за земјоделство, пак, во своите канцеларии ќе смести нови 14 службеници, а општина Охрид огласува 10 работни места. Ова се само дел од огласите објавени од почетокот на месецов. Според податоците од Агенција за администрација најчести огласувачи се општините а потоа и министерствата и најмногу бараат правници или економисти. Опозицијата обвинува дека од октомври до сега се објавени над 1200 огласи за јавни службеници.

Аналитичарите велат дека стара појава во државава е да се прикажува потреба од нови административци во предизборие, нешто кое ниедна власт досега не се ни обидела да го промени, туку напротив пред секои избори администрацијата редовно се зголемува.

„Тоа е стара појава кај нас, за жал, тоа го имало отсекогаш и сега го има, иако реално има потреба од кадар, бегаат информатичари, ни требаат доктори, бегаат наоѓаат подобри работни места но во општините сигурно нема недостаток, можеби ако има од областа на социјалата или на здравството евентуално, вели универзитетскиот професор Темелко Ристоски.

Од друга страна, пак, премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека откако тој е на власт бројот на административци е намален за 25 илјади.

„Секоја година, при крајот на годината има примање и трансформирање на работни односи воедначено. Крајот на годината е можност за сите што поминале осуммесечен, деветмесечен приправнички стаж да може да напредува, да добијат решенија за трајно вработување и слично, а крајот на годината исто така ги прави и буџетските баланси за сите оние што отишле во пензија. Нема нешто повеќе, нема нешто помалку од она што постоело во годините без разлика дали следуваат избори или не, се пополнуваат испразнети места. Знаете дека администрацијата од 165 илјади е намалена на нешто под 140 илјади. Продолжуваме со тој тренд заради тоа што севкупната рационализација и потребата во приватниот сектор е се поизразена и исклучиво веруваме дека е тоа добро за државата,“ изјави неодамна Заев.

Но ,според ланските податоци од Министерството за информатичко општество евидентирани се 1314 институции во јавниот сектор каде што се вработени вкупно 130 илјади што е зголемување за 3 илјади во однос на 2017 година.

Заев и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски неколку пати досега рекоа дека нема да се стопираат огласите за новите вработувања поради изборите затоа што институциите имаат потреба.

Тоа е жива материја, луѓе си одат и луѓе доаѓаат“, вели Манчевски.

Манчевски вели дека вработувањата немаат врска со изборите, туку тоа е во согласност со функционирање на буџетот, односно дека на крајот на секоја година се прекинуваат договорите на определено и доколку има потреба институциите повторно распишуваат огласи во новата година за нови договори на определено.


Но само пред година Манчевски велеше дека вишокот вработени административци ќе им бидат понудени на приватниот сектор.

„Во тек е вертикална и хоризонтална функционална анализа што треба да ги даде точните податоци со какви способности и за каков кадар станува збор. Потоа ќе се знае точно каде има недостаток, а каде вишок вработени, по што веќе почнувајќи од 2019 та година ќе се разговара и со претставници од бизнис секторот за потоа дел од овие лица своеволно под определени услови да се префрлат во приватниот сектор“, изјави лани Манчевски.

Според новиот предлог буџет за следната година, владата одвоила речиси половина милион евра за плати и надоместоци во администрацијата што е за 50 милиони повеќе од годинава.

Според поделбата по сектори, најголем број на јавни установи се во образованието 543, потоа во здравството 112 и во културата 117, труд и социјала каде што се евидентирани 115 јавни установи додека во областа на правдата се 12 и 3 во животна средина. Само во овие сектори лани биле заведени 66 илјади вработени. Во земјава има 137 јавни претпријатија од кои 114 се за комунални работи во кои вкупно се вработени околу 18 илјади луѓе.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG