Достапни линкови

Роднинско партиски вработувања со спорни критериуми


Центар Скопје, луѓе,

Роднинско партиските врски не треба да имаат предност пред дипломата при вработувањата, велат експертите. За дел од најновите случаи на вработувања на роднини на функционери јавноста има впечаток дека се случуваат нетранспарентно и преку ноќ. Партиите меѓусебно се обвинуваат.

По година и половина од работата, Влада се соочува со бројни обвинувања за непотизам откако во јавноста се обелоденија информациите за повеќе вработени членови на семејства на актуелни министри и пратеници особено во МЕПСО и ЕЛЕМ, но и во други институции меѓу кои Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Централниот регистар и други.

Ова предизвикува разочарување во јавноста затоа што и покрај големите ветувања за професионализација на државната управа и јавниот сектор кој владата го потврди и со носење на стратегија за јавна администрација и натаму се примаат кадри по партиски и роднински правила.

Деновиве беше обелоденето дека во ЕЛЕМ меѓу вработените се и синот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска, ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери, сестрата на министерот за култура, Асаф Адеми и на други функцинери.

Власта се правда дека Македонија е мала држава и луѓето имаат многу роднини и пријатели, а опозицијата секојневно обелоденува нови случаи на вработени членови од семејствата на фунционери во власта.

Но, главен проблем е што не доволно познато дали вработените ги исполнуваат критериумите за стручност за да бидат вработени како кадар во институциите на државата. Проблем за кој посочуваат стручањаците години наназад е и дали луѓето што се вработуваат се воопшто потребни. Последните случаи испровоцираа многу реакции особено што во Македонија луѓе со диплома во рака и со највисоки оценки со години не може да најдат работа и се лути што луѓе без квалификации но со партиски книшка добиваат работа.

Од Центарот за управување со промени велат дека иако вработувањата во претпријатијата со државна сопственост не подлежат на Законот за административни службеници, сепак тие треба да се водат од принципите на еднаков третман.

"Тоа подразбира дека кандидатите треба да подлежат на процес на соодветно тестирање, по што најуспешните кандидати ќе прејдат во фаза на интервју. Постапката за спроведување на интервју треба да биде јасно утврдена, со дефинирани критериуми по кои Комисијата ќе ги оценува кандидатите. По изборот на најдобриот кандидат, треба да постојат записи од Комисијата за селекција за тоа како течела постапката, како биле бодувани кандидатите и по кои критериуми, и како е составена ранг листата врз основа на која е избран најдобриот кандидат" наведуваат од Центарот за управуавње со промени.

Откако случаите со вработувањата на партиски претставници станаа видливи за јавноста, новата Државна комисија за спречување на корупција најави дека ќе заседава и ќе побара документи од институците за вработените, кои во моментов се недостапни за јавноста.

Потврда дека можеби работата отишла пределеку беше и изјавата на премиерот Зоран Заев кој рече дека ќе се бара повлекување од работните места ако имало протекции.

Аналитичарот Џељал Незири вели дека потребни се еднакви шанси за вработувања и оти конкурсите треба да бидат потранспарентни, а не да се случуваат преку ноќ

"Проблемот треба да се бара кај јавната свест во општеството која не успева да сфати дека за вработување во институциите не треба да се има само партиска книшка или роднина кој е функционер, туку да се базира низ процес на конкурси и натпреварувања. Додека ова не се смени клиентелизмот и непотизмот ќе бидат присутни и понатаму" вели Незири.

За кои случаи станува збор?

За повеќе вработувања на роднини и блиски на партиски и државни функционери деновите премиерот го потсети и новинар посочувајки ги примерите со од неодамна вработениот син и братот на пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска, натаму мајката на пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов, на ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери, синот на Горан Мисовски од НСДП, ќерката на независната пратеничката Емилија Александрова, сопругата на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, сестрата на миниситерот за култура Асаф Адемеи, и сестрата на минстерот за економија Крешник Бектеши.

Деновиве во јавноста беа обелоденети и нови случаи на вработувања меѓу кои, син на пратеничката на СДСМ Милева Ѓорѓиева е вработен во МВР, а таткото на сопругата на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски се вработил во фабрика на ЕЛЕМ, додека сопругот на пратеничката Мира Стојчевска бил унапреден на функцијата во Шумската полиција во Делчево.

Оваа пратеничка од СДСМ предизвика серија негодувања во јавноста поради информацијата дека покрај синот во ЕЛЕМ, го вработила и својот брат во државната РЕК Битола и дека тие се вработени еден ден по распишувањето на претседателските избори, што е спротивно на законот.

Претходно, медиумите објавија дека во ЕЛЕМ, Бесија Џафери, ќерка на претседателот Талат Џафери е вработена со средно стручно образование, матурант од Гимназија.

Претседателот на Собранието, Талат Џафетри, за медиумите изјави дека неговата ќерка ги исполнила сите услови за да биде вработена во ЕЛЕМ, на позицијата правник.

Реакции имаше и за тоа што портпаролот на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Костадин Костадинов ја вработил мајка му Фанија Костадинова во Централниот регистар на Струмица. Опозицијата праша, дали мајката на Костадинов e најмладиот и најперспективниот кадар со средно образование во Струмица и околината?

Синот на пратеникот Горан Мисоски, Кристијан Мисоски,пак, од 17 пријавени кандидати, бил вработен на конкурсот во Агенција за супервизија на осигурување.

Според информациите објавени во медиумите, Кристијан Мисоски дипломирал економски факултет на Американ Колеџ мината година во ноември 2018-та година,

Сара Александрова,ќерката на поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, а сега независен пратеник Емилија Александрова, според информациите објавени во јавноста од неодамна е вработена во Фондот за иновации и технолошки развој. Во дел од медиумите имаше информации дека таа нема работни искуство и ова и е прво работување, а има 23-24 години. Пратеничката Александрова за медиумите изјави дека е разочарана од тоа како медиумите ги третираат семејствата на јавните личности.

Деновиве и министерот за економија Крешник Бектеши одговори на новинарските прашања за вработувањето во МЕПСО на неговата сестра.Тој рече дека сестра му е доктор по правни науки, има завршено во Италија и дека секој граѓанин има право да конкурира.

Хидајете Алили, сестрата на Министерот за култура Асаф Адеми пак е вработена како референт во правна служба во гостиварската централа на ЕЛЕМ. Претходно неговата сопруга доби и средства од Фондот за иновации.

Стручњаците велат дека состојбите во државата во минатото покажаа дека влијанието на политичките партии при вработувањата во јавната администрација е огромен и дека заради таа причина, во извесна мерка, државата заврши во еден статус на заробена држава каде што администрацијата работи во интерес на партијата наместо да го штити и брани државниот интерес и дека тоа е сериозен проблем. Истражувањата покажуваат дека кога ќе ги запрашате граѓаните за довербата во јавниот сектор, во институциите, тие сметаат дека најголем дел од вработувањата во јавниот сектор се должат на партиските вработувања, дека семејните и пријателските врски се втор доминантен фактор за вработувањата во јавниот сектор, а компентециите и квалитетот односно квалификациите кои што ги поседуваат вработените, доаѓаат некаде на четврто односно петто место.

Експерите велат дека довребата на граѓаните во институциите може да се зајакне само преку воспоставување на објективни, јасни и транспарентни критериуми за вработување во јавниот сектор.

Како и да е граѓаните немаат друг избор зошто сите партии кои беа на власт во изминатите години покажаа дека се склони кон партиски вработувања.

Очите се вперени кон новата влада, бидејќи таа ќе има огромна одговорност да демонстрира, дека ги почитува начелата со кои што се обврзала и спрема граѓаните и спрема Европската Унија, велат експертите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG