Достапни линкови

Колку ЦЕФТА придонесе за раст на трговијата во регионот?


Камиони на царина на граничен премин
Камиони на царина на граничен премин

ЦЕФТА придонесе за раст на трговијата од 40 до 80 посто, вели директорот на секртаријатот на иницијативата, Емир Џикиќ. Превозниците се жалат дека транспортот меѓу земјите членки е ограничен. Од друга страна ЦЕФТА работи на унапредување на електронската трговија.

Централноевропската трговска спогодба ЦЕФТА придонесе за заедничкиот раст на трговијата во регионот, вели во интервју за РСЕ, директорот на генералниот секретаријат на ЦЕФТА, Емир Џикиќ кое во целост ќе се емитува в недела. Анализите, како што вели тој, покажуваат дека ЦЕФТА во моментов е втор трговски партнер на земјите членки во иницијативата, а трет партнер ако се земат посебно земјите членки на ЕУ. Значи, како што посочува Џикиќ, прва е Германија, па потоа е Италија, а трета на сите е ЦЕФТА.

„Она што исто така е важно да се истакне е дека вообичаено во трговијата која се случува преку ЦЕФТА учествува во синџирите на вредност кои се неразделни од синџирите на вредност во ЕУ, кој е исто така еден од заклучоците на овие анализи. Исто така еден од заклучоците е дека ЦЕФТА навистина многу придонела и растот на трговијата е од 40 до 80 посто во зависност од страните со тоа што помалите страни на ЦЕФТА имаа поголем раст во склоп на ЦЕФТА“.

Колкав удел има Северна Македонија во ЦЕФТА, Џикиќ не знае точно, но, вели дека исполнувањето на реформите и на обврските кои се преземени со членството во ЦЕФТА носи до тоа да се олеснува и пристапот до европскиот пазар.

Членки на ЦЕФТА се Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, како и Молдавија. Според последните податоци на Државниот завод за статистика за стоковата размена во првите четири месеци од годинава, односно од јануари до април Северна Македонија најмногу извезува во Германија, втора е Бугарија, а потоа на листата се земјите членки на ЦЕФТА, Косово и Србија.

Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници Макам-Транс вели дека ЦЕФТА не се бави доволно со проблемите со превозот, бидејќи извозот и увозот на стока секогаш паралелно оди со можностите за достапност на пазарот.

„Што значи ние се уште сме заглавени на самиот Балкан, а да не зборувам и понатаму. Имам дозволи транспортни кои мора да ги поседува со Албанија, со Србија, а Косово од петни жили се обидува да ги воведе. Значи во рамките на ЦЕФТА немаме рамноправност на некој начин и еднакво развивање затоа што превозот на стоката во држави кои што не излегуваат на море како што сме ние, Србија и другите многу е важно да се има слободен пристап на пазарот“, вели Муратовска.

Според неа, ЦЕФТА треба да се заложи за воведување на заеднички дозволи на пазарот.

„Цената на превозот многу зависи од брзина на движење. Брзина на движење вие немате затоа што сте ограничени. Така што сметам дека иако ЦЕФТА многу помогна, не се борат државите за рамномерно распоредување на првата и обврските и не овозможуваат заштита на некој начин на самите производи и развој на економиите во државите“, додава Муратовска.

Напредок на полето на е-трговијата?

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека важен придонес на ЦЕФТА последнава година е остварен преку интензивирањето на активностите за унапредувањето на електронската трговија.

„Консолидираниот пазар на ЦЕФТА претставува можност за експанзија на бизнисите кои ги нудат своите услуги електронски. Иако поеднинечно мали пазари, членките на ЦЕФТА претставуваат заедно интегриран пазар од околу 20 милиони потрошувачи со проценет приход од околу 1 милијарда евра кои би им овозможиле на локалните бизниси да ја прошират својата работа инвестирајќи во нови технологии и процеси, кадар, маркетинг и друго. Но од друга страна има многу бариери кои попречуваат ЦЕФТА пазарот да се смета за еден интегриран пазар. Тоа се недостатокот на стандардите, различната регулатива, високите трошоци при испораката, недоволното дигитално знаење како предуслов за е -трговијата и друго“, кажа Бектеши.

Тој додаде дека како резултат на тоа некои компании продолжуваат да се ограничуваат само на локалните пазари, додека останатите кои се трудат да ги надминат овие проблеми, имаат за цел експанзија на поголеми пазари и зголемување на бројот на потрошувачи, чиј значаен двигател е електронската трговија.

Во меѓувреме, од ЦЕФТА соопштија дека е подготвен пакет од три одлуки кои имаат за цел да го олеснат онлајн бизнисот во иницијативата, но и да ја зајакнат довербата на потрошувачите.

„Експертите од ЦЕФТА се едногласни во ставот дека предизвиците на пандемијата донесоа нови можности за трговија, па токму затоа еден од клучните приоритети на ЦЕФТА оваа година е да работи на олеснување на е-трговијата. Подготвен е пакет од три одлуки на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА, кои имаат за цел да го олеснат онлајн бизнисот во ЦЕФТА, но и да ја зајакнат довербата на потрошувачите. Сите активности на ЦЕФТА се засноваат на правниот систем на ЕУ и најдобрите практики кои ќе им помогнат на ЦЕФТА страните во нивното пристапување во ЕУ“, соопштија од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Северна Македонија е членка на ЦЕФТА од 2006 година, а лани и претседаваше со иницијативата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG