Достапни линкови

Новиот тарифник ќе „ги изгори“ оние што се греат на струја


Се чини дека ќебињата ќе бидат единственото евтино греење зимоска
Се чини дека ќебињата ќе бидат единственото евтино греење зимоска

Оние што зимоска за струја плаќале 7500 денари, според новата методологија за пресметка на цените ќе треба да платат 800 денари повеќе. Кога на тоа ќе се додаде и најавеното поскапување на струјата, за истата потрошена струја претстојната зима ќе треба да се платат над 9100 денари.

Четиричлено семејство со две мали деца, кое живее на кат од куќа од 80 квадратни метри во Скопје во март годинава платило струја од 7500 денари. Семејството се грее со инвертер-клими.

Според новата методологија за пресметка на цената на струјата, би требало да плати над 8300 денари, односно скоро 11 отсто поскапо. И тоа е само пресметувајќи ја сметката, според новиот тарифник, кој сè уште не е усвоен.

Ова го покажува пресметката на калкулаторот објавен на сајтот на Регулаторната комисија за енергетика.

Кога на тоа ќе се додаде и најавеното поскапување на струјата од наредниот месец, за кое претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, рече дека може да биде околу 10 отсто, сметката што во март годинава била 7500 денари, во ноември, за исто потрошено струја, ќе биде 9130 денари, односно повисока за 1600 денари, или за 22 отсто.

Сметка за струја и пресметка според новата методологија
Сметка за струја и пресметка според новата методологија

Оние што зимоска трошеле по 9000 денари за струја, со новата методологија може да добијат и за 2000 илјади денари повисоки сметки.

Сметките летно време, според новата методологија може да бидат 100-300 денари пониски од актуелните, но нема да можат да го компензираат зимското поскапување.

Регулаторната комисија минатиот месец објави дека 17 домаќинства трошат струја колку дури 80 илјади просечни семејства. Дел од нив загреваат огромни базени, а за дел постои сомнеж дека копаат криптовалути или ја користат за други бизниси. Новата методологија беше најавена за да се справи со ваквите големи потрошувачи, но се чини дека никој што се грее на струја нема да биде поштеден. Според пресметките на Регулаторната комисија, околу 13 отсто од домаќинствата, според новиот тарифник, ќе плаќаат поскапо.

„Беше најавено дека поскапо ќе плаќаат оние што зимно време си греат базени, ама како што стојат работите, сите ќе плаќаме повисоки сметки, и тоа многу повисоки“, вели граѓанин на Скопје, чија сметка за струја ја анализиравме на почетокот.

Според податоците на Државниот завод за статистика од 2019 година, околу една третина од домаќинствата во земјава се греат на струја.

Професор Константин Димитров вели дека кога нема доволно домашно производство на струја, и таа се купува по високи цени од странство, нема начин струјата да не поскапи.

„Ова е политичка мерка која не го решава проблемот. Ќе си плаќаме поскапо и тоа е. Струјата ќе поскапи, ова беше малку да се смири народ. Значи, бидете мирни, нема алтернатива, ќе поскапи“, вели Димитров.

Регулаторната комисија за енергетика пред десетина дена најави нов тарифник за пресметка на цените. Нема да има промени во начинот на пресметка на евтината струја, но наместо една тарифа во скапа струја како досега, од наредниот месец ќе има неколку тарифи – тие што трошат повеќе ќе плаќаат поскапа струја.

Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја.

Ако на пример едно семејство потроши 650 киловатчаса скапа струја, тогаш првите 210 ќе ги плати по пониска цена, наредните 210 киловатчаса по друга цена, третите 210 по повисока цена, а останатите 20 киловатчаса по најскапата тарифа.

Регулаторната не ги објави цените на посебните блокови, но на својата интернет страница објави калкулатор на кој може да се направи споредба на старата и новата методологија.

Во исто време, владата и Град Скопје даваат субвенции за набавка на инвертери за греење. Експертите посочуваат дека инвертерите се уште се најисплатливиот начин на греење, со оглед на тоа што поскапеа и останатите енергенси.

Според податоци на Евростат за 2018, скоро 25 отсто од Македонците изјавиле дека не можат соодветно да ги загреат своите домови, во споредба со просекот на ЕУ од 7,3 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG