Достапни линкови

Колку заработуваат македонските јутјубери?


Логото на YouTube
Логото на YouTube

Македонските се неколку нули далеку од балканските и многу повеќе нули далеку од светските јутјубери според заработката. Сепак, иако самата платформа не им носи многу пари од монетизација на најгледаните, ако тоа се спои со сумата од спонзори, се врти добра пара, велат дел од нашите дечки.

Дваесетитригодишниот Џими Доналдсон, на „Јутјуб“ познат и како MrBeast, според „Форбс“, минатата година заработил 54 милиони долари, а ова го става на врвот на листата со најпознати јутјубери во светот. Важи за најдобро платениот јутјубер во историјата, а неговите видеа минатата година собрале над 10 милијарди прегледи, што е двојно повеќе од претходната. Според бизнис магазинот, десетте најпознати јутубери во светот заедно заработиле околу 300 милиони долари во 2021 година.

Како е во Македонија?

Најпознатите македонски јутјубери се многу нули далеку од вакво рангирање. Во Македонија од монетизацијата на „Јутјуб“ нема некоја пара, но ако во игра влезат спонзори, друга е приказната, вели јутјјуберот Стефан Лазаров, чиј канал „Лазаров“ е еден од најгледаните во нашата земја со 61,7 илјади претплатници до овој момент.

„Реално, монетизацијата што ја зборуваат сите не е некоја голема мотивација заради тоа што примањата општо на Балканот, не само во Македонија се мали. Меѓутоа, полека но сигурно менаџерските тимови во фирмите се менуваат и сè повеќе млади ликови се на тие позиции и тие разбираат дека рекламата веќе оди на „Јутјуб“, а не на телевизија. И ако си доволно паметен да смислиш концепт или содржина која што ќе ѝ биде интересна на публиката, но и прифатлива за спонзорите- тука се парите. Ако работиш и снимаш и ова го гледаш малку и од бизнис аспект, а не само како хоби, доаѓа до момент каде се заработуваат прилично убави пари“, изјави Стефан Лазаров за РСЕ.

Според Лазаров, македонските јутубери кои се на првите неколку места по гледаност месечно заработуваат во просек од 200 до 300 евра од монетизација.

„Еве јас сум втор или трет најгледан канал во државава и не правам повеќе од 250 евра од монетизација. Сметам дека за она што се прави, тие пари се многу малку. Меѓутоа, кога ќе ги спомнеме договорите со спонзорите е друго. Треба да биде човек малку паметен да го поврзе и Инстаграм, затоа што во денешно време Инстаграм малку повеќе циркулира меѓу луѓево отколку „Јутјуб“. И кога ќе направиш спој од двете, стануваш попримамлива понуда од кој било друг пејач, глумец, инфлуенсер или што и да е, бидејќи ние нудиме повеќе опции. Ова значи дека во Македонија од монетизација нема пари, но од спонзори има пари. И тоа како има пари. “, додава јутјуберот.

Македонскиот јутјубер Стефан Лазаров
Македонскиот јутјубер Стефан Лазаров

Македонските vs. балканските и светските

Лазаров вели дека во заработка, македонските се далеку од балканските јутјубери, за кои проценува дека можат да заработат околу 10-20 илјади евра месечно од монетизација и спонзори заедно, додека според него, нашите прават најмногу 2-3 илјади, заедно со спонзори. А целиот Балкан заедно е уште подалеку од вртоглавите заработки на светските ѕвезди на „Јутјуб“ .

“Тие милионски суми се многу далеку, со самото тоа што јутјуберите во Америка се премногу платени од самиот „Јутјуб“ како платформа, а да не ги споменуваме и спонзорите кај нив. На пример, Mr Beast за едно од последните видеа, инспирирано од серијата „Сквид гејм“, од играта Brawl Stars, доби спонзорство од 3, 5 милиони евра“ истакнува 24-годишниот Лазаров.

Одлуката на поранешниот тв водител да премине од телевизија на „Јутјуб“ според него е најдобрата одлука што можел да ја донесе, со оглед на потенцијалот на платформата и плановите кои ги има тој.

„Јас сум најзадоволен и слободно ќе кажам дека тоа ми е најдобра одлука во животот што сум ја направил, затоа што заработувам, па четири пати повеќе отколку што заработував во телевизија“, вели јутјуберот.

Истакнува дека освен што го сака она што го прави, го гледа „Јутјуб“ од бизнис аспект уште од првиот момент, кога почнал да снима видеа, пред две години.
Тој е на оваа платформа бидејќи како што вели тука се младите и иновативните идеи, а ја сака слободата на говор и правото на свое мислење без наметнување на туѓото.

И јутјуберот Бобан Трајковски познат како Боби Битбокс потврдува дека „Јутјуб“ може да биде добар извор на пари ако добро се користи.

„Од „Јутјуб“ во кое било време, дури и да зборуваме за претходно, уште и од пред да се воведат монетизациите, имаше многу добра заработка. Сега „Јутјуб“ воспостави посебни закони, но и тогаш и сега, сепак, талентот и креативноста која ја поседуваме може на каков било начин да донесе заработка. Дали е преку спонзорство или преку „Јутјуб“, сè додека се следат правилата и сè додека имаш идеја и знаеш тоа како да го сработиш, ќе имаш заработка“, изјави Трајковски за РСЕ.

Македонскиот јутјубер Бобан Трајковски
Македонскиот јутјубер Бобан Трајковски


Јазикот како бариера


„За македонски јутјубер да го направи тоа што светските јутјубери го направиле, ќе треба да се префрли во светскиот куп на јутјубери. Сакам да кажам дека содржината не треба да биде на македонски, туку на англиски за да може да гледаат и луѓе од други држави, така што, доколку содржината е на англиски, многу поголема би била заработувачката и спонзорите би биле од сосема различно место“ вели Трајковски.

Зошто почна?

Триесетидвегодишниот Трајковски има поголем стаж на платформата од Лазаров. Како еден од пионерите на домашната „Јутјуб“ сцена, за повеќе од 10 години, снимил над 400 видеа. Себеси се доживува како татко на македонскиот „Јутјуб“, бидејќи како повозрасен од останатите, како што вели, се грижел за другите помлади јутјубери како родител, кога оделе на патувања или се соочувале со некоја пречка.

„Почнав со „Јутјуб“ затоа што навистина немаше некоја естрада во Македонија. Немаше нешто ново креирано. Mожам да кажам дека после Тоше Проески, целата естрада, мислам на пејачи, глумци и слично не постоеше. Тоа ми беше како еден вид на ајде да кажеме празно место кое требаше да го пополниме на некој начин. Највозбудливото беше тоа што за разлика од сите тие естради коишто постоеле во Македонија, ние имавме еден вид на контакт со публиката, во смисла на тоа дека секогаш правевме ние нешто за нив, секогаш гледавме да одржуваме „meetups“ кои нè спојуваа директно со гледачите. Посетувавме различни градови, имавме голема дружба сите заедно, како јутјубери, како една голема заедница и мислам дека тоа беше еден вид на мотивација за да се остане, бидејќи се гледаше дека има успех“, истакна македонскиот јутубер.

И покрај можноста за добра заработка, во македонските јутјуб кругови, сепак не е сè така розово, барем ако се прашува Трајковски.

Зошто застана?

Поради како што вели отсуството на чувство на заедница кај дел од јутјуберите, Трајковски решил да излезе од приказната бидејќи не бил сфатен од колегите јутјубери онака како што сакал да биде. Според него, некои од нив избрзале, па тој се разочарал.

„Излегов заради тоа што многу луѓе ги сменија погледите, во смисла на тоа дека сакаа сами да продолжат, никој не сакаше да основа заедница. Не останаа сите во контакт, секој сакаше посебно да работи. Мене ми беше идејата да бидеме како една група, а не да се двоиме секој посебно. Сфатив дека сè што направив беше како за џабе. Се случи и она големо шоу во салата Борис Трајковски „YTMKDSHOW“ и тоа беше ајде да речеме последно нешто кое го направив за естрадата и за „Јутјуб“ во Македонија. Ги споив сите јутјубери на едно место, го организирав тоа и кога дојде време за да се исплати сето тоа, сите почнаа да бараат повеќе или да велат - јас заработив повеќе и заслужив повеќе... А јас тоа го гледав како историја, како еден оставен впечаток, а не ми беше намерата да почнат да се создаваат пари. Мене повеќе интересираше креативноста и публиката отколку парите во тој момент“ вели јутjуберот.

Трајковски не снима нови видеа веќе една година, но не вели дека е крај. Вели дека има полна тетратка со нереализирани идеи и не е „пензиониран“, ниту официјално откажан, но е во мирување. Ако реши официјално да се откаже, вели, тоа ќе го направи преку снимање на видео - како што се очекува од еден јутјубер.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG