Достапни линкови

Ковид 19 - „ауу баш ви верувам“


Луѓе со маски во Скопје

„Ауууу баш ви верувам. До кога планирате да не правите будали“. Ова се само дел од коментарите на посетителите на нашите социјални мрежи - вие коментирате.

Судејќи според коментарите на нашата ФБ страница, почитувани, нашиов народ како сѐ помалку да верува дека во светот и кај нас има пандемија на непознатиот и смртоносен вирус Ковид-19. Иако веќе 10-ина дена бројките кај нас на новозаразени се над сто па и над 150 лица. Во вчерашното деноноќие, како што соопшти Министерството за здравство, има 152 позитивни на вирусот, а најголем број повторно се во Скопје, Куманово, па Штип и таканатаму. Антигона Филева иронично извикува: „Аууу, баш ви верувам!“, а Крешимир Крешо Здравески постот го почнува со сочна пцовка, а потоа пишува: „...Секој ден се прават свадби во домашни услови, дури и во ресторани, а полицијата и државата се прават на удрени“, вели и смета дека не се казнува за неносење маски. „До кога планирате да нѐ правите будали????

Или само за одредени граѓани важат законите“, додава Крешимир Крешо Здравески. Не кажува дали алудира на фотографијата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев со неколкумина од семејството и пријатели на одмор во Преспа, на ручек, но без маски, или можеби на првите луѓе од Алијансата на Албанците, Зијадин Села и уште некои, кои наместо во Собрание да ги земат уверенијата за пратеничките мандати, се собрале на ручек во Струга, исто така, без маски. Фотографиите од овие два настана се рашетаа по електронските медиуми.

На нашата веб страница е објавен текст со наслов: „Корона вирус – како ќе се помине есента?“, во кој д-р Никола Пановски, покрај другото, смета дека нема да биде неопходен полициски час, туку некои други мерки, како на пример повторно затворање на кафулињата. И по ова се истуриле ваши коментари, главно против него, против информациите за вирусот и против вакцините против Ковид-19. Има и објективни. Арлинда Шабани постирала: „Кафулињата, рестораните фул, короната на велико“.

Мартин Матас препорачува „буџетот нека ги претрпи сите промени за да се пренаменат средствата, народот да издржи до крајот на годината. Никакви градби, никакви улици правење оваа есен“. Николина Ристовска е за „Високи казни. Друго ништо!“ Камберски Методија коментира: „Короната ќе исчезне кога ќе престанат да зборуваат и лажат дека има корона“, а Жанета Стојкоска му реплицира: „А вие мислите дека треба да славиме и да се веселиме кога во нашата околина има многу заболени, или за вас тоа не е ништо страшно?“ Зоки Бошков со иронија: „Чувајте се од сите природни добра, сонце, вода, воздух, никаде не сте безбедни, но на избори најбезбедни сте“.

Видео - Интервју Дарко Блинков

Блинков - Недостигаат инспектори за природа и за водостопанство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:30 0:00

Во неделното интервју на РСЕ, Дарко Блинков, раководител на секторот за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат за животна средина, кажува дека во акција на Европол и македонските власти е казнета Клиника во комплексот „Мајка Тереза“ за мешање на медицински и комунален отпад, и дека големата индустрија во земјава треба да стави филтри до 2024 година. Весна Ивковиќ е лута: „Значи ништо, пак загадени“. И Борче Мицевски не е задоволен: „Нели беше ветено овој мандат или пак нови ветувања за стар проблем?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG