Достапни линкови

Ковачевски со нова влада и старо нови ветувања пред Собранието


Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на нова влада, Димитар Ковачевски
Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на нова влада, Димитар Ковачевски

Централниот одбор на СДСМ на вечерашниот состанок ги изгласаа предлозите за идните министри во новата Влада. Лидерот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски најави и нова владина програма која утре ќе се најде пред пратениците во Собранието.

Економски раст, одговор на енергетската и економската криза предизвикани од пандемијата и градежна експанзија во инфраструктура во Коридорот 8 и 10, се дел од најавите за новата владина програма што вечерва по состанокот на Централниот одбор на СДСМ ја презентираше новиот лидер на партијата Димитар Ковачевски. Тој најави дека со новиот тим од министри и досегашни социјалдемократски кадри ќе се посвететат на економијата и подобрување на животот на граѓаните.

„Веќе имаме подготвен план и сет на мерки. Во буџетот веќе има резервирани 130 милиони евра и правиме и анализи за алокација и обезбедување на уште повеќе средства. Оваа влада во следните две и пол години без изборни циклуси да се посвети целосно на економијата и квалитетот на животот на граѓаните. Веќе има поставено одлични економски политики но за кои е потребен многу подобар систем на имплементација од сегашниот“ вели Ковачевски.

Тој очекува економски раст од 4,6 до 5,9 проценти годишно. Ковачевски најавува драстично зголемување на домашни и странски инвестиции, како и намалување на невработеноста која очекува до крајот на неговиот мандат да стане едноцифрена. Тој најави и зголемување на просечната плата над 500 евра, како и зголемување на минималната плата.

Во однос на прашањето криминалот и корупцијата во новата владина програма вети бескомпромисна војна. На прашањето за спорот со Бугарија, Ковачевски изјави дека формирањето на нови влади во двете земји дава нова надеж за разговорите и потрага по решение во рамките на утврдените црвени позиции и декларацијата утврдена во Собранието.

„Добро е што Владата во Република Бугарија исто како и ние сака дискусијата да се води во однос на прашања кои не се строго само историски, туку и сака дискусијата да се води на прашања кои се свртени кон иднината и нормално е да разговараме за проекти кои се однесуваат во областа на инфраструктурата, соработка економска, образовна, и во кои делови може Бугарија како земја членка на Унијата да ни помогне во пристапувањето кон ЕУ“ изјави Ковачевски.
Во однос на црвените линиии во преговорите Ковачевски ги посочи македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а се утврдени во Декларацијата донесена во Собранието.

Во новиот министерски состав влегува професорот на Правниот Факултет Никола Тупанчевски кој ќе го замени Бојан Маричиќ во министерството за правда, додека Маричиќ се сели на позицијата вицепрмиер за европски прашања.
Поранешната заменик министер за внатрешни работи Славјанка Петровска во новиот состав на владата ќе ја наследи Радмила Шекеринска во министерството за одбрана. Поранешната пратеничка Славица Грковска ќе седне во вицепремиерската фотелја за борба со корупција на местото на Љупчо Николовски, кој повторно се враќа на позицијата министер за земјоделство, односно на позицијата на која до ноември минатата година беше Аријанит Хоџа од Беса, која излезе од Владата.

Нова министерка за труд и социјалната политика на местото на Јагода Шехпаска ќе биде Јована Тренчевска која на оваа позиција доаѓа од Државниот трудов инспекторат, а Бисера Костадиновска Стојчевска е нова министерка за култура на местото на досегашната Ирена Стефоска.

Од досегашните социјалдемократски кадри министерските столчиња ќе ги сочуваат Оливер Спасовски кој останува во МВР, Благој Бочварски во транспорт и врски, Горан Милевски во локална самоуправа, Фатмир Битиќи - вицепремиер за економски прашања.

Позицијата министер за образование и наука, од која се повлече Мила Царовска, пак, се очекува да ја преземе досегашниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шакири од ДУИ.

ДУИ во новата влада останува со речиси непроменет кадар. Само досегашниот министер за информатичко општество Јетон Шаќири ќе го замени едното за друго министерско столче во министерството за образование. До тоа дојде откако досегашниот премиер Зоран Заев неговата позиција му ја понуди на новиот коалиционен партнер Алтернатива, Адмир Алити.

Алтернатива го доби и министерството за здравство каде што ќе седне Беким Сали на местото на Венко Филипч, а Џемаил Чупи како министер без ресор задолжен за дијаспора на местото на Едмонд Адеми. Алтернатива влезе во владејачката коалиција со цел да се зголеми владејачкото парламенатарно мнозинство откако Беса ја напушти владата.

Ковачевски најав дека утре ќе ги достави до Собранието предлозите за нови министри и програмата за работа на неговиот кабинет. Според правилата расправата за влада трае два дена, а се гласа на полноќ.

До ова дојде откако досегашниот премиер Зоран Заев си поднесе оставка на партиската и премиерската функција по поразот на локалните избори во октомври годинава.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на Ковачевски му го врачи мандатот за состав на нова влада на 29 декември, по што почна да тече рокот од 20 дена, односно не подоцна од 20-тиот ден во кој мандатарот треба да го достави составот на новиот владин кабинет и на владината програма до Собранието.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG