Достапни линкови

Каков здравствен систем наследува Сали од Филипче


Министерот за здравство Венко Филипче на презентација на апарат за магнетна резонанца во болница во Струмица
Министерот за здравство Венко Филипче на презентација на апарат за магнетна резонанца во болница во Струмица

По речиси пет години од министерскиот кабинет си заминува Венко Филипче и на неговото столче ќе седне Беким Сали. Една пандемија и две епидемии беа клучниот проблем во мандатот на Филипче. Какви проблеми во здравствениот систем наследува Сали ?

Релативно мирна пандемиска слика и проблеми и пропусти во здравствениот систем кои ги извади на површина ковид-19 наследнува новиот министер за здравство кој доаѓа од партијата Алтернатива Беким Сали. Досегашниот министер Венко Филипче кој по еден час секој ден во почетокот на пандемијата одговараше на новинарски прашања за новите случаи со коронавирус кој и за медиумите но и за белите мантили беше голема непознатица во текот на 2020 година му остави аманет на Сали.

„Ќе му оставам аманет да биде одговорен и транспарентен, пред сè, кон новинарите“, изјави министерот за здравство во заминување, Венко Филипче

Филипче во министерскиот кабинет влезе во 2017 година откако од него замина во опозицијата Арбен Таравари кој министерското столче го замени со градоначалничко како кандидат на Алијанса за Албанците. Вториот мандат Филипче го доби во 2020 година.

Заев не ги прифати оставките на Филипче и Хасани за пожарот во Тетовската болница

Оставка си поднесе по пожарот во тетовската модуларна болница во која загинаа 14 луѓе, но премиерот Зоран Заев не му ја прифати,за подоцна да се предомисли и неговото столче да му го понуди на Сали, во обид СДСМ да го зголеми пратеничкото мнозинство во Собранието.

„И кога министерот даде оставка, премиерот рече не е време во пандемија да даде оставка. За после, здравството, во ек на пандемија, да го преземе партија која „а“ нема кажано за здравство. Тука заврши муабетот“ изјави докторот Никола Пановски.

Прегреан кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во болничка соба е причината за пожарот во тетовската ковид болница кој изби на 8 септември, соопшти Јавното обвинителство три месеци по пожарот. Оттаму објаснуваат дека вештачењето утврдило и дека прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Со Филипче оставка поднесоа и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.

Едно од обвинувањата и причините за барањата за оставка на министерот и одговорните за болницата е што во неа и неколку други за време на ковид-пандемијата не само што било дозволено да влегуваат во болницата и здрави лица да си ги посетуваат своите болни роднини, туку како што велат сведоци задолжително било да доаѓаат да се грижат за нив затоа што немало доволно кадар во тетовската болница.

Тридневна жалост, истрагата за пожарот во Тетово е во тек
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Клучна забелешка во изминативе две години менаџирање со пандемијата за дел од епидемиолозите е високиот степен на смртност од ковид-19. Откако почна пандемијата во земјава од последиците од ковид 19 починаа околу 8 илјади луѓе. Пановски на јавната дебата „Ковид- две години подоцна “ истакна дека здравстевните власти не ги слушале доволно стручните лица.

„ Во сите западни земји, сем во Бугарија од ЕУ смртноста паѓа, не само поради вакцините и нивната достапност, туку поради и успехот во лекувањето. Во Македонија расте смртноста, што научија нашите лекари, ништо. Не се собраа да видат кои се протоколите, државата не им помогна. Не се лекува вирус со антибиотици, тоа е не да се двоумиме околу тоа, цел свет го прави, а кај нас супспецијалисти го препишуваат,“ вели Пановски.

Најголем дел од вакцинираните кои починале од ковид имале проблеми со срцето

За време на мандатoт на Филипче земјава помина низ една пандемија со коронавирус и две епидемии, едната со морбили и другата со грип. Заеднички проблем им беа вакцините, во епидемијата со морбили имаше доволно вакцини, некои и со поминат рок како што укажа тогаш Државниот ревизор, но поголемиот проблем беше во недоволната стапка на вакцинирани деца против морбили.

Во пандемијата проблемот беше во недостигот на вакцини. Додека развиените западни земји започнаа со вакцинирање на 25 декември 2020 во Македонија вакцинацијата против ковид 19 започна со доцнење од неколку месеци. А над 20 илјади македонски граѓани одлучија да не ги чекаат македонските власти да донесат вакцини, па заминаа во Врање, Ниш и Белград по Астра Зенека, Спутник и Фајзер.

Во меѓувреме кинеските вакцини кои требаше да пристигнат во земјава беа тема за нова афера околу сомнителна постапка при нивна набавка во кои беше инволвиран министерот за здравство Венко Филипче.

Преку италијанскиот десничарски медиум „Ла Верита“ беше објавена комуникацијата меѓу македонската влада со „Синофарм“ се вршела преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која нема никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност. Авансот за вакцините од „Синофарм“ беше вратен, а италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека причината е затоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонгконг, а која била наведена во две писма од Филипче до кинескиот производител. Филипче и премиерот Зоран Заев изјавија дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.

Еден од дополнителните проблеми кои ги донесе ковид-19 е трошок за ПЦР тестови во приватни лабаратории за граѓани кои иако имаат здравствено осигурување но не можат да дојдат до термин за тестирање на државно.

„Поважно беше да се збогатат приватните болници, приватните лаборатории. Нечуено е две години да не потпишете договор со приватни лаборатории за ПЦР тестови. Тоа е скандал“, изјави Пановски на дебатата.

Успесите и неуспесите во речиси петгодишниот мандат Филипче

Неврохирургот Филипче неодамна изјави дека е горд што во неговиот мандат платите на лекарите се зголемени речиси двојно, потоа што е укинат паралелниот увоз на лекови и како што вели тој, добро се справил со пандемијата. За време на пандемијата беа реновирани и дел од клиниките во скопската државна болница „ Мајка Тереза“.

Дополнително во неговиот мандат се намали и стапката на смртноста на новороденчиња. Гледајќи по години наназад во 2016 била 25 отсто, во 2017 – 21 отсто, во 2018 година 16 отсто, во 2019 година 12 проценти, додека годинава десет отсто, од вкупно третираните бебиња на одделението за интензивна нега и терапија.

Македонската кардиологија направи и неколку трансплатации на срце и други органи од починати донори.

„Во однос на тоа за што најмногу жалам, е што не успеавме да го започнеме проектот за изградба нов клинички центар. Јас сум убеден дека тоа е единствениот начин да се унапреди здравствениот систем на највисокото ниво на здравствена заштита, а тоа е терцијарната. И покрај сите реновирања што ги прави за да се модернизираат условите во кои работиме, сепак новата модерна медицина, интегрираниот тип на здравствена услуга бараат и поинаква инфраструктура. Има нова апаратура што не може да се внесе во малите операциони сали кои ги имаме сега, тоа бара еден нов концепт. Апелирам опозицијата во периодот што доаѓа да го одблокира законот, тоа е одличен проект, граѓаните заслужуваат нова модерна болница“, изјави Филипче.

Пет години поминаа откако почна изградбата на клиничката болница во Штип. Кредиторот - Банката за развој на Советот на Европа на 5 ноември со писмо го извести министерот дека се откажуваат да го финансираат проектот вреден 97 милиони евра. Рокот за изградба истече на 31 декември 2021 година.

Неизградени останаа и два бункера во кои треба да се стават машини за радиотерапија стари неколку години и вредни повеќе од еден милиони евра кои стојат во магацин во Волково речиси една деценија.

Како нерешен проблем новиот министер Сали го наследува и недостигот на гинеколози и други специјалисти во здравството. Шуто Оризари е една од општините каде со години не е решен проблемот со матичен гинеколог. Во изминатава деценија неколку доктори дојдоа да работат, но брзо си заминуваа. Последниот дојде пред шест месеци, но сега си оди во пензија. Според податоците од Фондот за здравствена заштита, на ниво на држава има 163 гинеколози во примарна здравствена заштита. Поголемиот дел од нив работат како матични гинеколози, останатите само приватно. Рaспределени се во 40 општини.

Според Душко Филиповски, претседател на здружението на приватни гинеколози-акушери на Македонија, поголем проблем од бројноста на гинеколозите е нивното отсуство од одредени општини.

Гинеколози слободни нема. Гинеколозите што завршуваат или одат во болниците или одат во странство. Нема друго. Матичен гинеколог, нов ,млад, да дојде кај мене да ми рече докторе пиши ме во матични мене, не се случило години наназад. Значи одма ги земаат приватните болници или одат во странство“, дециден е Филиповски.

Матичните лекари бараат промена на системот за лекови и упати

Во период од 2016 до 2019 година за специјализација на Гинекологија и акушерство годишно се запишувале околу 10 доктори. Најмногу се запишале во 2019 година вкупно 38 специјализанти. Во 2020 година нема запишано специјализанти со оглед на фактот што немаше објавено Конкурс за запишување на специјализации . Во 2021 година запишани се 29 специјализанти.

„Бројот на распишани места на конкурсите за специјализации зависи од бројот на слободни менторски места на Катедрата по гинекологија и акушерство при Медицинскиот факултет во Скопје, бидејќи менторот има улога на водич на специјализантот во спроведувањето на специјализацијата и истиот може да води најмногу шест специјализанти истовремено“, се вели во одговорот.

Микробиолози, патолози, анестезиолози, гинеколози се само дел од медицинскиот кадар кој во изминативе 10 до 15 години е во дефицит, а ќе биде проблем за кој нема брзо решение и во наредните неколку години и тоа во цела Македонија.

Последното направено истражување од 2018 година на Здружението на граѓани „ИНИ“ покажува дека на Источна Македонија ѝ недостигаат 190 лекари за да се задоволи европскиот просек од 3,4 лекари на 1.000 жители. Во моментов за здравјето на граѓаните во 11-те општини се грижат 443 лекари или 2.5 лекари на 1.000 жители.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG