Достапни линкови

Камчев тивко се повлекува од македонскиот бизнис


Јордан Орце Камчев
Јордан Орце Камчев

Бизнисменот Орце Камчев во изминативе месеци тивко и полека ги напушта бизнисите во земјава. Се повлече од управувањето и стана малцински сопственик на Систина, а претходно се повлече од директорското место во Орка Холдинг.

Осомничениот бизнисмен во предметот „Империја“ и еден од клучните сведоци во „Рекет“, Орце Камчев, во изминативе месеци тивко и полека ги напушта бизнисите во земјава. Според податоците од Централниот регистар, Камчев во мај годинава се повлекол од раководната функција во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“. На 17 мај тој го известил Централниот регистар дека ја напушта директорската позиција и дека на негово место доаѓа Ѓун Ѓунсој од турските партнери во Истанбул.

Документ од Централен Регистар за промена на податоци
Документ од Централен Регистар за промена на податоци

Само три недели претходно во Централниот регистар биле заведени и измени во сопственичката структура, односно фирмата Орка Холдинг, која се јавува како еден од сопствениците на болницата, станува малцински партнер. За споредба, во 2016 година Орка Холдинг како сопственик на болницата оставила паричен влог од 13 милиони евра, додека турската Аџибадем како основач влегла со 6,5 милиони евра. Во април 2019 година била извршена промена, со што доминантен партнер станува Аџибадем со паричен влог од 7 милиони евра, додека Орка Холдинг како втор партнер во основачкиот влог учествува со 6 милиони евра.


Претходно, во медиумите беше објавено дека осомничениот бизнисмен Камчев се повлекол од раководните позиции и во Орка Холдинг. Тој се повлекол од директорското место и од позицијата извршен член во Одборот на директори, а останува единствено неизвршен член на Одборот со неговата сестра Кристина Камчева Стојческа.

Во меѓувреме, името на Камчев го нема ни во управувачкиот одбор на ЗК Пелагонија. Според податоците од Централниот регистар, во акционерското друштво Земјоделски комбинат Пелагонија, чија основа вредност изнесува 14 милиони евра, како неизвршни членови на одборот на директори се осомничените во Империја Цветан Панделески, Зорица Арсоска и Лилјана Гајдоска, како и останатите членови Весна Белешовска Бунтеска и Томислав Давков, кој е заведен како директор. Инаку, Орка Холдинг и ЗК Пелагонија беа опфатени во истрагата на СЈО „Империја“.

Во август годинава на македонската берза се појави информација дека се продава и гасната централа во Логоварди, која е во сопственост на ЗК Пелагонија со почетна цена од 6,7 милиони евра. Станува збор за централа која произведува електрична енергија од биогас кој се добива од третман на изметот на кравите кои се сопственост на агрокомбинатот. Оваа централа има инсталиран капацитет од 3 мегаватчаса струја со загарантирана цена од 180 евра за секој продаден мегават час, пишуваа дел од медиумите.

Ваквите потези следуваат откако беше објавено дека Камчев, освен осомничен во случај на СЈО, стана сведок во случај против специјалната обвинителка Катица Јанева.

Временски, овие бизнис одлуки се поклопуваат со отворањето на истрагата „Рекет“ во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал каде што Камчев како сведок носи аудио и видео снимки, според кои, главните осомничени Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески викан Кичеец договараат тргување со влијание, односно олеснителни мерки за Камчев во предметот Империја на СЈО за цена од неколку милиони евра. Камчев беше во притвор до март, за подоцна во јуни јавноста да дознае дека Камчев во живо го следел фајнл фор турнирот во Келн на кој победи ракометниот клуб Вардар.

Тогаш Јанева тврдеше дека на нејзино барање судот му одобрил на Камчев времен пасош за службени патувања и задолжителна едукација.

Но, по клучниот ракометен натпревар Камчев го снема од јавниот живот, во дел од медиумите се спомнуваше дека е во Бугарија, други пак тврдеа дека е во Хрватска. Како и да е, според судските правила, тој има право да шета до јануари, кога престанува да важи последната одлука што ја донесе судот за привремено враќање на патната исправа на 8 месеци, по одобрување на сега притворената обвинителка Јанева.

Од Јавното обвинителство за организиран криминал за Радио Слободна Европа потврдија дека против Камчев сè уште се во сила мерките за претпазливост, што значи дека тој редовно треба да се јавува во Основниот суд Скопје 1. Во обвинителството ни одговорија дека времениот пасош на Камчев му е издаден „заради стручно усовршување во странство“.

Во меѓувреме, иако истрагата за предметот Империја фактички е стопирана, сепак на сила се одлуките на судот за забрана на финансиски трансакции на фирмите кои се сомничат. Во ноември минатата година од СЈО соопштија дека судот определил привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

Графика за „Империја“
Графика за „Империја“

Останува неизвесно дали и кој обвинител би го презел овој предмет, со оглед на тоа што обвинителката Лиле Стефанова, која го водеше во СЈО, со последната одлука на Совет на јавни обвинители се враќа во радовишкото обвинителство затоа што ѝ истекол мандатот во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал.

„Предметите, меѓу кои, и предметот Империја ќе бидат распределени кај јавни обвинители, за што јавноста ќе биде дополнително информирана“, одговорија од Обвинителството на прашањето што ќе се случува со овој предмет.

Камчев близок со секоја власт?

Во меѓувреме, политичките партии се скараа и за тоа чија кампања финансирал Орце Камчев на претседателските избори. СДСМ обвини дека овој пат играл за кандидатот на опозицијата Гордана Сиљановска Давкова.

Во името на Камчев со демант се јави компанијата Орка Холдинг во којашто тој неодамна беше член во извршниот одбор на директори и седеше на главното директорско столче. Во соопштението, Орка Холдинг ја презема одговорноста и за другите компании во кои има и во кои нема удел.

„Најостро и со целосна одговорност ги демантираме тврдењата кои ги произнесе во јавноста Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ, дека Јордан Камчев, односно, која било од фирмите на Јордан Камчев била вклучена во финансирање на изборна кампања на ВМРО – ДПМНЕ. Овие тврдења, кои се на ниво на шпекулации, произлегуваат единствено од меѓупартиското нетрпение и се резултат единствено на меѓупартиско препукување“, соопштуваат од компанијата.

Претходно вредно е да се спомне дека Камчев во септември во едно пишано интервју изјави дека никогаш немал бизнис релации со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, иако и двајцата се осомничени во Империја за перење пари. Од друга страна, во истото интервју во пресрет на референдумот изјави и дека во земјава немало похрабар лидер од Зоран Заев.

„Јасно и гласно ќе го кажам мојот став, мислам дека ниту ќе имаме подобра шанса, ниту дека сме имале похрабар лидер од премиерот Заев. Јас лично сум ЗА договорот со Грција, како што бев и ЗА Договорот со Бугарија. Јас сум европски и светски човек и сакам Македонија да биде дел од таа структура“, изјави Камчев за Фактор.

Два месеца потоа Камчев е притворен во Шутка како првоосомничен за перење на 10 милиони евра.

Заев пак, во едно од неговите чести интервјуа посочи дека Камчев пролетва побарал средба со него на која му ги презентирал нелегалните снимки по што Заев го пријавил случајот во ОЈО.

„Не можам да кажам дали ме снимал. Ако снима секаде, можно е да ме снимал“, изјави Заев.

Колкава е империјата на Камчев?

Голем дел од новинарските истражувачки стории покажуваат дека само преку Орка Холдинг, Камчев е сопственик на десетина фирми како Бет Сити, Монт, Аџибадем Систина, Архи, како и Здравје Радово и ЗК Пелагонија кои се дел од истрагата на СЈО.

Минатата година Специјалното обвинителство изврши претреси во 12 компании кои се опфатени со истрагата, меѓу кои „Орка холдинг“, „Систина“, „Стопанска банка-Битола“, хотелите „Мериот“ и „Ибис“, „Пелистерка“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

Се работи за фирми во кои бизнисменот Камчев е дел од сопствеништвото. Името на Камчев се поврзува со фирмата Ексико, која има удели во ЗК Пелагонија, Стопанска Банка - Битола, Здравје Радово, а порано имаше и во Бетон Штип.

Според првичното решение за притвор кое го изготви Судот, имотот што го поседува, како и бугарското државјанство, беа дел од причините за првото продолжување на притворот од 30 дена. Според решението до кое дојдоа дел од медиумите, фирмите во Русија, Бугарија, Холандија, Косово, Србија, Хрватска и офшор компаниите во даночните раеви се само дел од имотот на Орце Камчев. Тој е најбогатиот Македонец, според Форбс, кој успешно пливал под сите политички структури, а сега се прослави и како човек чие сведочење успеа целосно да го дискредитира СЈО.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG