Достапни линкови

И досега имаше казни за екоцид, но никој не е казнет


МАКЕДОНИЈА -- Луѓе кои собираат пластични шишиња на депонија поминуваат покрај отворен оган пред најголемата термоцентрала „РЕК БИТОЛА“ во близина на градот Битола.

Ако се воведе кривичното дело „Екоцид“ тоа ќе биде само на хартија и нема да се спорведува, скептични се еко-активистите за предложените измени на кривичните дела против животната средина и природата со кои се предвидува и казна доживотен затвор

Кривичните дела против животната средина и природата постојат со години и во сегашниот Кривичен законик, но реткост е некој кривично да одговара за вакво дело и покрај тоа што загадувањето во земјава е секојдневие.

Вака еко-активистите ги коментираат најавените законски измени со кои се предлага воведување на кривично дело „екоцид“ и доживотен затвор или затвор од најмалку 10 години за предизвикување на сериозна или долготрајна штета врз животната средина.

„Законот го оценуваме позитивно, но спроведувањето кај нас секогаш е проблем“, вели Татјана Чакулев од граѓанското здружение „О2 Иницијатива“.

Во Македонија со години се познати најголемите извори на загадување на воздухот, водите и почвата. Тоа се индустриските и енергетските компании, сообраќајот, депониите, домаќинствата и урбанизацијата.

Чакулев вели дека, и покрај сите кривични дела за загадување на животната средина и природата, кривични постапки не се покренуваат и никој за не одговара кривично за загрозување на животната средина.

Новите измени на Кривичниот законик ги предлага Министерството за правда. Тие предвидуваат максимална затворска казна од една до пет години за испуштање на отровни гасови и материи во воздухот, водата или почвата, во зависност од тоа дали количината на испуштените загадувачки материи е двојно или петкратно повеќе од законски дозволениот максимум или според меѓународен ратификуван договор.

Во врска со предложениот закон лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски објави слики и видео на Фејсбук со црн чад од оџаците на РЕК Битола, прашувајќи го министерот за правда Никола Тупанчевски „кој ќе одговара за овој ЕКОцид?“

РЕК Битола е најголемиот производствен капацитет за електрична енергија во Македонија, но електраната на јаглен истовремено е еден од најголемите загадувачи.

Двата оџаци на битолската електрана се најголем извор на сулфур диоксид во Македонија и испуштаат девет пати над дозволените количини кои се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија, според податоците кои неодамна ги објави Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“.

Иако и досега компаниите имаат обврска да постават филтри, во новите измени се предлага компаниите да имаат обврски да постават уреди за спречување на загадувањето на воздухот, водата и почвата при нивната работа и доколку не го направат тоа одговорните луѓе да подлежат на казни од една до пет години затвор.

Исто така новите измени предвидуваат од три до десет години затворски казни за предизвикување сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или за уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни.

Измени на затворските и паричните казни се предлагаат за делата како на пример осиромашување на озонската обвивка при производство, трговија или употреба на супстанци или за загадување на водата за пиење.

Вардар низ скопско тече, фекалии влече
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

Потоа, за пренесување на заразни болести кај животински и растителен свет; за загадување на добиточна храна и вода; за уништување на насади со употреба на штетна материја; за узурпација на недвижности; бесправно градење; незаконска експлоатација на минерални суровини; пустошење шума и предизвикување на шумски пожар; загрозување на животната средина со отпад; забранет лов и риболов и друго...

„Ние стравуваме дека ова ќе остане само на хартија и дека нема да се спроведе, бидејќи кај нас многу работи на хартија фигурираат, а за да се спроведе ќе треба навистина инспекциските служби да бидат тие што ќе ги покренат овие нешта’, вели Чакулев.

Државниот инспекторат за животна средина располага со вкупно 25 вработени луѓе, вклучително директорот на институцијата. Од нив 21 се инспектори, од кои еден е за природа, два водостопаснки инспектори и 18 за животна средина. Капацитеите на локално ниво се уште помали.

Чакулев додава дека самото дефинирање на „екоцид“ во законот ќе биде проблем, во услови кога во Македонија е мал бројот и на прекршочни пријави кои се спроведуваат до крај.

„Во врска со кривичните пријави имаше информации дека минатата година имало само една кривична пријава против непознат сторител за палење на трски во Струга, иако во Кривичниот законик има многу основи да се покренат кривични пријави за дела за уништување на природата“, вели Чукалев.

Недоволниот капацитет на институциите во борбата против загадувањето е нотиран во бројни извештаи. На пример, Државниот завод за ревизија во извештај за загадувањето на воздухот посочува дека институциите на централно и локално ниво немаат доволно кадар и финансии и дека државата не може целосно да ги спроведува законите за контрола на индустриското загадување.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG