Достапни линкови

Големата индустрија треба да постави филтри до 2024 година


РЕК Битола.
РЕК Битола.

На енергетските компании на ниво на ЕУ им беше даден продолжителен рок за поставување на филтрите за загадувањето до 2024 година, бидејќи најголем дел од овие капацитети се државни, вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина. Тој додава дека веќе и РЕК Битола е во финална фаза со поставувањето на филтрите и добивање на А-интегрирана еколошка дозвола.

Компаниите од енергетиката и металургијата кои се државни, како РЕК Битола, имаа проблем со запазување на првичниот рок за поставувањето филтри до април 2014 година, но сите останати капацитети се усогласија и добија А-интегрирани еколошки дозволи, вели Дарко Блинков – раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат за животна средина.

„Најголем дел од индустријата беше усогласена, тоа беше потврдено и со наши записници после тој рок 1 април 2014 година. Дополнителен рок од металуршките компании им беше даден на „Макстил“ и на „Југохром“, тој рок го дава Владата на седница каја има право да даде таква можност, а не Инспекторатот. „Југохром“ не го искористи тој рок, а „Макстил“ ја стави таа хауба за зафаќање на фугитивни емисии од технолошкиот процес“, вели Блинков во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Во однос на постапувањето на Инспекторатот кога има недозволено загадување од страна на термоелктраната на јаглен РЕК Битола, која е управувана од државата и долго време работи со застарена технологија, Блинков вели дека во комбинатот се вршат редовни, вонредни и контролни надзори според Законот за животна средина, а посочува и дека се напишани казни.

„Врз основа на одлука на Енергетската заедница на ЕУ, практично и од наша страна од Министерството, дадени се продолжителни рокови за усогласување на големите капацитети, во случајов РЕК Битола. Ова е генерален тренд, Полска и Грција се најобременети со јаглен и има инфорамции дека веќе Германија и Шпанија ги затвораат големите капацитети, меѓутоа треба да се мисли и на алтернативни решенија. За жал, цела Југоисточна Европа треба да мисли и на недостаток на вода до 2050 година и пред се на енергетските ресурси, а знаеме дека 70 отсто од енергијата во нашата земја доаѓа токму од РЕК Битола“, вели Блинков.

Во однос на контролата на големата индустрија, Државниот завод за ревизија во еден од последните извештаи за животната средина укажа дека институциите на локално и на централно ниво немаат капацитет за справување со проблемот со загадувањето на воздухот, во однос на кадар и финансии.

Ревизорите го посочуваат и проблемот дека голем број компании не ги запазуваат законските рокови за реализација на плановите за поставување филтри, односно компаниите кои подлежат на А-интегрираните еколошки дозволи.

РЕК Битола со најголеми емисии на сулфур диоксид на Балканот

Мрежата на граѓански организации „Бенквоч“ неодамна објави извештај во кој наведува дека термоелектраните на јаглен на Западен Балкан емитуваат „неверојатно високи количини на загадувачи во воздухот.“

Во истражувањето се вели дека електранта РЕК Битола е една од најголемите загадувачи во регионот, со емисии на прашина 2,5 пати повисоки од дозволеното и со двојно зголемени емисии на сулфур диоксид за само една година.

Сепак на овие бројќи реагираа од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), наведувајќи дека, не се работи за дуплирани вредности на емисиите на сулфур диоксид, туку за различни периоди од мерењата.

„Разликата во податоците на мерењата на емисиите помеѓу 2018 и 2019 година се јавува заради повеќе фактори. Најпрвин, мерењето на емисиите не се одвива континуирано, туку периодично. Согласно обврските од Дозволата за услогласување со оперативен план за заштита на животната средина, АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола се во постапка за набавка на опрема за континуирано следење на емисиите и истата се очекува да биде инсталирана во септември годинава“, се вели во реакцијата на ЕСМ.

Електраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј долго време работат со застарена технологија, а според предвидувањата е можно во иднина да се соочат со недостиг на снабдување со јаглен.

И од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека постапката за добивање на Дозвола за усогласување со оперативен план за АД Електрани на Северна Македонија, Скопје – Подружница РЕК Битола е во крајна фаза, односно изготвена е Нацрт верзијата на дозволата и согласно Законот на животна средина објавена е во веб-страната на МЖСПП.

Стратегијата - напуштање на јагленот или само пуста желба

Процесот за поставување на филтрите во РЕК Битола е започнат во 2007 година и според тогашната законска арегулатива тој требаше да заврши до 2014 година и електраната да ја добие потребната А – Интегрирана еколошка дозвола.

Постапката беше реактивирана во 2018 година, а најавите беа дека таа комплетно треба да заврши до 2026 година, како што неодамна изјави директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.

„АД ЕСМ ќе инвестира над 300 милиони евра за подобрување на еколошките перформанси на производниот процес на РЕК Битола“, рече Ќурчиевски.

Македонија неодамна донесе нова Стратегија за енергетика според која земјата во следните две децении планира да ги затвори сите термоелектрани на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG