Достапни линкови

Руски триаголник за Македонија


Руска постреферендумска тактика за Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Руска постреферендумска тактика за Македонија

Меѓународни експерти сметаат дека Кремљ ќе го засили интересот за Македонија по референдумот за името, додека од Москва доаѓаат најави за нова тактика - Скопје да биде вовлечено во триаголникот на Русија, Турција и Кина.

Референдумот во Македонија повторно во јавноста и меѓу експертите го вжешти прашањето за влијанието на Русија на Балканот, и тоа не само поради неколкуте директни посочувања за наводна интервенција пред 30 септември, туку и со изјавите на портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, дека „Западот се обидува да ја привлече Македонија во НАТО дури и по неуспехот на референдумот“.

Дел од аналитичарите и политиколозите се сложуваат дека руските интереси за Западен Балкан, а со тоа и за Македонија, нема да се намалат, а потврда за тоа доаѓа и од руска адреса, односно од професорката Екатерина Ентина од Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“ и виш научен соработник во Институтот за Европа на Руската академија на науките.

Дека московското влијание на Балканот и во Македонија ќе продолжи е несомнено, велат експерти. Останува отворено само прашањето, велат тие, дали ќе продолжи досегашната стратегија или Москва има нов план?

Русија има многу приказни

Професорката Ентина викендов, во специјална емисија на Бугарското национално радио, посветена на Македонија, референдумот за името и руското влијание, изјави дека иако Македонија е во третиот ешалон интереси на Кремљ, сепак Москва не може да не се интересира за ширењето на НАТО и дека тактички Русија има многу други приказни.

„Референдумот откри некои проблеми за сите меѓународни играчи, пред сè за евроатлантските партнери на Русија - Брисел и Вашингтон. Русија не може да биде незаинтересирана за изгледите за проширување на НАТО. Референдумот покажа дека Брисел не ја контролира ситуацијата во Македонија. Имам одредени сомневања дека Русија ќе интервенира во оваа игра. Прво, поради глобалната игра и наклонетоста на регионот кон Запад, возот одамна е испуштен. Дури и да не е испуштен, регионот има голем потенцијал за конфликти, што е сосема непотребно на Русија, бидејќи таа не се стреми кон такво нешто. Тактички имаме многу други приказни од меѓународната агенда, кои имаат поголема сила и внимание“, вели професорката Ентина.

Бибер: Со старата стратегија против ширењето на НАТО и ЕУ

Аналитичарите се поделени околу тоа дали Русија ќе ја смени стратегијата и дали по референдумот Русија запишала победа против Западот во сферата на влијанија. Професорот од Универзитетот во Грац и експерт за Балканот, д-р Флоријан Бибер, во интервју за РСЕ, вели дека Русија останува со старата тактика.

„Мислам дека тоа што го прави Русија е обид да се спречат евроатлантските интеграции во кој било случај и дека Балканот е најлесната област за да го направи тоа. Затоа Русија континуирано го прави тоа и не очекувам некои драматични промени, повеќе мислам дека нештата ќе се одвиваат по вообичаениот пат“, вели професор Бибер.

Бугајски: Москва во Македонија гледа нова Република Српска

Американскиот професор и познавач на балканските прилики Јанош Бугајски, пак, смета дека руското влијание во Македонија ќе се засили ако пропадне Договорот со Грција и дека ќе се разгори национализам и сепаратизам кои ќе ја направат Македонија подложна на руско влијание.

„Ако договорот не ја добие потребната поддршка, земјата ќе биде изложена на етничка радикализација, регионална нестабилност и на руско мешање. Националистите се охрабрени од неуспешниот референдум. Национализмот и сепаратизмот ќе ја направат земјата подложна на руско влијание. Москва во Македонија гледа упориште за својата борба против ЕУ и НАТО и се надева дека од Македонија ќе може да направи нова Република Српска“, вели Бугајски за црногорскиот весник „Побједа“.

Источен триаголник за Македонија

Наспроти Бибер и Бугајски, московската професорка Ентина навестува нова тактика од Кремљ.

„Во моментов Русија нема конкретна стратегија, но фактички присуствуваме во сферата на економијата, на културата, некаде на политичка интеракција со одделни земји, со одделни групи на сили. Ова не дозволува Русија да исчезне како таква. Имајќи предвид дека нашата соработка со Турција и Кина се засилува, тогаш во секој момент земјите од Балканот можат да станат и најверојатно ќе станат зона на интеракција во триаголникот Русија-Кина-Турција. Ова во голема мера ги зајакнува нашите позиции во споредба со оние на нашите евроатлантски партнери“, вели Ентина во интервју за БНР.

Дали ќе има нова стратегија или стара тактика од Москва за Македонија ќе покаже времето. Единствено извесно е, велат експертите, дека кршењето на копјата меѓу Западот и Истокот на Балканот нема да запре.

XS
SM
MD
LG