Достапни линкови

Што сака да најде Бугарија во архивите на тајната полиција?


Илустрација

Македонија за една година треба целосно да ги отвори архивите на тајната полиција, стои во протоколот потпишан со Бугарија. Софија сака да пронајде докази за прогонувани Бугари во Македонија. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека и македонските националисти биле следени по линија на „ванчомихајловизам“, но ексразузнавачот Александар Диневски вели дека има разлики во обработката на македонските националисти и пробугарските елементи.

Досиејата на тајните служби од времето на комунизмот, односно тоа што останало од нив, веќе се отворени и семејствата на прогонуваните може да ги разгледаат во Државниот архив, велат упатените во состојбите со кои разговаравме. Сепак, голем дел од архивата е уништена, дел е во Белград, дел е разграбана и завршила во приватни фиоки, а илјадници досиеја се однесени во Државниот архив.

Со потпишувањето на билатералниот протокол со Бугарија, македонската влада презеде обврска во рок од една година „да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година“.

„Оваа сеопфатна правна рамка ќе создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално складирање и заштита на соодветните документи“, стои во протоколот.

Бугарија долго време тврди дека во времето на комунизмот во Македонија имало прогон на луѓето со бугарска национална самосвест.

Во јавноста постои загриженост дали во досиејата на политички прогонувани од политички причини има јасна разлика меѓу оние прогонувани за македонски национализам и оние прогонувани по пробугарска линија, затоа што можеби се воделе под една категорија „ванчомихајловизам“.

Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека досиејата се отвораа за семејствата, и тој закон може да се прилагоди за сите да имаат пристап до нив.

„Во принцип, за да држи обработката, ги третирале како ванчомихајловисти, и покрај тоа што имале автентични промакедонски идеи, тие тука ги групирале, за да функционира обработката, демек еве тие работат за странска држава и се пробугарски елементи. Во суштина, класични пробугарски елементи многу малку биле предмет на обработка“, вели Трајанов.

Тој посочува дека има некои надувани бројки за 30 илјади настрадани Бугари во Македонија, што е апсолутно неточно, и треба да се отворат архивите, и во Македонија и во Бугарија, за да се види што има.

Диневски – Бугарија нелегално има добиено многу досиеја од Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:29 0:00
Директен линк

Ексразузнавачот Александар Диневски вели дека политичките досиеја од времето на комунизмот веќе се отворени. Според него, во Државниот архив веќе има 37 илјади досиеја. Тој вели дека Бугарија, преку нејзини извори во МВР и во Државниот архив, на нелегален начин има добиено голем број оригинални досиеја од тој период. Софија во архивите нема да го пронајде тоа што се надева, вели тој.

„Македонската служба за државна безбедност, со сите нејзини слабости и со целата нејзина репресивност и приврзаност кон единствената политичка партија која беше на власт, сепак правеше јасна дистинкција меѓу лицата гонети за врховизам, се мисли на бугарскиот врховизам, и лицата коишто беа гонети како македонски националисти. Таа линија на работа врховизам беше речиси неактивна од 70-тите години наваму. Постоеја неколку лица коишто беа во обработка, коишто главно беа во странство или некои постари лица коишто службата само по природа на нештата ги надгледуваше“, вели Диневски.

Македонија во неколку наврати ги отвораше досиејата. Прво во 2000 година, секој што се сомнева дека бил следен можеше да добие увид во своето досие, но беа редактирани за да не може да се утврдат полициските соработници, односно кодошите. Потоа, тие досиеја беа однесени во Државниот архив и до нив можеа да пристапат семејствата на следените, но потпишуваа изјави дека нема да ги обелоденат имињата на кодошите.

Во 2008 беше донесен Закон за лустрација, со кој на полициските соработници им се забрануваше вршење јавна функција, но тој закон наиде на критики дека служи за пресметка со политички неистомисленици. Во 2015 законот беше укинат, а досиејата беа однесени во Државниот архив.

Сега, Македонија презеде обврска за целосно отворање на архивите за сите што сакаат да ги истражуваат, а не само за семејствата.

Во 2016 година, Државниот архив на Македонија објави девет тома досиеја насловени „Црните страници на УДБА“, но се уште нема јасна правна рамка кои досиеја се целосно отворени за јавноста.

Европскиот парламент пред крајот на минатата година побара од земјите на Западниот Балкан да ги отворат поранешните југословенски архиви.

„Врските меѓу организираниот криминал, политиката и бизнисот постоеја и пред распадот на Југославија и беа продолжени од крајот на судирите во 90-тите, а пратениците на Европскиот парламент го осудуваат очигледниот недостиг на волја на надлежните власти во регионот да ги отворат поранешните југословенски архиви и досиејата да им се вратат на владите ако тоа го сакаат“, стои во извештајот за соработка во борбата против организираниот криминал на Западниот Балкан кој беше усвоен од Европскиот парламент на 15 декември 2021 година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG