Достапни линкови

„Изборологија“ - Каков лидер на политичка партија би бил ти?


Парламентарни избори 2020

Првата македонска он-лајн игра за политичка едукација „Изборологија“ ги става играчите „во чевлите“ на лидер на замислена политичка партија, кој се обидува да освои најмногу мандати. Таргет се младите кои неодамна добиле право на глас и оние кои наскоро ќе го добијат тоа право.

За речиси две седмици, колку што постои првата македонска он-лајн игра за политичка едукација „Изборологија“, креирани се повеќе од 200 профили, што значи дека исто толку учесници изиграле барем една партија, во обид да го проверат или прошират своето знаење на тема политика.

Слоганот е „Играј одговорно, гласај информирано”, а идејата е да се даде приказ на парламентарни избори во земјава, во која играчот е на чело на една политичка партија и низ 20 дневна кампања, преку различни мерки, активности и склучување коалиции, се обидува да освои најмногу мандати.

Таргет на здружението „Лидери за едукација, активизам и развој - LEAD“ кое стои зад идејата, се младите кои наскоро ќе наполнат 18 години, па ќе добијат и право на глас, но и оние кои се тазе гласачи и на кои како што велат од здружението, можеби им треба информација плус за тоа како се одвива процесот на гласање.

„Имајќи на ум дека видео игрите и друштвените игри се доста популарни кај младите, решивме да се обидеме на тој начин да правиме политичка едукација на младите, каде што од една страна ќе им дадеме можност да се забавуваат, да се дружат меѓу себе, бидејќи самата игра е друштвена и бара играње во група, но во целиот тој процес и да научат малку повеќе за тоа како функционира парламентарниот систем во нашата земја, како се спроведуваат изборите... Особено сметаме дека ова е важно за оние коишто допрва треба да гласаат или се млади гласачи“, изјави за РСЕ, Илија Станковски, програмски директор во LEAD.

Приказ на главната табла за време на една партија во „Изборологија“
Приказ на главната табла за време на една партија во „Изборологија“

За да стигнат до младите гласачи, преку соработка со средните училишта ќе бараат пат до средношколците, а преку факултетите планираат да им ја доближат идејата на студентите. Заклучоците од нивните активности, според Станковски, би покажале колку нашата младина е политички едуцирана, но и дали младите гледаат потреба од ваква едукација.

„Ова ќе биде индикатор, прво за тоа колку младите се едуцирани на темата, но и колку покажуваат интерес за овие теми. Веројатно според тоа колку младите ќе ја користат и ќе ја играат играта „Изборологија“ и ќе ја користат како алатка за едукација, ќе видиме и колку младите ја гледаат потребата да користат вакви алатки за едукација“, вели Станковски.

„Турнир на политички лидери“

Здружението ги повикува играчите да бидат дел и од турнир во играње на „Изборологија“. Условот е учесникот да има над 15 години и желба за учење или усовршување на знаењата за политичкиот систем. Натпреварувачите се пријавуваат преку сајтот на LEAD, а рокот за пријавување кој требаше да заврши вчера се продолжува за уште десет дена.

„Имавме неколку реакции на нашата фан-страница од луѓе коишто за празнициве патувале и не биле во земјава, па и не биле толку присутни на социјалните медиуми и не го виделе повикот, такашто решивме да го продолжиме за уште десет дена, односно до 20. јануари, а самиот турнир ќе се спроведе помеѓу 24. и 28. јануари. Ова е со цел што е можно повеќе луѓе да добијат можност да се пријават, ако тоа не го сториле до сега“, истакнува Станковски.

Според податоците на LEAD, токму младите генерации досега покажале најголем интерес за учество во турнирот. Досега се пријавиле повеќе од 40 луѓе, a oколу 80 % од нив се млади над 15 години. Oние кои не влегуваат во категорија на млади по дефиниција, велат, сепак не се постари од 35 години.

За да ја направи „Изборологија“, здружението LEAD здружи сили со „Фондација Конрад Аденауер“.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG