Достапни линкови

Младинска понуда


Андреа Угриноска Заседавач со Европскиот Комитет за Млади при Советот на Европа

Првото нешто што им паѓа на ум на политичарите е невработеност, па затоа сите во своите програми имаат приоритетни мерки околу сузбивање на невработеноста, пишува во младинската колумна Андра Угриновска, заседавач со Европскиот комитет за Млади при Совет на Европа

Која е понудата за млади на овие избори?

Предизборни кампањи се возбудливо време за сите кои работат во невладиниот сектор. Во моментот кога ќе излезат програмите, сите возбудено листаат да видат колку нивната целна група/кауза е присутна низ целата програма. Некои одат и чекор понатака и паметно ја искористуваат предизборната љубезност на партиите со цел поголeмa застапеност на она што е од нивен интерес. Па така, низ истиот процес проаѓаат и младинските и организациите за млади.

Доколку сте чинители кои работи во полето на млади, првата импресија која ја имате листајќи ги избирните програми е дека сите партии имаат голем интерес во унапредување на животниот стандард на младите. При првото читање веднаш се добива импресија дека младите се важна целна група на сите политичари. Некои политички партии имаат цела категорија за млади во своите програми, додека други ги имаат вметнато младите низ целата своја програма, крос - секторски како што би рекле. Некои мерки се преклопуваат додека некои се дијаметрално различни, сите обидувајќи се да ги опфатат најпопуларните проблеми со кои сметаат дека младите се соочуваат. Младинска невработеност како ударна тема, предводена од образование и студентски домови и се разбира спорт, бидејќи како држава сеуште сметаме дека темите млади и спорт мора обавезно да одат рака под рака. И иако навидум тоа е точно, и има преклоп во работата на овие две теми, кај нас често се спортот е користен како жртвено јагне - изградбата на нов локален фудбалски терен се едначи со потребата за значително младинско учевство, или отчетен пристап до независни информации.

Но, колку сепак младите можат да се потпрат на искреноста на ваквата понуда? Колку е искрена понудата?

Имам чувство дека властите во Македонија ја перцепираат младинската ситуација низ две призми: одлив на мозоци и членство во Европската Унија.


Реалноста е дека Македонија има значителен проблем со одлив на мозоци, но немаме консензус зошто овој одлив се случува. Првото нешто што им паѓа на ум на политичарите е невработеност, па затоа сите во своите програми имаат приоритетни мерки околу сузбивање на невработеноста, фалејќи се со квантитативни бројќи за колку истата ќе се зголеми доколку тие се на власт. Но, во последниве две години и невладините се приклучија кон намалување на овој тренд, вклучително и Мрежа за спречување на одлив на мозоци, и притоа спроведоа истражувања кои укажаа на тоа дека вработувањето по секоја цена не е [единствен] предуслов за останување на младите во државата. Останатите предуслови се околу вклученост на младите во носењето на одлуки и генерално унапредување на животниот стандард на младите. Квантитативната мерка, која личи така надуено, за понуда на зголемување на вработеност кај младите е празна и шуплива доклку не е пропратена со останати мерки кои би придонеле кон подобрување на целокупниот младински стандард.

Европската Унија долого време преку своите прогрес извештаи и апелира на Македонија дека има проблем со своите млади од повеќе аспекти. Еден почесто споменуван аспект од Европскиот Парламент и Европската Комисија е младинското учевство кое долго време не постоеше во Македонија. Младинските организации паметно ги искористија овие извештаи, упатувајќи им на властите дека доколку го чекориме патот кон Европската Унија, тогаш неминовно е дека треба да ги пополниме сите застарени дупки на истиот, вклучително и на темата млади. Па така во последните неколку години навистина видовме прогрес - имаме нов усвоен закон за млади кој предвидува квалитетни мерки за унапредување на животот на младите, вклучително и значителна структура за младинско учевство во Агенцијата за млади и спорт. Од тука главното прашање е - како да се осигураме дека овој закон не е само уште едно испишано празно парче хартија во државната администрација?

Младинско учевство - што беше тоа?

Ние кои работиме во полето млади имаме една мантра која често ја повторуваме во секоја прилика - Ништо за млади без млади. Не смееме во денешно време да си дозволиме да дизајнираме мерки за млади без присуство на нивниот глас и мислење. Младите мора да бидат присутни во секој чекор од патувањето дизајнирано да го подобри нивниот живот. Листајќи низ програмите на политичките партии, многу малку/скоро ништо не се спомнува за унапредување на младинското учевство. Невладиниот сектор и младите оставени сами на себе се обединија пред повеќе од пет години и го формираа Националниот младински совет на Македонија - тело кое има за цел да претставува мост помеѓу младите и носителите на одлуки. Најголемиот проблем на ова тело беше неговата непрепознатливост од страна на надредените и институциите, тоест оние за кои е креирано. Доколку интересот за млади беше вистински и искрен, тогаш НМСМ немаше да биде изоставен од програмите. Советот не е спомнат ниту еднаш во ниедна програма.

Младинското учевство не се случува само преку советот, па така оние политички партии кои можеби немаат наклонетост кон НМСМ како таков, имаат други алтернативи за како да го подобрат значителното младинско учевство. Тука спаѓаат и студентскиот парламент, транспарентна финансиска поддршка на младинските организации, програма за младински делегат во македонската мисија при Обединетите Нации, младински парламент, и уште многу други форми на учевство кои може да ги видиме во останатите Европски земји. Доколку има искрена желба да се работи за млади, тогаш еден од поважните чекори кој укажува на искреноста на овој нагон е обезбедување простори и канали за комуникација каде младинскиот глас ќе биде чуен и земен в предвид при креирање на политики за млади.

Крајниот тест за искреноста на младинската понуда?

Доколку ги ставиме настрана сите методи за учество и принципи по кои треба да се водиме кога говориме за учество на млади, има еден индикатор кој е значително помоќен од се што беше набројано до сега. Крајниот тест за искреноста за младинската понуда е номинацијата на млади кандидати за парламентарните избори. Но, без мачкање очи. Младите кандидати ставени на позиции за кои малтене анкетите велат дека ќе бидат недобитни, итоа како не се важат како задоволителни за исполнување на овој критериум. Младите сакаат да бидат претставени од млади луѓе кои, како нив самите, ги живеат предизвиците со кои младите во Македонија се соочуваат секојдневно. Но не само тоа, младите се препознаваат со кандидати кои го говорат нивниот јазик и кои застапуваат младински политки кои ќе го подобрат сечиј младински живот, вклучително и нивниот.

Често пати знаеме да наидеме на критика кон младинската група на гласачи како неактивна, група која ретко излегува на избори. Доколку тоа е навистина така, сме се запрашале ли зошто ни се случува овој феномен? Дали можеби една од причините е фактот дека младите немаат кандидат со кој можат да се идентифиукваат, кандидат кој го говори нивниот јазик и нивните приоритети?

Денеска ја живееме коалициската реалност, многу од партиите не одат сами на избори, некои заради системот на пропорционална репрезентација кој им штети на помалите партии, други заради тоа што вредносно се идентификуваат со поголемите партии, па сплотени имаат повеќе шанса да успеат. Во секој случај, при вакви коалиции, партиите имаат ограничен број на пратеници кои можат да ги номинираат, со тоа што ограничувањето кај помалите партии е до толку зголемено. Овие ограничувања го прават изборот уште потежок, со тоа што младинските кандидати завршуваат се подолу на листите, доколку се воопшто номинирани.

Како млад човек со голем интерес да мојот глас и гласот на моите соврзници е застапен во наредниот собраниски мандат, единствено имам доверба во оние кандидати кои се на моја гененрациска возраст, кои ги живееле проблемите со кои нашите млади се соочуваат денеска, и кои докажале дека можат да се изборат за младинските прашања во парламентарни состави кои се не секогаш пријателски настроени кон младинските проблематики. Сите партии кои тврдат дека младите се нивен приоритет, имаа шанса да го докажат тоа на дело, но за жал, младите кандидати со реална шанса за успех, номинирани на добитни позиции, одвај се бројат на една дланка.

Само млади пратеници можат да се изборат за значајно младинско чество, па којзнае, можеби еден ден и ќе успееме да ја намалиме гласачката возраст на 16 години, па тогаш нема ни да мора веќе да се молиме да се младите застапени на листиите, во парламентот, во институциите, и во политиките. Ги повикувам младите да се сплотат, да ги идентификуваат младинските кандидати, и да ги поддржат - од млади за млади!

XS
SM
MD
LG