Достапни линкови

Од седете дома, до ајде на избори


Архивска фотографија- Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019
Архивска фотографија- Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

За кратко време од прес конференции и изјави за загриженост за коронавирусот политичарите почнаа со предизборни говори. Се уште постојат несогласувања, па ВМРО-ДПМНЕ кои бараа избори сега не брзаат, а брзаат од СДСМ кои претходно беа воздржани.

Само до пред две недели главната реторика на политичарите беше - бидете одговорни, седете дома. Последниве денови таа се смени, па се почесто се слуша идејата дека избори треба да се организираат наскоро, веќе идниот месец или во јули.

Засега оваа теза најмногу се слуша од политичарите од СДСМ. Објаснувањето од таму е дека ако оценат епидемиолозите од комисијата дека ситуацијата сега е под контрола, подобро е изборите да се одржат во летните месеци оти на есен е можно да има нов бран и тогаш граѓаните да бидат во ризик ако излегуваат да гласаат. Другото објаснување од владејачката партија е дека изборите се потребни за економски и политички да функционира владата и собранието со нов легитимитет.

Од друга страна, пак, од ВМРО-ДПМНЕ, на чие инсистирање се распишаа предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април, а потоа беа одложени поради коронавирусот сега се воздржани.

Генералниот секретар Игор Јанушев вели дека да се разговара за избори периодов е безпредметно, бидејќи здравјето и животот на граѓаните биле најважни. Неговата теза е дека СДСМ сака избори оти се надева на ниска излезност поради стравот којшто постои кај граѓаните, а се надева вели и на фалсификат на изборите бидејќи ќе нема или ќе има многу мал мониторинг на избориниот процес од релевантните институции.

„Избори ќе се случат тогаш кога ќе има услови за фер и демократски избори“, вели и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

СДСМ инсистира на брзи избори, ВМРО-ДПМНЕ тактизира

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, има спротиставеност во ставовите да не се одржат избори, а истовремено да се олабавува економијата, па вели нејасно е зошто да може да се седи во кафуле со часови, а да не може да се оди на кратко гласање со заштитна опрема.
Муслиу смета дека треба да се оди на избори за да се добие политичка влада која ќе даде стабилност на целиот процес на нормализација по коронавирусот.

„Сведоци сме деновиве како се препукуваат и власта и опозицијата во однос на указите кои што ги носи владата земајќи предвид дека сме во вонредна состојба. Еден функционален парламент и влада сигурно ќе дадат посмирувачки тонови, но ќе дадат и доза на стабилност на целиот процес“, вели Муслиу.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје не е убеден дека гласањето на брзи избори би било безбедно. Вели изборите се најмасовни собирања на граѓаните во затворен простор, а вели дека има и психолошки ефект, луѓето кои се уште живеат под строги мерки на движење да бидат повикани на гласање за скоро време.

„Земајќи ги предвид сите овие работи мислам дека изборите треба да се одржат време кое што ќе биде доволно тие да бидат добро организираме од друга страна треба да бидат пред тој можен пик наесен. Мислам дека најдобар период е втора половина на август или прва половина на септември“, вели Божиновски.

Што ќе одлучи Уставниот суд?

И додека и партиите и аналитичарите се со различни ставови за изборите, очекувањата за раздвижувања на политичката сцена се свртија кон Уставниот суд. Таму за в среда е закажана седница на која уставните судии треба да се произнесат за предлогот на уставниот судија Осман Кадриу судот да иницира постапка по службена должност за „оценување на правната судбина на одлуката за распуштање на собранието“.

Пратениците на 18 февруари гласаа за распуштање на Собранието за да се одржат предвремените парламентарни избори во април. Од кога се одложија, СДСМ поведе иницијатива преку потписи од пратениците на нивната коалиција за повторно свикување на Собранието, но собранискиот претседател Талат Џафери не го свика повторно со образложение дека еднаш распуштен парламент не може повторно да се свика.

Ако судиите в среда одлучат да се разгледува иницијативата на Кадриу треба да назначат судија известител и за скоро време таа да се најде на седница за одлучување. Правните толкувања се дека ако помине оваа иницијатива, тоа би значело дека по сила на Устав пратениците би требало да се вратат на работа.

Инаку, Македонија не е единствената држава на која коронавирусот и ги помати плановите за избори. Некои држави, како на пример Франција одлучија тие да се одржат и покрај пандемијата, па француските државјани минатиот месец гласаа на локални избори во прв круг, па потоа се одлучи да се одложи вториот круг. Во соседна Србија, како што соопшти претседателот Александар Вучиќ, изборите ќе се одржат идниот месец, а претседателски избори се закажани во Полска викендов што следи.

Други држави, пак, одлучија да ги одложат изборите за идната година, како на пример Велика Британија која локални избори закажани за седми мај годинава ги одложи за мај 2021 година.

Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени поради избувнувањето на здравствената криза предизвикана поради корона вирусот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG