Достапни линкови

Граѓани се за олеснување на мерките, но не и за избори веднаш


Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека би требало рестриктивните мерки да се намалат поради помалиот број на новозаразени од коронавирус и зголемениот број на оздравени од болеста. Но, според нив изборите треба да почекаат.

Олабавување на рестриктивните мерки, но не и спроведување на избори, сметаат граѓаните кои ги анкетиравме, откако за време на продолжениот викенд беа регистрирани помал број заболени од коронавирусот, а поголем број оздравени. Излечени се 945 лица, активни случаи има 482, а од корнавирус досега починале 84 заболени. Во изминатите три дена направени се 1010 тестови, а забележани се 49 нови случаи.

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека кривата на излекувани пациенти стрмно расте додека бројот на активни случаеви има одличен пад. Бројот на пациенти кои имаат индикација за тест, според него, исто така значително опаѓа и со тоа опаѓа и бројот на направени тестови. Премиерот Оливер Спасовски неодамна најави дека кон средината на месецов животот полека ќе се враќа во нормала.

„Би требало рестриктивните мерки да се намалат, меѓутоа и совеста на граѓаните да се покачи. Ако ги ослободиме како стадо овци ќе се разлетаме насекаде. Се надевам дека ја победуваме короната и верувам во здравствениот систем“, вели граѓанинот на Скопје Драги Трајковски.

„Мое лично мислење е дека во старт фативме добар ред. Едно се препораките на министерството за здравство, а друго и самите граѓани сериозно ја сфатија работите и затоа се должат резултатите на ситуацијата како што е. Мое мислење е дека треба да се олабават мерките, бидејќи народот треба да оди на работа. Се знае економијата треба да почне да функционира. Буџетот да се полни и луѓето веќе да си го фатат редот“, вели Јулија Џингова.

„Како што изгледа ја победуваме короната и што ќе ни кажат тоа ќе правиме. За економијата треба да си мисли државата и економијата пропаѓа вака“, вели Стрезо Сарџовски.

Од СДСМ најавија дека избори ќе има кога ќе се стабилизира пандемијата, а од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека изборите не се приоритет. Министерот Филипче порача дека Комисијата за заразни болести е таа што треба да каже дали може да се одржат изборите. Граѓаните велат дека не треба да се брза со нивното закажување.

Не би требало избори, а вонредната состојба може да се прекине, но пак со полициски час кој ќе биде пократок“, додава Трајковски.

„Доволно им е на граѓаните од се. Барем за изборите, колку и да се неопходни може да се одложат на некое време. Барем да здивнеме, да го фатиме редот, да се направи добра кампања, а не само сега да ловиме нешто во матно во целата оваа збрка“, смета Јулија Џингова.

„Политиката секојпат ќе си го прави тоа своето, што и е од интерес. Има компетентни институции кои треба тоа да го кажат и јас припаѓам на категоријата на луѓе тоа што го слушаат“, вели Димитар Димитров.

Граѓаните за полесни мерки, но не и за избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:38 0:00

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека прв приоритет е здравјето на граѓаните и бројките на новозаразени и ситуацијата со пандемијата треба да дозволат да се одвива нормален изборен процес. Меѓутоа, по сите најави, според него, и во државата и во регионот се очекува животот да се врати во нормала на крајот на мај и ако тоа се случи со сите други процеси, тоа треба да се случи и со политичкиот процес. Изборите, како што посочува, треба да се оддржат штом се стабилизира здравствената ситуација, бидејќи не се знае ни што ќе се случува понатаму со епидемијата и можно е да се појави нов пик на заразени за неколку месеци.

„Во првиот момент кога здравствената состојба, што е прв приоритет, ќе дозволи треба веднаш да се одржат избори, затоа што Македонија во моментов се соочува со две проблематични ситуации. Едната е нефункционалност на Собранието и нецелосен мандат на Владата, бидејќи во моментов имаме техничка Влада и распуштено Собрание и паралелно со тоа во таква ситуација ја имаме најголемата криза во историјата на државата. Така што во првиот момент кога ќе биде возможно еден од тие два проблеми треба да ги расчистиме“, вели Арсовски.

Особено што, како што додава Арсовски, наредниот состав на Владата ќе треба да се справува со последиците од кризата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG