Достапни линкови

Иванов и неговите дарови за 120 илјади евра


Претседателот Ѓорге Иванов
Претседателот Ѓорге Иванов

Чадори за 19 евра, нотеси за 19 евра, УСБ за 30 евра, книги за 57 евра, обетки од бисери за 70 евра се дел од репрезентативни предмети за подароци кои лани ги набавил претседателот Иванов на тендер во вредност од речиси 21 илјади евра. Од стапувањето на функцијата досега на подароци отишле над 120 илјади евра. Пред неколку денови е распишан и нов тендер.

Околу 120 илјади евра потрошил претседателот Ѓорѓе Иванов на репрезентативни предмети за подароци од неговото назначување на функцијата до 2019 година. Нов тендер за набавка на накит, вратоврски, марами, сувенири, гравури, ракотворби е распишан на два месеци пред завршување на неговиот мандат. Крајниот рок за пријава на фирмите на тендерот е 7 март, а на листата за набавка се 939 парчиња наменети за подароци. Ако се земе в предвид дека претходната 2018 година, Иванов потрошил речиси 21 илјади евра за набавка на 756 парчиња кои биле наменети за подарување излегува дека оваа година дополнително ќе бидат издвоени уште неколку илјади евра.

Тендер од речиси 21 илјади евра во 2018 година

Во 2018 година за набавка на сто чадори биле потрошени 1900 евра. Еден чадор чинел 1168 денари или 19 евра.

Се набавиле и неколку видови на пенкала. Најмногу пари биле потрошени на 20 сета ексклузивни пенкала, при што се издвоиле нешто над 830 евра или околу 2400 денари по сет. За останатите видови на пенкала, вкупно 220, се издвоиле 1600 евра.

Набавката на 50 нотеси чинела 950 евра или еден нотес од минимум 150 листа бил платен по 19 евра.

За длабока резба од дрво со мотиви од флора и фауна и од мијачкиот крај се потрошиле 1800 евра или во просек по 300 евра за шест парчиња.

Бисерен накит во вредност од околу 3800 евра

За 10 пара обетки од бисери биле издвоени околу 680 евра или еден пар чинел 4200 денари. За дваесет комплети пак од огрлица, нараквица и обетки од бисер биле потрошени околу 3100 евра.

Најмногу пари за книги, ташна за документи, дрвена кутија за вино, УСБ

Најмногу пари се издвоиле за 50 книги со општи податоци од земјата на англиски јазик кои чинеле по 57 евра или вкупно над 2800 евра.

Потоа следи набавката на 50 ташни за документи изработени од вештачка кожа и полиестер во вредност од речиси 2500 евра или 50 евра по парче.

За дрвена кутија за вино со вклучена гравура на амблем на претседателот се потрошиле речиси 2200 евра или за 70 парчиња по 30 евра поединечно.

Најмногу биле набавени мемориски стикови за компјутер (УСБ) 150 на број, со минимум 16 гига бајти меморија во алуминиумска амбалажа и со испечатен амблем на претседателот. Едно чинело 30 евра, а вкупно за набавката биле потрошени речиси 2200 евра. Во минатата година не биле набавени вратоврски и марами. Но, договорот за нивна набавка бил склучен на почетокот на декември 2017 година кога за таа намена биле потрошени 830 евра.

Најмногу пари потрошени во 2016

На крајот од 2017 година освен марами и вратоврски во исто време бил потпишан договор за набавка и на сувенири за подароци кои дополнително чинеле речиси 7000 евра. Вкупно набавката на подароци изнесувала околу 15 илјади евра. Ако се земе в предвид дека репрезентативните предмети биле набавени на крајот на 2017 година, излегува дека минатата година Иванов имал најмногу подароци на располагање во вредност од 36 илјади евра.

Но, сепак најмногу пари според тендерската документација одделно за една година биле издвоени во 2016 година кога за сувенири, гравури, ракотворби и репрезентативни подароци се потрошиле околу 22 илјади и 700 евра. За 2015 пак договорот бил склучен во на крајот од декември на претходната година во вредност од речиси 17 ипол илјади вера.

Воедно претседателот Иванов најмногу пари за подароци потрошил за време на неговиот втор мандат. Од мај 2014 година кога по втор пат победи на изборите до 2019 година тој за подароци издвоил 76 илјади евра.

2014, 2013, 2012 кутии за подароци и вратоврски

Три години по ред, според документацијата, од кабинетот на Иванов бил распишан само тендер за кутии за подароци и за вратоврски. На два пати биле нарачани кутиите за подароци во износ од 7600 вера, и на два пати вратоврски кои чинеле околу 10 илјади евра.

Но, затоа во 2011 година биле потрошени 19 илјади евра, за разлика од претходната година кога Иванов нарачал само пенакала со лого во износ од речиси 6400 евра. Најмалку пари за подароци претседателот потрошил во 2009 година, речиси 1600 евра и за набавка на вина со кутии за подароци од околу 700 евра, но неговиот претходник Бранко Црвенковски веќе имал имал потрошено пари за истата намена. За разлика од Иванов, за последните пет месеци на функцијата Црвенковски за набавка на репрезентативни предмети за подароци од неговата каса потрошил нешто над 7400 евра.

„Треба да се внимава. Во услови на ваква сиромаштија во која што се наоѓаме и ниски плати, меѓу најниските во Европа, ниски пензии и низок стандард токму поради недостаток на буџетски пари, во здравство, во образование, социјала и итн треба да се штеди. И органите на државната власт, извршна, законодавна, судска треба да штедат. Јас лично не се согласувам со тој издаток, иако не се работи за некоја огромна сума на пари, но во услови на сиромаштија и тоа е голема сума на пари“, вели Темелко Ристовски, чија стручна област е јавната и државната администрација.

Според него, доколку секој институција заштеди по 20 илјади евра тогаш ќе се собере голема сума на пари. Ристовски порачува дека претседателот во заминување, но и наредниот треба да се однесуваат поекономично со буџетот.

За СДСМ тендерот е за маркетинг на Иванов

Од СДСМ вчера го обвинија претседателот Иванов дека неодговорно го завршува мандатот и оти според одредени процени ќе потроши најмалку 20 илјади евра, пари на граѓаните за сопствена промоција.

„Иванов нарачува над 700 сувенири со своето име. Пенкала, чадори, бисерни обетки, вински сетови, филигрански накит, марами и вратоврски се само дел од предметите што Иванов ги нарачал. Ваквото трошење народни пари за сопствен маркетинг не е однесување на одговорен претседетал на држава кој ги застапува интересите на сите граѓани. Ваквото неодговорно и расипничко однесување на Иванов повеќе наликува на однесувањето на водачи на авторитарни режими. Дали можеби и биста планира да си нарача Иванов пред да му истече мандатот? Добро е единствено тоа што Иванов има уште многу малку од својот втор мандат. Граѓаните нема да дозволат нов Иванов ниту нов Груевски“, соопштија од СДСМ.

Кабинетот на Иванов: Се работи за востановена практика

Од кабинетот на Иванов реагираа дека се прави обид да се дискредитира институцијата претседател и дека се работи за годишна набавка, како востановена практика на сите претходни претседатели на државата и речиси насекаде во светот. Следствено на тоа, следниот претседател на почетокот на својот мандат ќе има на располагање репрезентативни подароци. продолжувајќи да ja искористува јавната набавка, стои во соопштението.

„Голема лага се, како што се наведува, наводите дека претседателот Иванов нарачува над 700 сувенири со своето име, за сопствена промоција и маркетинг. – Вистината е дека во јавната набавка се предвидени само 50 марами и 100 вратоврски со името на претседателот Иванов, кои се наменети како протоколарен подарок за странски делегации и гости, до завршување на мандатот на претседателот Иванов. Уште поголема лага се наводите дека Кабинетот на претседателот на Република Македонија постапува неодговорно, со недомаќинско работење и спротивно на интересите на граѓаните и државата, стои во соопштението.

За разлика од лани, освен што Иванов дополнително има потреба од вратоврски и марами, новина е и набавката на филигрански накит, папки, кадифени кутии, метални значки, сувенири од метал, како и мали скулптури на истакнати дејци.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG