Достапни линкови

Претседателски мандат меѓу гафови и аболиции


Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов завршува на 12 мај. Tој ќе остане запамтен по неговите специфични изјави, но и по аболицијата, непотпишување закони, наводната вмешаност во настаните на 27 април...

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска треба да распише претседателски избори. Првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов завршува на 12 мај. Тој на функцијата претседател стапи во април 2009, а во 2014 беше реизбран.

Но, по што ќе го паметиме Иванов? По неговите специфични изјави како „Космодиск демократија“, и „компромис си е компромис“, но и по аболицијата, непотпишување на закони, наводната вмешаност во настаните на 27 април.

Од космодиск демократија, преку намигнување до нема ништо поуспешно од успех

Позната е дефиницијата за „космодиск демократија“ која претседателот Ѓорге Иванов ја даде во 2009 година, уште пред да биде избран на функцијата.

„На реклама за космодиск викаат шашаво изгледа, ама функционира. Нашава демократија е како космодиск демократија - на некого може шашаво му изгледа, ама Македонија функционира“, рече професорот Иванов во февруари 2009 година, само два месеца пред да биде избран за претседател.

Веднаш по изборот за претседател, пак, внимание кај медиумите предизвика неговата изјава за тоа што е разумен компромис за решение на спорот за името со Грција.

„Разумен компромис е разумен компромис, не можам да ви објаснувам. Сфатете го“, рече Иванов.

Во 2009 година, Македонија ја посетија кралот и кралицата на Хунзите од Пакистан, кои наводно биле потомци на Александар Македонски и братски народ на Македонците. Имаше најава дека ќе им бидат доделени околу три хектари земја во Паљурци за да изградат кралски комплекс. Дел од јавноста му забележуваше на Иванов на дружењата со Хунзите.

Во 2011 година, претседателот Ѓорге Иванов повторно беше тема во јавноста, овој пат откако медиумите ја открија дефиницијата за антисемитизмот во книгата „Политички теории – антика“ што тој и професор Светомир Шкариќ ја објавиле во 2006 година. Синтагмата „Антисемитизам е кога Евреите се мразат повеќе од потребното“ предизвика реакции во јавноста, но од Кабинетот на претседателот реагираа дека оваа дефиниција се употребува од низа видни еврејски личности, а во книгата е преземена од Симон Веил, Еврејка која го преживеала Аушвиц и холокаустот, а се користи на ироничен и саркастичен начин да се осуди омразата кон Евреите.

Потсмев кај јавноста предизвика и изјавата на Иванов дека си намигнале со поранешниот американски претседател Барак Обама. Во 2011 година, Иванов беше на Молитвениот појадок во Белата куќа во Вашингтон, каде што се сретна и со тогашниот потпретседател Џо Бајден, а во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик рече дека седел на најблиската маса до претседателот Барак Обама со кого си отпоздравиле намигнувајќи си.

„Се сретнав со потпретседателот Бајден, додека со претседателот Обама се поздравивме со намигнување, бидејќи бевме на соседни маси, и така се поздравивме”, рече тогаш Иванов.

На „Денот на калинката“ во Валандово, пак, во 2013 година, во разговор со деца, им рече дека - Кога тој можел да биде избран за претседател, зошто и другите да не постигнат нешто повеќе.

„Децата да јадат овошје, да бидат здрави, да имаат здраво тело, да имаат здрав дух, и да следат, ако јас сум можел да бидам претседател, и тие можат да станат нешто во животот”, им порача Иванов на децата.

По петтото место на македонските ракометари на Европското првенство во Србија во 2012 година, претседателот Иванов во изјава за телевизија Сител рече дека ракометарите заслужуваат голем пречек на плоштадот Македонија во Скопје.

„Тоа е она што ни недостасувало 20 години, победи и успеси, затоа што нема ништо поуспешно од успех“, рече тогаш претседателот Иванов.

Оваа негова изјава наиде на потсмев во јавноста, но потоа во негова одбрана застанаа луѓе кои потсетија дека фразата „нема ништо поуспешно од успех“ е цитат од францускиот писател Александар Дима.

Во предизборната кампања во 2014 година, пред да го добие вториот мандат, на еден предизборен митинг Иванов повика луѓето да мислат на добро, а не на зло.

„Тие што зло мислат, до седмо колено зло ќе ги следи. Затоа немојте да мислите на лошо. Немојте да мислите на зло, оти злото ќе си дојде“, рече Иванов.

Аболиција – печат на Иванов

Иванов освен по специфичните изјави ќе остане запаметен по аболицијата која им ја даде на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, осомничени за криминал за кои се слуша во прислушуваните разговори, па потоа ја повлече. Пред крај на својот мандат тој не стави потписи на законот за јазиците, па тој по една година од донесувањето во Службен весник излезе само со потпис на претседателот на Собранието. Не го потпиша ни Договорот за името со Грција. Тој го критикуваше договорот и кога земјата го потпиша протоколот за членство во НАТО, без кој договор членството немаше да се случи.

„Претседателот секогаш се залагал за остварување на стратешките цели на Република Македонија. Македонскиот претседател смета дека, за жал, останува фактот дека на денешното потпишување на Протоколот му претходеше склучување на договор за промена на уставното име на Република Македонија, што им нанесе трајна штета на македонските национални интереси“, стои во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Дел аналитичари му забележуваат што бил послушник на една политичка партија. Други, пак, сметаат дека ги бранел македонските интереси и делувал обединувачки. Опозицискиот блок го бојкотираше Иванов, а тој лошо соработуваше и со сега владејачката СДСМ и не му го даваше мандатот за состав на новата влада на актуелниот премиер Зоран Заев.

Во јавноста беа изнесени и наводи за вмешаност на неговиот кабинет во настаните на 27 април. Тоа Иванов неколкупати го негираше, велејќи дека е лага. На едно од судењата за 27 април, еден од обвинетите Александар Василевски - Нинџа, рече дека Иванов планирал да прогласи воена состојба. Претседателот изјави дека такво нешто не планирал. Но, на прес-конференција одговори дека генералниот секретар на претседателскиот кабинет Борис Јосифовски за време на нападот на Собранието на 27 април, бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG