Достапни линкови

По 10 години, Иванов заминува од претседателската позиција


Архивска фотографија - обраќање на претседателот Ѓорге Иванов пред Генералното собрание на ОН, 27.09.2018

Аболицијата, лошата соработка со власта на СДСМ, недавањето на мандатот, непотпишувањето на Законот за јазиците се дел од работите што, според аналитичарите, го одбележаа Ѓорге Иванов како претседател. Пролетва завршува неговиот втор петгодишен мандат и Македонија ќе добие нов претседател.

По десет години на позицијата претседател на државата, актуелниот Ѓорге Иванов пролетва ќе ја напушти таа функција. Иванов е единствениот претседател во независна Македонија кој двапати е биран од граѓаните на непосредни избори. Неговиот втор петгодишен мандат истекува, а гласачите на редовните претседателски избори треба да го изберат наследникот на таа функција.

Иванов заминува од позицијата со сосема различен впечаток во јавноста и кај аналитичарите. За едни е бранител на македонски интереси, за други, пак, послушник на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која го кандидираше за претседател.

„Ниту еден од неговите претходници, иако и тие беа номинирани од политички партии не се стави на страната на една политичка партија. Кај Иванов не се случи ниту еднаш кога беше потребно да заземе рационална и неутрална, зближувачка страна, туку секогаш ги бранеше, условно кажано, боите на својата партија”, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

За разлика од него, Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања во Скопје, смета дека со мали исклучоци Иванов во двата мандата делувал обединувачки.

„Генерално, ако ги гледаме постапките во двата мандата, со мали исклучоци, беа насочени кон помирување и соработка”, вели Божиновски.

Недавањето мандат и аболицијата - печат на Иванов дома

Аболицијата го одбележа мандатот на актуелниот претседател на внатрешно политички план, смета Муслиу, додавајќи дека тоа беше и иницијалната каписла за серијата протести кои резултираа со т.н. Шарена револуција.

„Таа беше причина и за губењето на тронката доверба што ја имаа граѓаните за етичноста и визионерството на политичарите”, вели Муслиу.

Божиновски, пак, како белег кој Иванов го остави на внатрешен план, ги споменува и лошата кохабитација со власта предводена од СДСМ, недавањето на мандатот за состав на новата влада на актуелниот премиер Зоран Заев и непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците.

„Мислам дека со одлуката за аболиција тој сакаше да направи обид да се смират страстите, но се доби поинаков ефект”, вели Божиновски.

Надвор активен, но дали каде што треба?

Според него, тоа било и причината Иванов да ги наруши односите со дел од меѓународната заедница.

„Мислам дека се обиде да воспостави односи и со некои држави кои беа занемарени во надворешната политика и во тоа беше успешен”, вели Божиновски.

Претседателот особено во последнава година често патуваше во Турција, но одеше и во Азербејџан, Јордан, Египет, Бразил.

„Неретко учествуваше на настани кои не беа особено битни за нашата надворешна политика како мала држава”, вели Муслиу, коментирајќи ги посетите на Иванов.

Тој на функцијата претседател стапи во април 2009 година кога го победи кандидатот на опозицијата Љубомир Фрчкоски. Потоа беше реизбран во 2014 година откако освои повеќе гласови од неговиот противкандидат Стево Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG