Достапни линкови

Зошто северот на Косово е рај за криминални групи?


Конечниот договор меѓу Косово и Србија е неопходен за регионалната стабилност (на фотографијата пешачка зона во Северна Митровица)

Осум години откако Косово и Србија се договорија со бриселскиот договор за интеграција на српските правосудни и безбедносни институции во косовскиот систем, на американската „црна листа“ се појавија нови имиња од северот на Косово. Сандра Цветковиќ

Да се биде на „црната листа“ практично значи примена на американски санкции, со кои се блокира имотот на поединци, додека на американските граѓани им е забрането да соработуваат со нив.

Луѓето од северот на Косово се на листата поради, како што беше објаснето, учество во коруптивни мрежи поврзани со транснационалниот организиран криминал.

Курти: Ќе го спречиме шверцот, нема толеранција за криминални групи

Северот на Косово се состои од четири територијално поврзани општини со српско мнозинство - Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, кои почнаа да функционираат во косовскиот систем во 2013 година, по потпишувањето на Бриселскиот договор за нормализација на односите Косово-Србија, со посредство на Европската Унија.

Веселиновиќ и луѓето околу него

Ехат Мифтарај, од Косовскиот институт за правда, смета дека косовските институции не ја завршиле доволно добро својата работа, што, според него, се потврди и со одлуката на американското Министерство за финансии, објавена на 8 декември.

Мифтарај за РСЕ посочува дека криминалната група која се наоѓала на црната листа на САД е добро позната низ Косово и дека многу лесно „работи бидејќи има заштита од политичари и судски институции“.

„Пораката што САД сакаа да ја испратат до косовските институции е дека тие не ја вршат својата работа, дека не истражувале или гонеле членови на криминални групи“, вели Мифтарај.

САД го идентификуваа бизнисменот Звонко Веселиновиќ како водач на криминална група од северно Косово, а санкционирани се уште десетина други имиња поврзани со него. Во 2011 година, КФОР го означи и Звонко Веселиновиќ како еден од организаторите на немирите во северно Косово.

Соработка меѓу криминални и политички групи

Верољуб Петрониќ, експерт за безбедност од Северна Митровица, кој исто така го предводи Хуманитарниот центар во Митровица, вели дека криминалните групи во северно Косово станале многу посилни и одамна „ги преминале границите“ и оти нивната соработка со политички интерес е добро позната.

„Толку многу бизнис, кој е поврзан со криминалот, ја надмина количината на пари во оптек па Србија и Балканот се мали за тој бизнис“, вели Петрониќ.

Во соопштението од 8 декември на американското Министерство за финансии се вели дека организираната криминална група била во дослух со различни политичари во неколку заемно корисни договори, вклучително и поткупување косовски безбедносни службеници на почетокот на 2019 година за да дозволат нивните шверцерски операции меѓу Србија и Косово и други.

Претепан косовски истражувачки новинар

Петрониќ смета дека српските и албанските криминални групи соработуваат и наведува дека косовските правосудни институции треба да реагираат и да го спроведуваат законот во северно Косово.

Еден од начините за „декриминализација на северот“, вели Петрониќ, е преку Српската листа, водечката партија на косовските Срби, која е формирана со поддршка на Белград и актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ. Тој забележува дека за вакво нешто е неопходна политичка волја.

Одговор од 'Српската листа'

Сепак, бидејќи потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, е на црната листа на САД, оваа партија на 9 декември соопшти дека „неоснованите обвинувања против истакнатите Срби од северот се координирана кампања насочена кон слабеење на единството и одбраната на српскиот народ на овие простори".

Радоичиќ стана потпретседател на Српската листа во 2018 година, неколку месеци по атентатот на опозицискиот политичар од Северна Митровица, Оливер Ивановиќ.

Токму за убиството на Ивановиќ косовските правосудни институции ги доведуваат во врска Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ. Во обвинението се споменуваат како „водачи на криминална група“, која континуирано се обидувала да ја стави Северна Митровица под своја контрола. Сепак, двајцата никогаш не беа обвинети бидејќи „не му беа достапни на судството“.

По Радоичиќ беше распишана потерница, но таа беше повлечена во март годинава без никакво објаснување. Исто така, Веселиновиќ и Радоичиќ им се познати на судството во Србија од 2011 година, кога против нив беше покренато обвинение за присвојување на 32 камиони од Хипо Алпе Адриа Лизинг.

Обвинението беше поднесено пред Специјалниот суд во Белград во времето кога започна дијалогот меѓу Приштина и Белград за нормализација на односите. И двајцата беа ослободени во 2016 година.

Балканска мафија со политичка поддршка

Бојана Павловиќ од КРИК (Мрежа за истражување на криминалот и корупцијата во Србија) смета дека Косово не успеало да воспостави контрола врз северот, а Србија, за да ја одржи контролата врз тој дел од територијата, соработувала со „луѓе со сомнителни биографии“.

Таа наведува дека овие луѓе денес имаат големо влијание во Српската листа, која е блиска до Српската напредна партија на Александар Вучиќ.

Павловиќ потсетува и дека поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај се сретнал со Милан Радоичиќ, а КРИК објавил и фотографии на кои Радоичиќ е во друштво на косовскиот политичар Беџет Пацоли.

„Парите ја завршуваат работата, некои работи во оваа смисла се случуваат зад затворени врати, вонинституционално, тоа е начин на кој со години се договара за преговори“, изјави таа за РСЕ и оцени дека косовските институции немаат волја да го решат прашањето за криминалот.

Северно Косово како извор на нестабилност

На црната листа на САД поради поврзаноста со Звонко Веселиновиќ се најде и Жељко Бојиќ, поранешниот началник на операции на косовската полиција за северот на Косово. Бојиќ веќе извесно време е во бегство, бидејќи косовското обвинителство го поврзува со убиството на Оливер Ивановиќ.

Беса Рамај, експерт за безбедност, вели дека северно Косово отсекогаш бил извор на нестабилна безбедност во повоениот период. Таа смета дека сето тоа е поврзано со дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите и додава дека конечниот договор меѓу двете страни е неопходен за стабилноста на регионот.

Рамај ги гледа американските санкции како позитивен чекор, односно дека повеќе нема да се толерира дестабилизација на ситуацијата.

„Српската влада сè уште има големо влијание таму и го користи тоа како предност за да ја поттикне својата агенда. Жал ми е за граѓаните кои живеат во тој дел. Потребна ни е поагресивна кампања за европскиот пат на Косово и Србија, за да се стави крај на дијалогот и да се постигне взаемно признавање“, вели таа.

Санкциите против групата косовски Срби ги поздравија косовските власти, додека српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека надлежните органи на таа земја ќе истражат сè доколку има „некои сериозни обвинувања“.

На 10-ти декември, косовскиот премиер Албин Курти најави мобилизација во борбата против криминалните групи „без разлика на етничката припадност“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG