Достапни линкови

Успехот на „меката моќ“ на Кина во Македонија


Кинеската мека моќ и Македонија (фото ЕСТИМА)
Кинеската мека моќ и Македонија (фото ЕСТИМА)

Кинеското влијание во Македонија се засилува последниве години, главно преку „меката моќ“ на Кина, но тоа се случува без значителни кинески вложувања и инвестиции. Расте и позитивната перцепција кај македонските граѓани за земјата. Преку културата, политиката и медиумите Кина се обидува да се претстави како алтернатива на западниот систем.

Кина ја засилува својата мека моќ во светот, а меѓу земјите каде има растечко влијание е и Македонија, покажуваат најновите истражувања. Според истражувањето на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА), Кина има силно влијание во земјава која е рангирана на трето место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа и се наоѓа веднаш после Србија и Бугарија. Студијата покажува дека Кина има засилено влијание во земјава без да вложи големи напори или инвестиции.

„Кинеската Комунистичка партија има значително влијание во Северна Македонија“, е заклучокот на ЦЕПА.

Организацијата укажува дека земјите надвор од ЕУ се повеќе подложни на кинеското влијание, особено врз информативниот простор на Балканот, додека Пекинг инвестира во инфраструктурни проекти во целиот регион.

И додека кинеското влијание во Македонија расте, експерти по меѓународни односи сметаат дека перцепцијата на граѓаните за Кина е повеќе апстрактна отколку реална. Според нив, граѓаните на Кина гледаат како на земја каде се прави вкусна храна, знаат за Кинескиот ѕид, за кинеската Нова година или кинеската филозофија, но дека тоа Кинеската комунистичка партија вешто го користи за да го прикрие непочитувањето на човековите права.

Веб скриншот од инртернет страницата на организацијата ЦЕПА, која го анализираше влијанието на Кина во Источна Европа.
Веб скриншот од инртернет страницата на организацијата ЦЕПА, која го анализираше влијанието на Кина во Источна Европа.

Кина во моментов го остварува својот најдобар резултат на светскиот Глобален индекс на мека моќ. Се искачи на четвртото место зад САД, Велика Британија и Германија и за прв пат е пред Јапонија како највисоко рангирана земја во Азија.

„Во последниве десетина години, од изборот на Си Џинпинг за седми претседател на Народна Република Кина, имаме обиди за трансформација на меѓународните структури со цел Кина да може да изникне како голема моќ и да се претстави како алтернатива во поглед на системот и управувањето на западните држави“, вели Ана Кристиновска – авторка на истражувањето „Разбирање на алатките и наративите на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија.

Истражувањето на Кристиновска е спроведено од страна на Фондацијата Конрад Аденауер и организацијата ЕСТИМА.

Во изминатите четири години значително се подобрила перцепцијата на македонските граѓани за Кина, според истражување на Националниот демократски институт од САД.

Во 2018 година 25 проценти од испитаниците во Македонија имале позитивно мислење за Кина, додека тој процент се зголемил на 38 отсто во 2021 година.

„Тоа се должи, од една страна на сите активности за јакнење на меката моќ, но и на самиот контекст во текот на последните неколку години, пред се пандемијата на Ковид-19“, вели Кристиновска.

Директен линк

Иако медиумите во земјава објавуваат малку содржини за Кина, позитивна е перцепцијата на граѓаните за кинеската економија, бизнисот и трговијата, објаснува таа. Граѓаните на кинеското економско чудо гледаат со восхит, а делумно се наметнува и мислењето дека Македонија е зависна од поевтините кинески производи.

Македонските граѓани исто така имаат позитивна перцепција за образованието и науката на Кина и сметаат дека земјата е на врвот според научните достигнувања, како и во однос на дисциплината, посветеноста и професионалноста на кинескиот народ. За вредностите, граѓаните сметаат дека кинеското општество е многу конзервативно.

Сепак, во услови на недостиг на содржини за Кина во македонските медиуми, граѓаните не се целосно сигурни дали она што го знаат за Кина е точно, бидејќи имаат чувство дека читаат селективни информации.

Тие, пак, различно размислуваат за управувањето и кинескиот политички систем и сметаат дека Кина е авторитарна држава во која не се почитуваат човековите права и дека нема демократија и плурализам.

„Македонските граѓани во голема мера се свесни дека тоа е нешто што не би требало да се гледа позитивно, но од друга страна Кина се смета за држава со добро управување, со ефикасни институции и на тоа се гледа позитивно“, вели Кристиновска.

За меѓународните односи, додава Кристиновска, постои свест дека кинеската дипломатија е голема и силна, но посочува дека податоците покажуваат оти перцепцијата е генерално неутрална и дека граѓаните не сметаат дека кинеската дипломатија во голема мера има позитивни намери и достигнувања, а оваа перцепција се поврзува со кинеската позиција за руската инвазија врз Украина.

Ова е само почеток

Кина употебува различни алатки за да го засили влијанието во земјава преку „меката моќ“, меѓу нив со објавување на колумни и статии на кинескиот амбасадор во земјава, а содржини од кинеските медиуми се пренесуваат главно преку македонски медиуми кои имаат склучено договори за споделување содржини.

Истражувањето на Кристиновска покажува дека кинеската амбасада од 2019 година наваму го засилува своето присуство на социјалните мрежи, особено на Фејсбук.

Концептот на мека моќ во политичката теорија е дефиниран во 70-те години и ја анализира способноста на една земја да ги убедува другите да го прават она што таа го сака, без притоа да употребува средства на сила или принуда.

Влијанието на меката моќ најчесто доаѓа преку културата, политичките вредности и меѓународна политика на земјата, како фактори кои ја одредуваат нејзината привлечност во светот и можност да ја обликува меѓународната политика без да употребува сила.

На краток рок меката моќ се употребува преку објавување вести, на среден рок се прави стратешко испраќање на пораки, а на долг рок е градењето трајни односи. Тоа се меѓу главните алатки кои ги употребува за влијание.

Истражувањата покажале дека влијание во земјава се врши преку петте збратимени, но особено преку активностите на Институтот Конфуциј, на кој се гледа како на еден од столбовите на кинеската мека моќ во државата, кој обезбедува стипендии, обуки, истражувања, но и преку потпишувања на меморандуми за соработка, конференции и саеми.

Во оваа насока се забележува подем во преведувачката и издавачката дејност. Од 1978 година наваму имало 90 преведени наслови од кинески на македонски јазик, а само од 2018 наваму биле преведени 50 наслови, повеќе од половина книги за деца.

„Мислам дека ова што го гледаме во моментов е само почеток на кинеските вложувања во оваа насока и тоа пред сè се должи на фактот дека Кина во голема мера учи како функционира нашиот регион и како воопшто функционира демократскиот свет“, вели Кристиновска.

„Меката моќ“ во Бугарија

Кристофер Неринг предава на Универзитетот Св. Климент Охридски во Софија и го проучувал влијанието на кинеската мека моќ во Бугарија.

Влијанието на Кина се одвива преку директни инвестиции во инфраструктурата, телекомуникациите, медиумите, академските содржини и преку Институтот Кофуциј во Бугарија.

Преку културни програми Кина се презентира на позитивен начин. Во земјата има два институти, во Софија и во Велико Трново, каде има нетранспарентно финасирање и пропагандни дискусии и публикации, вели Неринг.

Преку проектот „Појас и пат“, Кина се претставува како позитивна алтернатива на западниот либерален модел, но и моделот на социјализам како алтернатива на западниот модел на демократија.

„Во однос на соработката со медиумите, се прават весници кои имаат посебен дел за Кина и веднаш се преведуваат содржини од англиски на бугарски јазик. Има неколку вакви весници, кои преведуваат вакви статии и кои меѓу другото го промовираат и рускиот поглед во однос на политиката кон Југоисточна Европа. Нема воопшто критики за Русија, имаме анти-американска пропаганда и дека економско-политичкиот конфликт меѓу Кина и САД е поради вина на Вашингтон. Понекогаш има и анти-капиталистички наративи во смисла на западнот свет и се промовира кинескиот модел“, вели Неринг.

Тој додава дека и покрај тоа, во Бугарија е мало јавното и политичкото внимание кон Кина, додека фокусот со моментов е кон Русија.

Намерата на Кина да го обликува светот на свој начин

Претставник на Конард Аденауер во Македонија, Даниел Браун вели дека Кина со брзото остварување на проекти во економијата и инфраструктурата, истовремено ја наметнува и својата меката моќ и тоа главно го прави преку Институтот „Конфуциј“ каде што се промовира кинеската позиција во светот, како и преку катедри на универзитетите во регионот.

Браун смета дека Европската унија и нејзините партнерски земји треба да бидат внимателни и свесни за идеите кои ги нуди Кина, како различни од оние во образовниот систем на Унијата.

„Лидерот на Кинеската комунистичка партија Си Џинпинг рече дека ова ќе биде век на предизвици за Кина и дека Кина се соочува со проблеми кои ги немало со векови. Како тоа треба да го разбереме? Не сакам да кажам дека станува збор за наша фантазија, но тоа значи дека Кина има план да го обликува светот на нејзин начин, според нивниот светоглед и за тоа треба да бидеме свесни“, рече Браун.

Намерата на Кина да го обликува светот на свој начин не треба да нè изненадува, додава Кристиновска. Секоја голема моќна држава ја има истата намера. Кина во рамки на своите активности за промоција, додава таа намерено или ненамерно ги пренесува и идеите дека нејзиниот социјал-политички модел, кој претставува авторитарна еднопартиска држава, без плурализам и слобода на изразување и заштита на граѓнските права, претставува модел којшто води кон напредок и економски развој.

„Токму тука треба размислуваме за претпазливост“, заклучува Кристиновска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG