Достапни линкови

Зголемени цени на угостителските услуги, мал интерес за туристички аранжмани


илустративна фотографија
илустративна фотографија

Во пресрет на новогодишните празници, хотелските работници велат дека е мал интересот и бројот на резервации. Поради бранот поскапувања, тие најавуваат корекција на цените. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот не очекуваат тоа да придонесе за драстично откажување на аранжманите.

Порастот на индексот на цените во туристичко-угостителскиот сектор кој беше регистриран претходниот месец, според упатените нема да влијае на намалување на туристичките аранжмани. Речиси две години од почетокот на пандемијата, еден од најпогодените е токму туристичко-угостителскиот сектор. Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери „ХОТАМ“ Крсте Блажевски, вели дека корекција на цените на аранжманите ќе има поради тековниот бран поскапувања, но дека тоа зголемување ќе биде минимално.

„Не може да нема корекција на цените на аранжманите, но таа ќе биде најминимална, барем во однос на Новогодишните и Божиќните празници. Зголемувањето најверојатно ќе се почувствува во високата сезона, бидејќи не знаеме до каде ќе одат поскапувањата од енергија, горива, прехранбени продукти и се останато“, вели Блажевски.

Хотелските работници од Охридско-струшкиот регион велат дека во моментот работат со мал капацитет, а интересот од страна на граѓаните е многу мал.

„Семинарите ги немаме, или ако ги има се во мал број, исполнетоста е на многу ниско ниво, интересот за новогодишните празници по хотелските објекти е исто така многу мал. Во овој период од годината хотелите главно се полнеа од странските туристи, главно од Бугарија, Србија, Грција, Косово, е сега тие гости ги немаме. Ако сме имале на пример по 5 автобуси, сега дали ќе се собере еден, а причината е главно пандемијата“, вели сопственик на хотел во охридско-струшкиот регион.

Граѓани - кој нема пари ќе седи дома, а кој има ќе тера зимување

Граѓаните кои ги прашавме потврдуваат дека се е поскапено. Младиот Душан Марковиќ празниците ќе ги помине дома, бидејќи како што вели, со македонските плати потешко може да се празнува и одмара во домашните центри.

„Некој може да си дозволи да оди, некој не. Се е поскапено, па нормално и туристичите аранжмани. Јас нема никаде да отидам за празниците. Ќе мора да се навикнеме на поскромни прослави, вели Марковиќ.

Младата Фатмире од Скопје вели дека сепак ќе замине во некој од домашните центри, но само затоа што нејзиниот сопруг заработува добро во странство и може да си дозволат да потрошат повеќе пари.

„Многу е поскапено, со нашите плати едвај за јадење имаме. Ако не се парите од странство кои ги праќа сопругот, никаде нема да можам да отидам“, вели Фатмире.

Според Државниот завод за статистика индексот на цените на угостителските услуги во ноември 2021 година, во споредба со октомври 2021 година е зголемен за 0.5 %, додека во споредба со ноември претходната година се бележи зголемување за 1.2 проценти. Повисоките цени на горивата, на дел од прехранбените производи, на зеленчукот и овошјето на пазарите, на храната, на недвижниот имот итн веќе некое време се реалност за секој македонски граѓанин.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски не очекува евентуалното зголемување на цените на туристичките аранжмани да предизвика уште помал број на туристи.

„Кога одреден број на фиксни трошоци ќе се зголемат секако дека и крајната цена ќе биде зголемена, но цената не е важна колку што е важна услугата. Па во овој контекст би кажал дека ние треба да работиме на подобрување на квалитетот на услугата, а цената да биде во втор план. На таков начин според мене мислам дека повторно ќе имаме туристи коишто можеби малку повеќе ќе брцнат во џебот, но дека ќе бидат задоволни од тоа што ќе го платат. Затоа мислам дека со зголемување на цените на туристичките аранжмани нема да дојде до драстично откажување на аранжманите“, вели Јаневски.

Јаневски посочува дека во 2021 година во државава се бележи зголемување на бројката на туристи за 40 до 50%,а надежите се дека годината ќе се заврши со 2.2 милиони ноќевања.

„Ако велиме дека Крушево е подготвено за новогодишните празници и околу 2000 туристи ќе бидат гости во овој дел од државата, тогаш не може да имаме дијаметрално спротивна ситуација и да кажеме дека Охрид ќе биде празен. Новиот сој направи да имаме затворање на некои капацитети, но се уште мислам дека букирањата во овој период ќе бидат поактивни и дека и Скопје и Охрид и зимските центри ќе бидат од 70-80 проценти полни. Ако 2019 се карактеризира како една од најдобрите туристички години, а капацитетите биле 42 отсто исполнети просечно на годишно ниво, мислам дека оваа и следната година ќе следи уште поголемо подобрување за туристичкиот сектор“, вели Јаневски.

Во меѓувреме, угостителските објекти работат според пропишаните протоколи за заштита од ковид 19. Дел од угостителите се жалат дека немаат исплатливост во работењето со намален капацитет.

„Имаме сала со капацитет 400 лица, сега со протоколите треба да нема повеќе од 200 луѓе, а со толку не можеме да ги покриеме трошоците за струја, за музика итн. Бројот на вработени ги задржавме, но ние нашиот производ што го продаваме, не се продава поради пандемијата. Еве две години се мачиме и затоа бараме помош од државата барем за платите на вработените, зад можеме барем нив да ги задржиме, но не верувам дека ќе се најде пари за нас. Јас повеќе очекувам дека ќе се затвораат хотелите во иднина,“ посочува Блажески.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека е потешко да се привлечат туристи во специфични пандемиски услови, но дека продолжува кампањата за привлекување на странски туристи, која ја истакнува безбедноста на земјата како најважен услов во одлуката на туристите да дојдат во Македонија.

Инаку приливот од туризмот во македонската економија во трите квартали 2021 година изнесува 298.81 милиони долари. Првите десет месеци од 2021година се остварени 2.144 613 ноќевања.

Проекциите за 2022 година се дека ќе се остварат нешто повеќе од 2, 5 милиони ноќевања, согласно тоа што веќе се потпишани дел од хотелските аранжмани почнувајќи од мај со туристички оператори за лето 2022 година од Холандија, Белгија, Полска и Велика Британија. Дополнително се најавени чартерите од Полска, Катовице и Варшава, а се преговара за сервисирање на тури од Руската федерација и Украина.

Зголемување на цените на угостителските услуги има и во соседството. Тие во Србија пораснале за 6,3 отсто, покажуваат најновите податоци на Републичкиот завод за статистика. Во ноември годинава, во однос на ноември лани, најголем пораст е забележан кај сместувањето, каде цените се зголемени за 11 отсто.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG