Достапни линкови

Зголемените цени на становите не ја намалија побарувачката за станбени кредити


илустрација
илустрација

Податоците на Централната банка покажуваат дека годишниот раст на станбеното кредитирање е 15,5 проценти. И цените на становите пораснале за околу 20 проценти во последните три месеци. Упатените велат дека тоа е резултат на зголемените трошоци за градба, но и поволната кредитна политика на банките

Неполн месец траела процедурата преку која Весна Михајлова стигнала до клуч од сопствениот дом. Вели дека од банка и побарале многу документи за одобрување на кредитот, но дека не чекала долго време за да и одобрат средства за да ја оствари својата долгогодишна желба, да има свој сопствен дом. Таа е една од многуте македонски граѓани кои во изминатиот период побарале и добиле станбен кредит.

„Со години живеевме плаќавме кирија за станот во кој живеевме. На крај пресметавме дека повеќе ни се исплаќа да земеме кредит за стан, да плаќаме рати и да имаме свој стан, отколку да плаќаме кирија. Процедурата не беше долга, ама секако имаше многу документи кои банката ни ги бараше како гаранција за добивање на потребните средства. Каматната стапка е поволна, ратите не ми се многу високи, иако кредитот ќе го отплаќам 20 години“, вели Весна.

Според последните податоци од Народна Банка, само во февруари, македонските граѓани се задолжиле за нови 12 милиони евра кај некоја од домашните банки за да купат куќа или стан. Изразено процентуално, станбените кредити во февруари бележат месечен раст од 1,1 отсто, додека пак годишниот раст на станбеното кредитирање, односно февруари годинава во однос на февруари лани, изнесува 15,5 проценти.

Податоците покажуваат дека лани значајно растеле станбените кредити во земјава. Па така во четвртиот квартал се зголемиле за 38 милиони евра, претходно во третиот растот изнесувал близу 43 милиони евра, а во вториот, станбеното кредитирање се зголемило за 40 милиони евра.

Паралелно со порастот на барањата за станбени кредити растат и цените на становите. Лани НБМ, во својот последен квартален извештај, објави дека во четвртиот квартал од 2021 година бил забележан годишен раст на цената на квадратен метар од 11,2 проценти, што е рекорден во последната деценија.

Интерес за купување на станови има, потврдува и Селим Хасани, сопственик на градежна фирма. Тој вели дека и во пандемијата продавале многу станови и дека поволната политика на банките за станбени кредити ја стимулирало зголемената побарувачка на пазарот за недвижности.

„Сегашната ситуација со енергетската криза ја поремети ситуацијата со градежната индустрија, така што цените на становите пораснаа поради зголемените трошоци за градба. Повисоките цени значат и повеќе пари за купувачите и очекувам во иднина малку да падне продажбата на становите. За зголемената продажба на становите значајна е секако поддршката од банките и поволните услови за добивање кредит. Сигурно е дека банките имаат пари за да може да ги пласираат, оти алтернативата им е тие да им стојат, а тоа пак е уште полошо. Со ваква политика сите функционираат и банките и градежниците и купувачите “, вели Хасани.

Цените на квадратен метар во центарот на Скопје се движат од 1500 евра па нагоре, во Аеродром и Карпош достигнаа до 1300 евра, во Чаир метар квадратен чини 1200 евра, а цените се пониски за помалку атрактивни локации.

Македонските банки одобруваат станбени кредити со релативно ниски каматни стапки кои се движат од 2,9 до 3,3 проценти. Во повеќето европски земји висината на каматната стапка е повисока.

Поранешниот гувернер Љубе Трпевски вели дека тоа е позитивна политика на домашните банки и истата треба да продолжи.

„Кај нас банките имаат поголема ликвидност и имаат проблем каде да ги пласираат средствата, за разлика од западно европските земји каде што банките често позајмуваат средства за да ги пласираат. Во тој случај станбените кредити на банките им се релативно сигурни затоа што се обезбедени со станот што го финансираат. За мене е тоа многу позитивна работа. Постои една теорија во економијата која вели: ако станбената изградба се движи напред, тогаш и целата економија оди напред. Изградбата на станови влече и многу други индустрии што ја снабдуваат неа, па така на пример за во станот ви треба мебел, струја, апарати за домаќинство и друго,“ изјави Трпевски.

Инаку, според последните бројки на Државниот завод за статистика, расте и бројот на издадените одобренија за градба, особено кај високоградбата. Во првиот месец од годинава се издадени 259 одобренија за градење, што е за 30,2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Пописот на населението пак, покажа дека бројот на станови во Скопје е зголемен за 30,6 отсто во однос на пописните резултати од 2002 година и изнесува 213.850 станови. Порастот на населението во главниот град на Македонија е мал во споредба со 20 години порано.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG