Достапни линкови

Владата на СДСМ, за 4 години ја задолжи државата колку претходната за 11


Министерот за финансии Фатмир Бесими на собраниска седница за усвојување на ребалансот на Буџетот за 2021.

СДСМ за четири години владеење го зголеми јавниот долг за две и пол милијарди евра, со што долгот надмина 62 отсто од БДП-то. ВМРО-ДПМНЕ, пак, за 11 години владеење го зголеми јавниот долг за речиси три милијарди евра. Но се чини дека задолжувањето му пречи само на тој што е во опозиција.

За четири години колку што СДСМ е на власт јавниот долг пораснал за 2,5 милијарди евра. Во 2017 кога доаѓаат на власт долгот бил 4,7 милијарди евра или 47, 7 отсто од Бруто домашниот производ (БДП). Јавниот долг сега изнесува 7,2 милијарди евра или 62,5 отсто од Бруто домашниот производ (БДП). Или на пример ако државата е човек кој годишно има плата од 5000 евра, би должел 3000 евра.
Податоците се за првиот квартал од годинава. Наскоро треба да излезат податоците и за вториот квартал.

Очекувањата на Министерство за финансии се дека јавниот долг годинава ќе остане во рамки на проекциите од 63, 5 отсто.
Јавниот долг го сочинуваат парите што ги должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, според критериумите на Светска банка. Кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.

Јавниот долг треба да се намали на среден рок

На среден рок, односно до 2025 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8 отсто, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум. Ова треба да се реализира, од една страна, преку постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга страна преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање поголема додадена вредност од којашто полесно ќе може да се сервисира долгот што доспева.

Според власта, јавниот долг го зголемиле капиталните инвестиции и ковид-кризата

Со ребалансот на Буџетот што Собранието го усвои во средата, Владата ќе собере 100 милиони евра повеќе, а ќе потроши 300 милиони евра повеќе од првично планираното. Со Ребалансот е предвидено буџетската дупка да се зголеми за дополнителни речиси 200 милиони евра и да достигне 750 милиони евра. Кусокот пари во државната каса ќе се покрива со задолжувања дома и во странство.

Според податоците на Министерството за финансии, дел од капиталните проекти со чија имплементација расте јавниот долг во периодот 2017-2019 се изградбата на патот Кичево-Охрид (120 милиони евра), потоа автопатот Миладиновци -Штип (76 милиони евра), следува гасоводот со 55 милиони евра, 48 милиони за Коридор 10, 44 милиони евра за проект за мали и среди претпријатија, потоа 35 милиони евра за проект за патишта, по 20 милиони евра за проекти за општински услуги и проект за надградба и развој на патишта и нешто помалку од тоа за пругата Куманово – Бељаковце, изградба на фискултурни сали, проекти за иновации...Во 2020 јавниот долг расте поради справувањето со последиците од ковид кризата.

ВМРО-ДПМНЕ прашува каде одат парите?

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека секое четиричлено семејство во државава, од 2021 натаму, ќе должи по 16.000 евра, а како што наведуваат, владата тие пари ќе ги наплати преку „зелени“ такси и даноци кои оваа и следната година ќе се воведат за граѓаните и фирмите.

„Над 8 и пол милијарди евра Владата планира да го качи јавниот долг догодина. Тоа се 66 проценти од БДП. Тоа се 6 процентни поени над Мастришкиот критериум за јавен долг. Тоа е скоро двојно од состојбата која ја затекна владата на СДСМ во 2017 година. Она што е најголемиот проблем е на што одат овие пари. Капиталните инвестиции потфрлаат со бедна реализација од околу 20 проценти за половина година. За сметка на тоа, секојдневно читаме за нови партиски вработувања во државната администрација и небулозни јавни набавки за ќеифот на функционерите од власта“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е во опозиција тој обвинува за должничко ропство

Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2006 дојде на власт јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра или 33 отсто од БДП-то, кога паднаа од власт во 2017 државата должеше 4,7 милијарди евра, односно 47, 7 отсто од БДП-то. За 11 години долгот пораснал за скоро три милијарди евра. Во првите две години јавниот долг се намалуваше, потоа следуваше светската економска криза, кога јавниот долг се зголеми, паралелно се тоа се градеше и Скопје 2014, што дополнително го зголеми долгот. Тогаш опозициската СДСМ обвинуваше дека власта сака да ја втурне државата во грчко сценарио.

Во 2016 кога јавниот долг ја надмина границата од 50 отсто од БДП и кога експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница, СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, обвинувајќи дека тогашната владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство.

Да не се дујат проeкциите за капиталните инвестиции

Спасот на економијата власта го гледа во капиталните инвестиции. Со ребалансот на Буџетот тие се најамбициозни досега. Ако во изминатите девет години тие изнесувале околу девет отсто до буџетот сега се проектирани на 11 проценти, односно, сега владата планира за оваа намена да потроши половина милијарда евра. Но приказната со капиталните инвестиции постојано се повторува, односно проекциите се високи, а реализацијата ниска. Во првите шест месеци потрошени се 106 милиони евра за капитални проекти како патиштата, пруги, гасификација, школи и градинки. Тоа е една четвртина од инвестициите планирани со првичниот Буџет за годинава, кога за оваа ставка биле планирани околу 400 милиони евра. Со ребалансот се планира за капитални инвестиции да се потрошат 500 милиони евра.

Премиерот Зоран Заев со работници на стартот на изградбата на браната на река Отиња во Штип.
Премиерот Зоран Заев со работници на стартот на изградбата на браната на река Отиња во Штип.

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за економски политики во разговор за РСЕ неодамна рече дека е практично невозможно да се реализираат предвидените капитални инвестиции. Тој вели дека македонската влада не обезбеди доволна економска поддршка на економијата, ниту со пакетите за помош, ниту во вид на капитални инвестиции, јавни инвестиции, како што тоа го прават на пример земјите од Западна Европа и некои од земјите од Источна Европа.

„Да ја земеме Србија на пример која во оваа криза се покажува дека ги прави сите работи како што треба. Инвестираше многу повеќе од Македонија, таму јавните инвестиции многу пораснаа во првиот квартал и затоа имаат повисок раст. Ако Македонија сака, ако Владата сака да има добар економски резултат оваа година, Владата мора да троши, односно да инвестира во тој раст, без поддршка од страна на Владата, од страна на државата нема да има економски раст“, вели Јовановиќ.

Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк во коментар за ребалансот на буџетот наведуваат дека последниот ребаланс укажува дека главниот фокус ќе бидат капиталните инвестиции во наредниот период, но треба да се биде внимателен со оглед на историската ниска реализација на капитални проекти. Но од друга страна, како што наведуваат, алармантен е износот на социјалните бенефиции и растот на субвенциите/трансферите кои генерално имаат непродуктивна компонента и не се „жртвуваат“ за капиталните инвестиции.
„економскиот раст на долг рок, кој пак ќе биде особено значаен во постковид периодот.

„Наместо надувување на капиталните расходи, потребно е да се стави фокус врз ефикасноста на трошењето, но и на ефективноста, од аспект на приоритизација и инвестирање во капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект и влијание за економскиот раст“, се наведува во коментарот на Фајнас тинк.

Од 2008 до сега најмногу капитални инвестиции имало во 2008, па во 2017, следува 2019, а најслаба била 2018. Ако се погледнат податоците од изминатите години, ретко се стига до реализација од 80 отсто, и тоа откако со ребалансите се крати од првичниот план. Овој, пак, ребаланс предвидува повеќе пари за капитални инвестиции од првично планираните.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG