Достапни линкови

Економиите по пандемијата - Има ли светло на крајот на тунелот?


Бранимир Јовановиќ, Виенски институт за меѓународни економски студии
Бранимир Јовановиќ, Виенски институт за меѓународни економски студии

Има подобрување на економиите во Источна Европа, и повеќе од очекуваното, но во Македонија нема подобрување, покажуваат економските проекции на Виенскиот институт за економија. Авторот на анализата Бранимир Јовановиќ вели дека тоа е така оти македонската влада не обезбеди доволна економска поддршка на економијата. Ако сака да има добар економски резултат оваа година, Владата мора да троши, односно да инвестира во тој раст, вели Јовановиќ. Тој вели дека економиите научиле да живеат со пандемијата.

Според новите економски проекции на Виенскиот институт за Источна Европа има нагорна ревизија за економскиот раст кај 20 од 23-опфатени земи. Има ли светло на крајот на тунелот, како што впрочем е насловена и анализата?

Има светло, се гледа некое светло, само што не е јасно дали е тоа светло што доаѓа од крајот на тунелот или пак е светло што доаѓа од процеп во тунелот. Поентата е дека има некое подобрување на економиите насекаде низ светот, конкретно има подобрување и во економиите од Источна Европа, но не се знае дали тоа подобрување е само привремено или пак е навистина надминување на кризата. Зошто? Затоа што никогаш не се знае дали за неколку месеци ќе има нов бран на пандемијата, како ќе биде тој бран, дали ќе има некоја нова мутација на вирусот и што би можело да донесе сето тоа.

Искуството од првиот квартал на годината покажува дека економските резултати се подобри од она што се очекуваше. Во првиот квартал овие 23 земји од Источна Европа имаа просечно раст на економиите од 0,4 проценти. Пола од земјите имаа пад, пола имаа раст, но во просек имаа раст од 0,4 проценти, што е подобро од она што се очекуваше претходно. Зошто е тоа така? Едното објаснување е дека глобалната економија заживува, Америка има раст, во првиот квартал беше 1,6 проценти, Кина има висок раст, 18 проценти во првиот квартал, големите светски економии заздравуваат, можеби побргу од што се очекуваше и затоа и источно-европските економии растат побргу од она што се очекуваше. Втората причина се чини дека економиите научија како да живеат со кризата.

Научија ли економиите да живеат со ковид-19?

На почетокот на пандемијата, лани ова време, ако имавме ширење на вирусот тоа носеше многу поголема економска штета од тоа што се случува сега. Она што го гледаме во податоците е дека голем бран како што имавме во првиот квартал на годината не донесе таква голема штета, како што тоа беше лани ова време. Луѓето, фирмите, економиите општо кажано научија како да се справат со кризата. Што значи тоа? Научија да работат до дома, да купуваат онлајн, да организираат настани со маски и со протоколи и затоа нема веќе толку затворања. И затоа што нема толку затворања луѓето и фирмите си ги вршат работите што треба да ги вршат, на поинаков начин од порано, но сепак ги вршат и затоа економската активност не запира и кога има големо ширење на вирусот. Искуството од првиот квартал покажува дека се чини оти економиите научиле да живеат со кризата и затоа веќе и зборуваме дека можеби се гледа крајот на кризата, но никогаш не можеме да бидеме 100 отсто сигурни, затоа што не знаеме до какви мутации на вирусот може да дојде.

Нема подобрување на македонската економија

Македонија е една од трите земји во кои нема подобрување. Зошто економијата не може да почна да се опоравува по пандемијата?

Македонија, за жал, е една од трите источно-европски економии каде нема подобрување. Причината во нашиот случај е иста како што беше случај зошто Македонија лани помина лошо во кризата, а тоа е дека Владата не обезбеди доволно финансиска помош за економијата, за фирмите и за луѓето.

Ако го погледнеме Буџетот, во првите пет месеци реализацијата е многу помала од она што се планираше, конкретно ќе ги земам инвестициите – капиталните расходи во првите пет месеци се реализирани само 22 отсто. Според логиката дека во секој месец треба да се распределуваат сразмерно би требало во првите пет месеци да имаме 40 отсто реализација, а ние имаме отприлика пола од она што треба да го имаме. Во првите пет месеци имаме само 80 милиони евра капитални инвестиции. Владата сега предложи ребаланс на Буџетот, Собранието уште не го донесе, и таму предвидуваат раст на капиталните расходи од 27 отсто, односно дека во целата година ќе има инвестиции во износ од околу 500 милиони евра. Тоа е практично невозможно. Во првите пет месеци имаме 80 милиони инвестиции, а сега велат во следните седум ќе имаме 420 милиони инвестиции, тоа е невозможно.

Поентата е дека македонската влада не обезбеди доволна економска поддршка на економијата, нити во оние пакети за помош што ги нудеше минатата година, ниту во вид на капитални инвестиции, јавни инвестиции, како што тоа го прават на пример земјите од Западна Европа и некои од земјите од Источна Европа. Да не одиме премногу далеку, да ја земеме Србија, која во првиот квартал забележа огромен раст. Србија е една од економиите за кои се очекува годинава да има еден од највисоките растови, се очекува да има шест проценти раст. Србија не е нешто премногу различна од Македонија, не зборуваме за некоја држава што е светлосни години пред Македонија и има проблематична политичка гарнитура што е на власт, но во оваа криза се покажува дека ги прави сите работи како што треба. Инвестираше многу повеќе од Македонија, таму јавните инвестиции многу пораснаа во првиот квартал и затоа имаат повисок раст. Ако Македонија сака, ако Владата сака да има добар економски резултат оваа година, Владата мора да троши, односно да инвестира во тој раст, без поддршка од страна на Владата, од страна на државата нема да има економски раст.

Растот на инфлацијата привремен феномен

Како би се одразило на заздравувањето на економијата евентуален нов бран на ковид?

Зависи од тоа каков ќе биде тој бран. Ако бранот е нешто поразличен од тоа што го имавме досега и поразличен од бранот што сега го гледаме во Шпанија, Португалија, Чиле и Израел, односно е посериозен од сите овие бранови, тогаш е можно повторно да има сериозни нарушувања врз економијата. Но ако е сличен на оние што ги имаме во изминатата година и сличен на Делта варијантата што ја гледаме сега, тогаш не се очекува тоа да направи голема штета на економијата. Плус за разлика од првиот квартал од годината кога имавме сериозен бран, а немаше никаква вакцинација, сега има вакцинација, не е на 80 отсто од населението, но сепак едно 40 отсто од населението веројатно се опфатени со вакцинацијата.

Има раст на инфлацијата, но наведувате дека тоа е привремен феномен.

Инфлацијата дефинитивно се врати, не само во Македонија и Источна Европа, тука насекаде во светот. Конкретно во Македонија во мај инфлацијата беше три проценти, што е стапка каква што немало со години, 5- 6 години немало таква стапка. За цела Источна Европа просекот изнесуваше 4,5 проценти, таква стапка немало од 2015 година.

Секаде во светот расте инфлацијата, првата причина е растот на цената на нафтата, нафтата достигна 75 долари за барел, делумно поради зголемената побарувачка како последица на враќањето на економиите, а делумно и поради несогласувањата во рамки на ОПЕК за тоа колку треба да се произведува, значи нафтата расте и тоа ги крева цените насекаде во светот.

Втората причина е што имаме раст на цените на храната на светските берзи и тоа дополнително прави цените да растат. Тоа се двете главни причини, но може да има и некои дополнителни причини, како ако економијата почне многу брзо да се враќа, да заживува, да има зголемена побарувачка за одредени производи и затоа може да има привремена инфлација. На пример некои услуги, како градежништво, цените таму се пораснати, затоа што понудата е лимитирана, немате градежни работници милиони, туку имате ограничен број, а сега сите после кризата почнуваат да реновираат. Има и други такви феномени, но генерално се очекува оваа инфлација што сега ја гледаме да биде привремена. Значи од некаде средината или почетокот на следната година веќе да се вратат во нормала. И како ќе се враќаат работите во предкризна нормала, така и ситуацијата со инфлацијата ќе се нормализира.

Не се очекува инфлацијата да биде трајна, односно да имаме висок раст на цените и наредната година, туку се очекува веќе наредната година тој раст на цените да се врати во некоја нормала. Конкретно за Македонија оваа година ние очекуваме инфлацијата да изнесува 2,5 проценти, што не е премногу, да бидеме реални, во 2007 имавме 9 отсто инфлација, но сепак не треба ниту целосно да се омаловажува проблемот, затоа што се поскапени одредени производи, храната што е главната категорија на потрошувачка за сите е поскапена. Не е страшна инфлацијата, но не е ни нешто што треба да се занемарува.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG