Достапни линкови

Новите мерки за пензиите товар или релаксирање на буџетот? 


Илустрација. Пензионер.

Владата треба да излезе со план за тоа како мерките за пензиите ќе се одразат врз Фондот за пензиско осигурување кој во континуитет е се позависен од финансирањето на централниот буџет, велат експертите по најавите за укинување на можноста за останување на работа до 67 години.

По неколку недели од најавата на премиерот Зоран Заев дека во план е да се донесе закон за задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени дел стручните лица и синдикатите бараат Владата да почне со разработуавање на идејата во јавноста и објавување на план за тоа колку луѓе се очекува да бидат погодени од таа мера.

Со оваа идеа Владата практично планира да ја корегира можноста вработените и по навршувањето на годините за пензионирање да може да останат на работа се до својата 67 година , што како опција ја овозможи претходната влада.

Но, во изминатите неколку години меѓународните финансиски институции излегуваа со извешатии во кои беше посочувано дека во Македонија е потребно зголемување на староста за пензионирање. Меѓународниот монетарен фонд оценуваше дека дека на тој начин ќе се олесни притисокот врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој се пополнува со буџетски средства.

Универзитетскиот професор Никола Поповски вели дека очекува оти Владата е свесна дека се потребни разговори со стручната јавност на оваа тема за да се најде најдоброто решение.

Дупките во пензискиот фонд тешко се пополнуваат

"Да ги видиме бројките. Претпоставувам дека ќе има удар врз пензискиот фонд . Не може ударот да биде позитивен финансиски. Но треба да видиме колку ќе биде тој, колку ќе се зголеми дефицитот. Сега ПИОМ има дефицит од 40 посто од неговите трошоци. Значи околу 60 посто ги обезбедува од придонесите, но 40 посто ги обезбедува од буџетот. Ова сигурно ќе се подигне. Колку ќе се подигне, со кои средства ќе се покрива и колку дополнителен дефицит на централниот буџет ќе предизвика за да се покрие дефициот на ПИОМ кој постојано завршува на 0 на крајот од годината е нешто за што кога ќе излезат бројките ќе треба да разговараме за да се најде најдобротото решение", вели професорот Поповски.

Зошто Владата ги носи мерките за пензиите?

Инаку, пред шест години тогашната Влада даде можност да се остане на работа и по завршување на стажот од 62 години за жени и 64 за мажи, но во меѓувреме, во јавната администрација таа мерка ја користеа голем број од вработените. Сега имаме јавна администрација во која никој не заминува во пезија, а работниот ентузијазам е друго прашање.

Од тој агол гледано мерката е прифатлива, вели професорот на универзитет ФОН Никола Поповски.

Но, тој повторно нагласува дека владата ,пред се, треба да излезе со план за тоа како ова ќе се одрази врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој во континуитет со години наназад е се позависен од финансирањето на централниот буџет.

„Претпоставувам ќе следи разработување на идејата што ќе значи тоа, таа мора да квантифицира како намалени придонеси од тие што ќе заминат во пензија за фондот а што ќе значи како зголемени обврски на тие лица да им исплаќа пензија“ вели Поповски.

Од УПОЗ бараат разговори со Владата

Од Синдикатот на работниците од управата и правосудните органи УПОЗ побара одржување средба со Владата на која ќе се дискутира за мерката за која, како што велат, тие дознаваат информации од медимите. Трпе Дејановски од УПОЗ вели дека очекуваат детали од Владата и за најавите за намалување на администрацијата за 20 проценти.

"Имавме разговори до пред две години за пакетите за намалување на бројот на вработени. Таму имавме гаранција дека секое напуштање односно преземање ќе биде доброволно. Ние "ги држиме" за тој став. Ако има присилби за напуштање ќе реагираме. Владата кажа дека тоа ќе биде доброволно. Најавите што ги слушавме во предизборите дека 20 проценти од администрацијата односно јавниот сектор ќе бидат намалени не сме запознаени како ќе се врши. Од медиумите слушаме за предвремено пензионирање со намалување на можноста за продолжување на работниот стаж, но владата до синдикатот нема доставено план и програма као ќе го направи тоа. Бараме средба со Владата да се разговара на ова тема и по овој разговор ќе излеземе со став" вели Трпе Дејановски од УПОЗ.

Инаку, тој потсетува дека нивниот став секогаш беше на линија да има можност за предвремно пензионирање и оти тие беа против можноста за продолжување на стажот. Тој вели дека можноста за продолжување на стажот врботените ја користеле од егзистенцијални причини со оглед дека има многу семејства во кои младите кои не се вработени живеат од примањата на повозрасните членови.

"Ние се залагаме да може на вработените во администрацијата да им се даде можност за предвремно пензионирање. Дали тоа ќе биде со откуп на стаж или друг начин што ќе го понуди фондот да се прекине работниот однос да се замине во предвремена пензија а тоа ќе значи да се отворат можности за вработувања на малди и стручни кадри" вели Дејановски.

Ќе се зголеми ли вработеноста на младите?

Како и да е, и синдикатот и експертите очекуваат дека со корегирање на можноста за останување на работа и по надминување на стажот Владата планира да овозможи шанса за вработување на перспективни кадри со оглед на висока невработеност кај младите.

„Една од целите на владата можеби е да се зголеми стапката на вработеност. Затоа што на овој начаин младите остануваат без работа, а повозрасните до 67 продолжуваат да работат. Се надевам дека согласно програмата за подобрување на економската состојба има поголем притисок врз пензионерите да ослободат место за младите. Тоа би било очекувано и оправдано решние на владата. Тоа е чисто политичко решение на Владата, но има легимитет тоа да го прави"вели професорот Поповски.

Бројките со невработеност особено кај младите се уште достигнува 50 проценти.

Пренатрупана, неефикасна, партизирана администрација, се само дел од забелешките и на меѓународниот фактор и на домашните аналитичари, а за тоа забележуваше и СДСМ, додека беа во опозиција. Во изминатите неколку години се најавуваа реформи без отпуштања на вработени, а преку реорганизација на институциите.

Поповски порачува дека мерката со пензиите што сега се планира би била оправдана ако на секои тројца вработени што ќе се пензининираат се вработи по едно лице.

"Ако мерката се усвои и ако сите места се заменат со нови вработени, не би била целосно успешна. Но ако заминат еден контигент од 100 проценти со новите мерки а се пополнат 50 проценти, тоа значи и обнова на администратијата а во исто време и намалена бројка на вработени во администрацијата што би имало и поволни буџетски ефекти. Но ако се замени со истиот број тоа би било неприфатливо, значи мерката би промашила дел од своите цела. " вели Поповски.

Премиерот Зоран Заев по средбата со преставници на стопанските комори деновиве рече дека 10.000 работници постари од 64 години, односно од 62, ќе мора да одат во задолжителна пензија со законот кој ќе биде изгласан во првите 100 дена од новата Влада. Тој, исто така, најави и можност за предвремно пензионирање со докупување стаж.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG