Достапни линкови

Издавање лични документи и свидетелства - проблем или дезинформација?


Илустрација - Пасоши

Граѓаните се жалат дека не можат да извадат лични документи. МВР демантира, тврди дека застој има само во Скопје, не и во другите градови. Поранешниот министер Павле Трајанов вели никој не може да им гарантира на граѓаните дека без проблем ќе можат да патуваат со истечена важност на пасошот.

Граѓаните не можат да закажат термин за сликање за нов пасош во министерството за внатрешни работи затоа што телефонските линии постојано се зафатени. По десетици обиди денеска не можевме да стапиме во контакт со службите за закажување на термин за пасош, Во изминатиов месец граѓаните се жалат дека не можат да извадат ниту лична карта, а тие што си купиле автомобил не можат со месеци да добијат регистарска табличка.

Од министерството за внатрешни работи на прашањето на што се должи застојот во издавањето на лични документи велат дека станува збор за класична дезинформација затоа што има доволно лични карти и патни исправи од сите типови. Оттаму велат дека одговараат на сите барања на граѓаните, кои се во енормно зголемен број, поради тоа што граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите од причина што поради ковид кризата границите беа затворени.

„Подолг е периодот за добивање термин за аплицирање само во Скопје, додека во останатите градови закажувањето е тековно. Само за илустрација, дневно во кол-центарот се регистрираат во просек по околу 3.000 јавувања/закажувања, а преку веб страната по околу 1.000 закажувања. Има мал застој во издавањето на одреден тип на возачки дозволи, но деновиве се очекува да пристигне пратка со обрасци, со што ќе се надмине и овој застој“ се вели во одговорот на МВР за РСЕ.

Со измени на законот за патни исправи кој стапува на сила од 1 јули годинава, важноста на пасошот, дипломатскиот пасош и службениот пасош, чиј рок на важење е истечен се продолжува до 31 декември 2021 година, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник во Собранието Павле Трајанов вели дека таквата состојба ќе им направи проблем на граѓаните кои ќе патуваат во странство. Тој вели дека може да се очекува некаква флексибилност од пограничните службеници во земјите од регионот за македонските граѓани кои со истечена важност на пасошот ќе патуваат, но не и во другите земји.

„Не верувам дека секој припадник на гранична полиција ќе биде информиран и дека ќе може таквата измена на законот да се применува. Можно е да се соочат граѓаните со истечени пасоши со проблеми при преминување на граница и ги советува тие граѓани да имаат верификација со печат од полиција дека нивниот пасош иако е со истечен рок, дека има важност до 31. 12. 2021 година. Без таква белешка од полицијата верувам дека ќе се соочат со проблеми и сметам дека е ризик да се патува надвор од земјава без таква белешка“, вели тој.

Трајанов предупредува на можни проблеми при патување со истечен пасош
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00
Директен линк


Од Министерството посочуваат дека измената на Законот за патни исправи е направена со цел да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните кои поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантините и другите отежнати услови, во земјава но и надвор од неа, беа спречени навремено да ги продолжат своите документи.

Според Трајанов, застојот во издавање на лични документи најверојатно настанал поради ненавремено планирање и необезбедувањето на доволна количина на резерви за да се покријат евентуално зголемените потреби.

„Се знаеше дека поради пандемијата голем број на наши граѓани не се вратија, дека им е истечен пасошот и мораше службите кои се задолжени затоа да обезбедат резерви, се знае колку пасоши се издадени досега, до кога им е важноста. Сепак треба да се види надлежните служби кои ги изготвуваат зошто затаиле. Сега гледаме има проблем и со други документи како на пример свидетелствата. Не е доволно само да бидете присутни во јавноста, министрите треба да водат сметка како им работат службите и ресорите, што им фали, што им недостасува, и навремено да се набавува и планира за да не им нанесуваат штета на граѓаните“ вели Трајанов.

Опозицијата ја обвинува власта дека ова е последица од нејзината неспособност и корупција. Порпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски изјави дека обрасци за лични документи има за криминалци и за луѓе со сомнително досие, но не и за обичните граѓани на Македонија.

„Патни исправи, пасоши, за македонски државјани во МВР- НЕМА. Ама затоа македонски пасоши имаат 214 белосветски мафијаши со потерници, за шефови на нарко-картели од Србија, Албанија, од Црна Гора. Имало пасоши за мафијаши и извршители од Јужна Америка до далечниот исток, имало пасоши за терористи, за клановите од Италија и Мексико. Ама пасоши нема за македонски државјани!“ изјави Стоилковски.

Во однос на проблемите со регистарските таблички на кои се жалат граѓаните во изминативе три месеци од МВР велат дека е надминат.

„МВР спроведе нова постапка и согласно отворената рамковна спогодба за набавка на регистарски таблички за моторни возила, по спроведената електронска аукција, како и по истекот на законските рокови за поднесување на жалба на 17.06.2021, склучена е Рамковна спогодба со економскиот оператор Квантум Скопје. Со потпишаната Рамковна спогодба се решава застојот во издавањето на табличките, т.е. во наредниот период ќе следат тековни испораки на сите видови на обрасци од регистарски таблички за кои се прават поединечни договори за нарачка. Со ова очекуваме целосно нормализирање на состојбата со издавање на таблички во периодот што следи, се вели во одговорот на МВР.

И сведителствата проблем

Последната информација дека учениците нема да добијат свидетелства затоа што не бил навремено спроведен тендерот за набавка на обрасци дополнително ја вознемири јавноста. Навреме свидетелствата ќе ги добијат учениците што завршија деветто одделение и матурантите бидејќи им се потребни за упис во средно училиште и за факултет. За другите ученици Бирото за развој на образованието дополнително ќе информира кога ќе бидат поделени свидетелствата.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков дека во неговото досегашно 30 годишно искуство не се сретнал со ваков проблем. Тој вели дека соопштението до Бирото за развој на образование дека не можело да се доделат свидетелства поради пандемијата во услови кога се олабавени сите мерки не држи вода.

„По сега изгледа дека се работи за незавршена тендерска документација и ненавремено реализирање на тендерот за печатење на свидетелства. Веројатно институциите на системот затаиле во овој случај, но велам веројатно затоа што ние сме информирани што се случува. Но, очигледно е дека има проблем, тоа не е некоја сума на пари која би претставувала проблем за државата, но навистина е невообичаено да не заврши учебната година така како што е пропишано по закон“ вели Неделков.

Од Средношколскиот сојуз реагираат дека не се објаснети причините за проблемот со свидетелствата и потсетуваат дека иако тие се бесплатни, во некои училишта од децата биле барани пари за нивно издавање. Тие велат дека месецов нема да добијат свидетелствува за оваа образовна година, која, како што тврдат, поминала целосно одржана преку неквалитетна он лајн настава со слабо обучени професори.

„Мораме да нотираме уште еден процес кој што не оди во прилог на средношколците. Откако задоволството на социјализацијата им беше одземено, сега им е одземено и задоволството да се гордеат со своите успеси преточен во свидетелство. Бирото за развој на образование од необјасниви причини од оваа година не ги обезбеди свидетелствата за сите средношколци на ниво на државата“ вели средношколецот Лука Павиќевиќ.

Чулев: Алармантна е ситуацијата со обрасци за пасоши

Спасовски vs. Мицкоски за аферата фалсификувани пасоши

Проблемите со недостатоци на документи се повторуваат во изминативе неколку години. Минатата година во јануари настана проблем со недостаток на обрасци за патни исправи но и за лични карти и возачки дозволи. Тогаш техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО – ДПМНЕ Наќе Чулев алармираше дека месец дена нема да се издаваат патни исправи затоа што доцни набавката на обрасци за биометриските документи. Тогаш власта и опозицијата односно Чулев и неговиот претходник од СДСМ актуелниот министер Оливер Спасовски се обвинуваат меѓусебно кој направил пропуст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG