Достапни линкови

Спасовски vs. Мицкоски за аферата фалсификувани пасоши


Илустрација - Пасоши

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вечерва информираше дека е сузбиена група која издавала македонски пасоши на странци со туѓ идентитет. Уапсени се девет полициски службеници, а против 10 лица се поднесени кривични пријави

Во голема полициска акција попладнето се уапсени девет полициски службеници кои биле дел од синџир за фалсификување патни исправи и лични документи. Тие се приведени под сомневање дека изработувале пасоши за криминалци кои биле барани и со меѓународни потерници. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вечерва (06.04.2021) одржа прес конференција на која соопшти дека МВР уапсило криминална група од девет членови кои биле вработени во управната служба на МВР и давале патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет.

Првиот полицаец информираше дека 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин добиле патна исправа под туѓ идентитет. Едно лице било посредник меѓу барателите и службените лица.

„Службените лица делото го извршиле на начин спротивен на одредбите за издавање на патни исправи, со што овозможиле 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да се стекнат со патна исправа под туѓ идентитет. Поддршка било и лице, посредник, помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица. Беше утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се дел од меѓународни криминални групи, нарко картели, лица инволвирани во кривични дела, односно лица со висок ризик за кои има и меѓународна потерница. До ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против 10 лица, од кои 9 се приведени, а утре ќе бидат предадени на Обвинителството и судот“, рече Спасовски.

Вчера ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение од брифинг, а денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција обвини дека власта им издавала македонски пасоши и документи на балкански наркобосови со лажен идентитет. Тој најави дека до Обвинителството ќе ги испрати сите документи за т.н. афера „Мафија“, кои ги добиле преку свиркачи и побара експресна реакција од надлежните органи.

Во однос на брифингот кој вчера го организираше ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски вели дека е обид за саботажа на истрагата.

„Сакам да упатам порака дека со опструкции и саботажи нема да не спречат во пресметката со криминалните структури, бадијала се трудат. Нема да не поколебате. При реализација на оваа акција се соочивме со саботажа, која за среќа не успеа. Директно од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беа пласирани информации за истрагата, со што можеше да се загрози се она што се сработи од полициските службеници, меѓународните партнери и Интерпол. Откако овие обиди беа пресретнати, се продолжува со лажни вести дека оваа акција била почната кога министер бил Наќе Чулев, а потоа МВР не презела ништо. Ова не е вистина. Оваа акција е започната 20 февруари 2019 година, кога првпат е доставен допис до обвинителството. Одговорност за ова мора да има“, рече Спасовски.

Мицкоски рече дека аферата потврдува дека власта е во спрега со мафијата и дека ова не само што има негативно влијание дома, туку се одразува и регионално. Тој приложи докази дека двајца, како што рече тој, „членови на високи мафијашки структури од Србија и Турција, Јован Вукотиќ и Седат Пекер, добиле македонски пасоши со туѓ идентитет“.

„Аферата „Мафија“ потврдува дека Владата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските нарко – босови. Барани поради организиран криминал, наркотици, убиства, насилство, државата станала услужен центар и логистика на сериозни криминални милјеа овозможувајќи заштита. Свиркач достави информации дека постои организирана мрежа за изработка и издавање на патни исправи, пасоши кои се давале на високи мафијашки структури и тоа директно во министерството за внатрешни работи. Најскапото се добивало најевтино. Се работи за легални пасоши, одобрени, изработени и издадени од министерството за внатрешни работи и полициски структури но со украден идентитет“, вели Мицкоски.

За оваа „афера“ вчера од неговата партија ги брифираа новинарите, но потоа се огласи и јавната обвинителка Вилма Русковска, која рече дека „ќе почека постапка од МВР“.

По прес-конференцијата на Мицкоски, денеска реагираше и владејачката СДСМ.

„Дали Христијан Мицкоски намерно пласираше информации во јавноста за да се саботира голема полициска акција на нашите институции, МВР и меѓународни органи со помош на нашите стратешки партнери, саботажа која не успеа?“, се вели во писмената реакција од социјалдемократите.

Од СДСМ очекуваат официјални информации од надлежните институции кои како што велат од СДСМ треба да покажат дали Христијан Мицкоски одработува за криминалци.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG