Достапни линкови

„Западнобалкански КВАД“- нова иницијатива без сите земји од регионот


Министрите за надворешни работи, на Северна Македонија, Бујар Османи, на Албанија, Ољта Џачка, заменик-министерот на Косово, Крешник Ахмети и советникот за надворешна политика на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ
Министрите за надворешни работи, на Северна Македонија, Бујар Османи, на Албанија, Ољта Џачка, заменик-министерот на Косово, Крешник Ахмети и советникот за надворешна политика на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ

Македонското Министерство за надворешни работи лансираше нова регионална платформа за целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Србија и БиХ не се дел од иницијативата. Официјално Скопје и Подгорица уверуваат дека не загрозува друга регионална иницијатива, а Тирана и Приштина без коментар.

Европска четворка или „ЕU Quad “. Вака е именувана најновата иницијатива или неформален форум во кој главни актери се Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Иницијативата која, според најавите, треба да обезбеди регионална стабилност ја промовираше македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи по неодмнешната средба во Скопје со албанската колешка Ољта Џачка, заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети и советникот за надворешна политика на премиерот на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ. Иако и иницијативата е промовирана како регионална во неа ги нема ниту Босна и Херцеговина, ниту Србија.

Она по што се усогласени четирите западно-балкански земји во КВАД со надворешната политика на ЕУ е руската инвазија на Украина и воведувањето на санкции за Русија.

„По агресијата на Руската Федерација врз Украина, усогласувањето со ЗНБП, но уште пошироко со позициите и вредностите на демократскиот свет, се претвори во еден од најважните приоритети на земјите аспиранти за членство во ЕУ, но и како јасна порака каде овие земји припаѓаат“, порача Османи по воспоставувањето на неформалниот форум QUAD/КВАД.

Санкциите кон Русија - заеднички за членките на КВАД

Беше потенцирано дека секоја од четирите земји поединечно, се покажала како доверлив партнер на НАТО и ЕУ, со усогласување со режимот на санкции на ЕУ и САД, но и преку конкретна хуманитарна и друга техничка помош за Украина.

Веста за оваа иницијатива помина незабележано во македонската јавност. Дел од медиумите го пренесоа соопштението од Министерството за надворешни работи, но сосема изостанаа реакции од политичките партии и експертската јавност.

За целта и потребата од оваа платформа, во услови кога Македонија е дел од други регионални иницијативи, РСЕ побара објаснување од министерот Османи.

Тој вели дека иницијативата, е еден од поважните елементи за регионалната стабилност и еден од приоритетите во преговорите со ЕУ и интегративниот процес и додава дека во неа се четирите земји кои 100 процентно ја усогласиле нивната надворешна политика со таа на Европската Унија.

„Ние сме партнери од доверба на ЕУ, посебно во услови на војна на континентот и тоа треба да се цени и да се валоризира. Значи тоа беше целта на промовирањето на оваа група на земји коишто имаат постигнато 100 % усогласеност. До членство на целиот регион ќе мора и останатите држави да ја усогласат својата надворешна политика. Ова е еден вид промоција на тоа што сме го постигнале пред ЕУ се разбира и повик сите од овој регион конечно да се дефинира геополитички“, изјави Османи.

Земјите од регионот веќе се дел од слични иницијативи. Меѓу нив е и „Отворен Балкан“ која има за цел да ја подобри слободата на движење на стоки, услуги и луѓе. Основана е во 2019 година како Мини Шенген, а потписници се Србија, Македонија и Албанија. Досега во рамките на „Отворен Балкан“ се потпишани билатерални и трилатерални договори. Пред месец и половина македонското Собрание ги ратификуваше законите од Отворен Балкан, што значи укинување на работните дозволи и слободен пазар на трудот за Македонија, Србија и Албанија.

Берлинскиот процес пак е основан во 2014 година на иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Иницијативата служи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјални претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Нејзиниот фокус е создавање на заеднички регионален пазар.

Не се загрозени другите иницијативи на Западен Балкан

Од македонското МНР уверуваат дека новата ЕУ Квад иницијатива е автентична и на ниту еден начин не се поврзува или загрозува било која друга регионална иницијатива.

„Ова не е иницијатива во којашто се исклучува или прозива која било земја. Напротив е само рефлектирање на една фактичка состојба на земји кои успеале во еден тежок регион да постигнат 100 усогласување и во услови кога има сомнежи за кредибилитетот и потребната брзина на овој процес ние покажуваме дека сме сериозни партнери на ЕУ и се надевам дека многу брзо сите шест ќе бидеме 100 процентно усогласени“, уверува македонскиот шеф на дипломатијата.

На иста линија е и официјална Подгорица. Потписникот на иницијативата и советник на црногорскиот премиер за надворешна политика, Ѓорѓе Радуловиќ вели дека Западнобалкански QUAD не е дел од ниту една друга регионална иницијатива, туку е исклучиво поврзана со европската интеграција на регионот.

„Имајќи предвид дека во моментов беснее војна на европскиот континент, ЕУ е целосно и особено посветена на заштитата на европските вредности преку усогласување на единствената Заедничка надворешна и безбедносна политика, како и прашањето за миграцијата. Платформата не е ексклузивна и резервирана само за четири земји, туку во неа се добредојдени и другите земји од регионот доколку одлучат целосно да се усогласат со надворешната и безбедносната политика на ЕУ“, рече Радуловиќ за РСЕ.

Но, од друга страна формирањето на оваа иницијатива наиде на критики од просрпскиот Демократски фронт, партија која ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“ и е блиска до српскиот претседател Александар Вучиќ. Кнежевиќ иницијативата ја нарече самит за „Голема Албанија“.

„Зарем не е убаво да се види советникот на Дритан (Абазовиќ) на самитот за Голема Албанија. А во Отворен Балкан не сакаме, додека не излезе Србија. „Достојни“ предци од Скадар и Мојковац. П.С. Се пропадна, ако може и повеќе од ова“, напиша на Твитер еден од лидерите на оваа партија Милан Кнежевиќ.

Колкав е интересот за новата иницијатива?

Од Министерството за надворешни работи на Албанија за РСЕ не сакаа ништо да коментираат околу иницијативата КВАД, а незабележано помина и во Приштина.

Од македонското Министерство уверуваат дека преку активности ќе покажат дека целосното 100% усогласување со безбедносната и надворешна политика на ЕУ е позитивна и важна работа како за самите земји, така и за самата Унија. Нивното објаснување е дека тоа создава припадност кон вредностите на демократскиот свет, носи предвидливост, стабилност и сигурност и на крајот создава европски кредибилитет на земјите кои и самите претендираат да бидат дел од Унијата.

Секоја година ЕУ поднесува извештај за тоа колкава е усогласеноста на земјите кандидатки за членство со европското законодавство. До пред 2 години таа усогласеност за Македонија изнесуваше 92, 6 проценти. Моменталната усогласенот од 100 проценти, е јасна порака до ЕУ дека сме доверлив партнер и сме подготвени за членство, категоричен е Османи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG